Како и сѐ друго, и меѓународната помош поврзана со корона-кризата не остана имуна на обидите за политизација и политикантство во глобални рамки. Но дали Македонија ќе успее да одолее и да не биде вовлечена во политичките игри околу медицинската помош, кои во моментов се случуваат во Европа и во светот
Феноменот на меѓународната помош за справување со пандемијата на коронавирусот изминатиот период го преокупира внимание на домашната и на меѓународна јавност. Истовремено, оваа подадена рака за спасување човечки животи беше и предмет на најразлични толкувања, па дури и на обиди за политикантство, иако во основа се работи за хуманитарен и благороден чин. И наместо фокусот да се стави на борбата за превенција од ширење на вирусот и на спасувањето човечки животи, на помошта се гледаше низ диоптријата на приматели и даватели на помош.
Историјата нѐ учи дека кризите и напредокот на човештвото и пријателствата меѓу државите често одат заедно, рака под рака.
Коронавирусот можеби станува не само голема здравствена криза туку исто така и криза на глобализацијата и на дејствувањето на меѓународната заедница во вакви исклучително тешки моменти.
Глобалната пандемија и кризата со коронавирусот ја ставија на испит целата меѓународна заедница, но и вредностите на кои се темели меѓународниот систем. Од друга страна, првите впечатоци за тоа како реагираат големите меѓународни организации или светски сили се, благо кажано, разочарувачки.
Од една страна, Брисел отворено се залага за поголема солидарност во услови на криза, но, од друга страна, Унијата потфрли во обезбедување на својата помош кон Италија, која во овие тешки времиња беше принудена да се потпре на помош од нетрадиционалните партнери надвор од Европа, како Кина и Русија.
Интересен феномен во овие турбулентни времиња е и тоа што, и покрај огромниот број заразени и починати од вирусот, западните држави започнаа да ја одбиваат кинеска медицинска помош затоа што, наводно, не била со квалитетот што го практикуваат тие. Меѓу земјите од Западна Европа што вратија кинеска медицинска опрема се Холандија, Словачка и Шпанија.
Доколку одредени европски држави, како што пишуваат светските медиуми, водејќи се од геополитички мотиви одлучиле да ја одбијат медицинската помош на Русија, Кина и Турција, нашата земја едноставно не може да си го дозволи тој луксуз. Или, уште поконкретно, не смее да дозволи да биде вовлечена во нечии туѓи игри на политикантство. Напротив, секој гест на солидарност и искажано пријателство во овие тешки моменти треба да се прифати, како што вели народот не гледајќи му на подарокот во заби.
Уште помалку понудената помош и подадената рака треба да бидат повод за политизирање или, пак, да се одбива меѓународна рака подадена за помош, по примерот на некои европски држави. Секој што сака да ни се придружи во битката за заштита на животите на нашите граѓани е добредојден, без разлика дали помошта пристигнува од Запад, Исток, Север или Југ.
Кога станува збор за спасување човечки животи, нема простор за тактизирање или за политички калкулации.
Во тој правец треба да се протолкува и изјавата на шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, кој побара од светските лидери да не се политизира пандемијата на коронавирусот.
Гебрејесус ги замоли политичарите политизирањето на ковид-19 да го стават во карантин.
Токму затоа, Македонија во овие моменти си има своја национална патека, која треба да си ја чекори водена од својот национален интерес, пред сѐ насочен во спасување животи и обезбедување неопходни предуслови за лекување на раните на нашата економија.
Во моментов човештвото и сите заедно имаме една опасност, а тоа е вирусот, кој ги зафаќа сите во земјава. Оние што раководат со државата треба да ги дадат своите максимални напори нашата земја да не се вовлече во лавиринтот која помош треба да се прифати, а која не, ниту, пак, земјата да биде ставена во позиција да избира со кого ќе соработува во борбата со вирусот.
Секоја подадена рака за хуманитарна помош што ќе спаси живот во Македонија треба да биде прифатена, бидејќи вистинските пријатели на земјата се гледаат и препознаваат кога е најтешко.
Во овие тешки времиња, за волја на вистината, се покажува дека Македонија има пријатели во светот, а на помош на нашата земја досега со конкретна медицинска помош, изразена во заштитна облека, респиратори и медицински маски и ракавици, пристигнаа карвани од Словенија, Унгарија, Турција, Норвешка и од Кина. Дополнителен факт за поздравување во целата ситуација е што државата информира дека слична конкретна помош во пари и медицинска опрема веќе најавиле и Холандија и САД.
Сето тоа покажува дека во битката не сме сами, а Македонија засега успева да одолее и да не биде вовлечена во политичките игри околу медицинската помош.
Кога целиот свет се соочува со заеднички и силен непријател, се очекува меѓусебно подавање рака, поголема заемна соработка, толеранција и рационалност во светот, а токму можеби стравот и загубите предизвикани од коронавирусот ќе ги разбудат политичките елити да ги поттикнат напорите здружено да му се застане на патот на вирусот, како најголем заеднички непријател.