А лажното чувството на сигурност лесно ги совладува политичарите. Особено додека сѐ уште им се аплаудира, додека медиумите им посветуваат многу внимание, додека известуваат афирмативно за нивните активности, додека сите им ставаат лајкови на социјалните мрежи… Така, тие си умислуваат дека се силни, важни и големи. Дека се недопирливи и дека сѐ им е дозволено. И тогаш ќе им се укаже шанса да зграпчат по нешто, да ги пикнат прстите во медот, не очекувајќи воопшто дека ќе им останат залепени
Една недела по реконструкцијата на Владата, не разбравме кој зошто е разрешен, а кој зошто е именуван на министерските позиции. Исто како што нема поединечни објаснувања ниту за многубројните разрешувања од пониските ешалони на власта што се во тек. Можеби затоа што јавноста, во меѓувреме, се занимаваше со неколку нови и со продолженија на неброените стари афери поврзани со луѓето од самиот врв на власта, која, пак, упорно настојува да ги држи отворени сите судски случаи поврзани со наводните деликти на претходната владејачка гарнитура. Со тоа, актуелната власт како да се штити од какви било критики и напади, како да се обидува да си обезбеди некакво чувство на сигурност, обвиткувајќи се со аферите на своите претходници како со дебела топла покривка.
А лажното чувството на сигурност лесно ги совладува политичарите. Особено додека сѐ уште им се аплаудира, додека медиумите им посветуваат многу внимание, додека известуваат афирмативно за нивните активности, додека сите им ставаат лајкови на социјалните мрежи… Така, тие си умислуваат дека се силни, важни и големи. Дека се недопирливи и дека сѐ им е дозволено. И тогаш ќе им се укаже шанса да зграпчат по нешто, да ги пикнат прстите во медот, не очекувајќи воопшто дека ќе им останат залепени. Најчесто, тоа им поминува, но има и ситуации кога бидуваат фатени по што, како целиот свет да им е виновен и јавниот говор, во кој политиката постепено веќе воведе критично количество ароганција, веројатно како компензација за резултатите, за испорачаното, го зачинуваат со бескрупулозност, закани и агресија. Кога го прават тоа ситни политички актери, оние од маргините на политиката, уште е и подносливо, може да се третира како обид за пробив на политичката сцена, па дури, доколку е збогатено со понекој комичен елемент, може да изгледа и симпатично, допадливо.
Проблем настанува, па дури може да се каже и оти станува критично, кога тоа го прават оние што го презеле управувањето со државата, кои би требало да се однесуваат одговорно, а тие со своето однесување не само што ја злоупотребуваат власта и ги кршат законите туку и придонесуваат кон создавање атмосфера во која навредите се охрабруваат, сарказмот се подразбира, а бескрупулозноста се наградува. Уште поголем проблем е што премиерот во сето тоа не гледа проблем
Проблем настанува, па дури може да се каже и оти станува критично, кога тоа го прават оние што го презеле управувањето со државата, кои би требало да се однесуваат одговорно, а тие со своето однесување не само што ја злоупотребуваат власта и ги кршат законите туку и придонесуваат кон создавање атмосфера во која навредите се охрабруваат, сарказмот се подразбира, а бескрупулозноста се наградува. Уште поголем проблем е што премиерот во сето тоа не гледа проблем.
Но ако се запрашаат психолозите или комуниколозите, тие сигурно ќе објаснат дека таквото однесување веќе не е израз на сигурност, туку на несигурност. Дека тоа не упатува на самодоверба во извршувањето на јавните задачи туку напротив, на нервоза. Нервоза поради тоа што јавноста сѐ почесто и полесно допира до нивните тајни, до трагите што ги оставаат нивните лепливи прсти.
А доколку премиерот и понатаму остане слеп за „нервозата“ на луѓето од неговото опкружување, кај некои од нив, дури и да не бидат изложени на посериозен притисок за понесување каква било одговорност за своите постапки и некако да ги истуркаат летните горештини, со навлегување во изборната година, нервозата ќе почне да прераснува во паника. Се разбира тоа е само уште едно лаичко предвидување, а бидејќи и политичката психологија е релативно нова дисциплина, сѐ уште во експерименталната фаза, далеку од нивото на кое би можела да ги генерализира, или барем систематизира досегашните искуства и наоди, дозволено е да се надеваме и на сосема спротивното.