Без да навлегуваме во тоа кој што добива или губи во моментов со договорите постигнати на таканаречените лидерски средби, треба да се изрази длабоко несогласување со овој начин на „решавање“ на отворените прашања, бидејќи така никогаш нема да се постигне напредок во зајакнувањето на демократијата и во владеењето на правото. Официјалните претставници, пред сѐ на Европската Унија, треба конечно да разберат оти со иницирањето на таквите акции директно придонесуваат за ослабување на квалитетот на демократијата и на улогата на институциите. Уште полошо, ги прават бесмислени
Со години репетираните пораки дека политичкиот дијалог треба да се врати во Собранието беа, а колку што може да се слушне, и сѐ уште се еден од ретките моменти околу кој сите се согласуваат. Но само декларативно. Ги испраќаа, помалку или повеќе нагласено, домашните и меѓународните политички чинители, од позицијата на власт и на опозиција, експертски обмислено и во лаички интерпретации, усно и написмено…
Трагите се мошне видливи. Водат до архивите со објавените интервјуа, препораки, извештаи, соопштенија, заеднички и индивидуални изјави… Една од нив е препораката дека „власта и опозицијата имаат заедничка одговорност за враќањето на политичкиот дијалог во парламентот и за обезбедувањето соодветни услови за негово функционирање“, што се наоѓа речиси во сите извештаи на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија во изминативе неколку години. Втората е една од декларациите на Парламентарното собрание на Советот на Европа, во која, меѓу другото, се вели дека е потребно институционално водење на политичкиот дијалог во Македонија.
Сепак, решение за најновите несогласувања помеѓу власта и опозицијата околу идниот состав на Државната изборна комисија, повторно почна да се бара под кафеанските маси, на таканаречените лидерски средби, зашто тоа го налагал „исклучителниот политички момент“. Имаше уште неколку чудни фрази во објаснувањето на владината прес-служба, а чие повторување подобро е да се избегне, зашто тешко седнува на желудникот. Да се надеваме оти си ги читаат.
Она што е клучно во целава ситуација е повторно, којзнае по кој пат, да се постави прашањето чуму ни е Собранието и зошто ги плаќаме оние 120 пратеници и трошоците за функционирање на законодавниот дом ако неколку души, во кафеана, можат да ги решаваат клучните прашања за државата.
Но да почнеме од почетокот. Веќе недозволиво долг период фамозните лидерски средби се толерираат како највлијателен неформален начин за решавање политички кризи и несогласувања. Речиси без исклучок, иницијатор и медијатор на лидерските средби е меѓународниот фактор, преку разни странски дипломати во земјава, специјално за тоа испратени претставници и посредници од одделни земји и организации. Притоа, институциите на системот се третираат како последна алка, преку која само треба да се формализираат одлуките донесени на лидерските средби. Повеќето од нив се покажаа како неиздржани и неодржливи. Таков случај имаме токму со изборната регулатива, во рамките на која и начинот на формирањето на највисокиот изборен орган за што деновиве се дебатира. Тој што сака да памети, знае оти пред секое гласање во изминативе над две децении, набрзина се чистат масите од трошки во некоја од кафеаните за на јавноста да ѝ се сервираат нови изборни закони со сомнителен рок на траење. Ниту до наредните избори.
Веќе недозволиво долг период фамозните лидерски средби се толерираат како највлијателен неформален начин за решавање политички кризи и несогласувања. Речиси без исклучок, иницијатор и медијатор на лидерските средби е меѓународниот фактор, преку разни странски дипломати во земјава, специјално за тоа испратени претставници и посредници од одделни земји и организации. Притоа, институциите на системот се третираат како последна алка преку која само треба да се формализираат одлуките донесени на лидерските средби, а повеќето од нив се покажаа како неиздржани и неодржливи
Иако македонската политика, за жал, не познава подобар формат од лидерските средби за излез од честите политички кризи, дилемата за нивните долгорочни штети и ефекти постојано е присутна. Но очигледно не е доволно изразена за еднаш засекогаш погрешната практика да биде елиминирана и за сериозните теми да почне сериозно да се зборува на за тоа определени места – во институциите.
Наспроти тоа, сега повторно имаме ситуација демократски процеси, на кои, очигледно, само декларативно се повикуваат и носителите на власта и опозицијата и претставниците на ЕУ, повторно да бидат запрени, а граѓаните уште еднаш да мора да се запрашаат зошто за клучните државни прашања се разговара зад затворени врати во угостителски објекти наместо во државните институции. И зошто повторно сѐ што ќе ѝ биде дозволено на јавноста да дознае во однос на тоа кој ќе менаџира со нејзините гласови, ќе се сведе на една заедничка фотографија и кратки изјави или соопштение од неколку стерилни реда.
А токму таквите практики, иако често резултираа со краткотрајни деблокади на политичките дијалози, уште почесто доведуваа до блокади и до одложувања на битни демократски процеси. Тоа е загрижувачки факт, особено што во кафеанските сеанси, повеќе или помалку директно, беа вклучени токму меѓународните претставници во чии земји е незамисливо на тој начин да се усогласуваат законите.
Без да навлегуваме во тоа кој што добива или губи во моментов со таквите договори, треба да се изрази длабоко несогласување со овој начин на „решавање“ на отворените прашања, бидејќи така никогаш нема да се постигне напредок во зајакнувањето на демократијата и во владеењето на правото. Официјалните претставници, пред сѐ, на Европската Унија треба конечно да разберат оти со иницирањето на таквите акции директно придонесуваат за ослабување на квалитетот на демократијата и на улогата на институциите. Уште полошо, ги прават бесмислени, што е во апсолутна спротивност со прокламираните вредности на ЕУ и на она што се очекува на европскиот пат на Македонија.