Ова е време кога политичарите, наместо обвинувања за неспособност и задоцнето дејствување, треба во правец на националниот интерес да ги препознаат своите приоритети и адреси на дејствување и да се концентрираат максимално на заштита на здравјето на граѓаните како јавно добро преку заедничко здружено функционирање и координација. Впрочем, техничката влада меѓу другото е составена од претставници и на власта и на опозицијата и целокупните нивни активности треба да се насочат во дејствување против опасностите од пандемијата
Политичкиот консензус за одложување на изборите и воведување вонредна состојба на граѓаните им испрати позитивна порака дека конечно нашите политички елити навестуваат заедничко здружено дејствување во борбата за спречување на ширење на коронавирусот, што практично значи и борба за спасување на животите на граѓаните, но и превенирање од сите можни штетни последици во сите сфери на живеењето.
Но, за жал, ваквите надежи за заедничко здружено дејствување на политичарите брзо паднаа во вода. Јавноста и медиумите само изминативе 24 часа регистрираа низа партиско-политички несогласувања, меѓусебни обвинувања за тоа како се справуваме со опасноста. Коронавирусот длабоко навлезе и во политиката и ја инфицира и онака заболената партиско-политичка сфера, која најдобро се снаоѓа со напади и критики. Очигледно некому и во вакви вонредни услови и околности поважна му е борбата за власт отколку за здравјето на луѓето и на државата.
Светот објави пандемија и повика на војна за опстанок на човештвото. Планетата е во судир со коронавирусот, а во Македонија, покрај овие опасности, очигледно си боледуваме и од популизмот, лажните вести и валканите битки за политичка превласт.
Ова е време кога политичарите, наместо обвинувања за неспособност и задоцнето дејствување, треба во правец на националниот интерес да ги препознаат своите приоритети и адреси на дејствување и да се концентрираат максимално на заштита на здравјето на граѓаните како јавно добро преку заедничко здружено функционирање и координација. Впрочем, техничката влада меѓу другото е составена од претставници и на власта и на опозицијата и целокупните нивни активности треба да се насочат во дејствување против опасностите од пандемијата.
Оттука, какво било потценување или, пак, политичко надмудрување со коронавирусот и собирање политички поени и на власта и на опозицијата, може да доведе до игнорирање на препораките за претпазливост, а со тоа и до намалување на ефикасноста на мерките против ширењето на вирусот.
Нападите меѓу партиите немаат ефекти и овие дејствувања не се одбрана за вирусот, а политичките кавги не го уништуваат смртниот вирус. На граѓаните во овој момент не им требаат политички кавги и обвинувања за пропусти и задоцнети реакции, туку очекуваат перфектна координација во дејствувањето, за секој да може да помогне во битката таму каде што е најпотребно. Битката за власт и собирањето ситни политички поени може да се остават за други времиња, бидејќи во овој момент тоа е најмалку важно. Во овој момент врвен приоритет на општеството и на државата што ги менува и одложува сите други политички активности треба да е секој напор за спасен живот, секое намалување на бројката на заболени и заштита на нашата економија и материјални добра.
Во ова здружено државно дејствување против коронавирусот сите треба да го дадат својот максимум, почнувајќи од претседателот на државата, политичарите на техничката влада, државните институции, политичките лидери и партиското членство, невладиниот сектор итн. Воведената вонредна состојба практично значи и општа мобилизација на сите за превенција и што побрзо стопирање на заразата.
Во успешната битка со болеста ќе има многу предизвици и обврски за сите нас, односно за политичарите, за армијата, за полицијата, за деловните луѓе, за тие што ќе останат дома изолирани, но најмногу за медицинарите и за здравствените работници. Ним, на медицинарите и на сите оние што се во првите борбени редови, секако, треба да им се оддаде посебно признание.
Сите сплотени заедно и целосно одговорни кон предизвикот сме си истовремено и наша најголема надеж, но и наш единствен спас од коронавирусот.
Сега, кога здравјето е во прашање, да покажеме дека сме зрели за предизвикот пред кој сме исправени досега и време е да се стави пауза за политичките поделби, меѓусебните кавги, политичкиот речник и негативните кампањи.