Како што е во бизнисот и стопанството така и во политиката, мера и показател за вистинскиот ефект на секој поединец треба да бидат квалитетот, конкурентноста и продуктивноста. Да се оценува колку и со што секој министер и секој функционер придонел за добросостојбата на државата и во интерес на граѓаните. Тоа, веројатно, ќе биде и појдовна точка за намалување, па дури и за исчезнување на политичките камелеони што ја исцицаа државата, без да мрднат и со малиот прст и без око да им трепне
Ротацијата на функционери и министри од еден во друг ресор е добро позната политичка практика во Македонија. Речиси и да нема владејачка гарнитура, од независноста досега, во која немало промена на ресорите или популарно наречено шалтање на политичарите од едно во друго министерство.
Има министри што промениле и по три-четири, па и повеќе министерства. Притоа некои од овие министерства и вооппшто не биле сродни во проблематиката што ја третираат. Но она што веројатно е наш домашен политички куриозитет е неменливоста на одредени политичари и министри, кои слободно може да се наречат функционери за сите времиња и сите „режими“.
Така, на пример, имаме функционери и министри што служеле и по неколку мандати во владата на Груевски на разни позиции, за време на „режимот“, нели, а сега играат во тимот на Заев, повторно на долги патеки и во неколку мандати. Кадрите на ДУИ се константа во власта веќе 18 години, скоро со истите лица, кои само ротираат од една на друга позиција. Иако оваа партија по редица параметри не може да се нарече победничка, уште помалку модерна, реформска и прогресивна, таа секогаш е дел од извршната власт. И тоа е веројатно уште еден од многубројните македонски политички парадокси. Впрочем, вчера ова го потврди и претседавачот или старо-новиот претседател на Собранието, кој на продолжението на седницата нагласи дека треба да се дорегулираат Деловникот и одредени законски акти за да не се случуваат толкав број парадокси.
Генерално земено за најспособните кадри, се разбира, секогаш треба да има место во раководните структури на државата, но граѓаните досега не го почувствуваа тоа. Нема видливи и опипливи резултати дека домашните политички камелеони, од власта и од опозицијата, нешто направиле за граѓаните и за државата.
Со години не се забележува исчекор во која било област. Сега во услови на глобална пандемија состојбите се веројатно и уште позагрижувачки. Тоа може да се провери и потврди од извештаите и рангирањата на реномирани и влијателни меѓународни тела и органи во кои е вклучена и Македонија. Затоа задачите и одговорноста на сегашната гарнитура функционери и политичари е, веројатно, и многу потешка и многу поголема.
Се запрашал ли некој како досега и покрај толку „способни“ и вечни функционери и министри не ни цветаат розите во економијата, дипломатијата, здравството, финансиите, екологијата, образованието… Грешките и пропустите во некои од споменатите ресори се толку големи што се мерат и со изгубени човечки животи, урнисан образовен систем, омаловажена дипломатија или алармантно загадена животна средина и уништени шуми. Може ли да бидат високи фунционери луѓе што го дозволиле сето ова. Па изгледа дека може. Затоа што во политиката не се пресудни и не се мерат впечатоци, емоции, импресии на граѓаните за одреден политичар, туку неговата послушност, лојалност кон лидерот.
Вечните фунционери и министри имаат „квалитет плус“, а тоа е нивната способност за политичко приспособување. Некои тоа го нарекуваат и политичко камелеонство.
Сево ова со ротирањето и политичките рокади на одреден начин потсетува и асоцира на шахот. Во оваа древна игра има потези што се нарекуваат мала или голема рокада. Се прават најчесто за да се заштити кралот како клучна фигура од напади и опасности од противникот. Политиката, сепак, не е шах и не е игра… Но и во политиката рокадите или популарно наречени ротации на политичари се прават за да се заштитат лидерот, мандатарот или премиерот, сеедно од какви било изненадувања и непредвидливи ситуации. Во шахот секоја фигура различно тежи и се вреднува. И во политиката исто така. Не се исти пион, топ, коњ, ловец или кралица, иако и пионот во одредени ситуации може да стане моќна фигура или, пак, да биде свесно жртвуван за повисоки цели. Во политиката, исто како и во шахот, има многу пиони што посакуваат да станат моќни фигури, како министри, вицепремиери, директори итн. Затоа со шаховски жаргон кажано кој е топ, коњ, пион или крал во политиката и какви потези ќе влече ќе видиме во периодот што следува. Она што е најважно е партијата да не се загуби и штетата повторно да ја платат државата и граѓаните.
За тоа какви се надежите и очекувањата од старо-новата влада најдобро е да се почекаат првите потези и мерки. Но повеќе од јасно е дека тие несомнено мора да бидат во насока на поддршка и помош на економијата, справување со пандемијата и дефинирање на моделот на образование во услови на корона.
Тоа се трите клучни приоритети на новата влада. Во секоја од споменатите области се потребни силни, робусни и енергични мерки. Козметички интервенции нема да помогнат. Од преземените мерки и потези токму во овие сектори ќе зависи во кој правец ќе тргне државата. Дали кон излезот од тунелот или уште подлабоко ќе заглави во него.
Да не остане незабележано, за поздравување е најавеното намалување на бројот на министерства и укинувањето на министрите без ресор. Сепак, ќе треба да се види со која динамика, посветеност и во колкав обем сево ова ќе се спроведе. Да не потпадне уште од почеток оваа мерка во категоријата политичка пропаганда и пиар. Не треба да се дозволи заради задоволување на партиските апетити на коалициските партнери укинувањето на посочените 7 министерства да се анулира или компензира со отворање нови секретаријати, директорати или други форми на државни институции. Така, вишокот партиски кадри би се префрлиле само од едно место на друго и ништо не би се постигнало. Нашиот народ има убаво изрека за ова и вели претурање од шупливо во празно. Затоа оваа реформа не смее да биде само во насока на промена на фотелјата на политичките камелеони туку во насока на суштинска рационализација во интерес на граѓаните и буџетот на државата.
Мандатарот најави дека првата работа што ја побарал од новите кандидати за министри во идната влада е работливост и дека би почитувал доколку се ангажираат и повеќе од 8 часа дневно. Сето тоа е во ред, но работливост, сепак, не е исто со продуктивност и ефикасност.
Некој може да биде работлив, да има желба нешто да направи, но на крајот ефектот од тоа да е рамен на нула. Како што е во бизнисот и стопанството така и во политиката, мера и показател за вистинскиот ефект на секој поединец треба да бидат квалитетот, конкурентноста и продуктивноста. Да се оценува колку и со што секој министер и секој функционер придонел за добросостојбата на државата и во интерес на граѓаните. Такви сондажи, мерење и оценувања на продуктивноста на политичарите треба да има континуирано. И тоа да се однесува не само на Владата и министерствата туку и на законодавната и на судската власт во државата.
Тоа, веројатно, ќе биде и појдовна точка за намалување, па дури и за исчезнување на политичките камелеони што ја исцицаа државата, без да мрднат и со малиот прст и без око да им трепне.