Она што сега е најважно е системот да профункционира и децата да го почнат образовниот процес. Критиките секогаш се добредојдени, но во контекст на тоа како овој нов начин на образование да стане подобар, за децата да не останат без можност за едукација. Треба да се даде шанса, да се биде конструктивен, да се помогне онаму каде што се може, а не да се саботира, или да се креира општа слика дека сѐ не чини
Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот. Оваа реченица на многумина ќе им звучи како клише, како нешто што веќе го прочитале некаде, во некоја книга или по интернет-порталите. Но, во суштина, кога ќе размислите подлабоко, самите ќе заклучите дека образованието, учењето и знаењето се клучните сегменти преку кои еден човек може да созрее и да се подготви за животот. Првпат со учењето се среќаваме преку игра во градинка, потоа продолжуваме во задолжително основно и средно училиште, а поголемиот дел од луѓето завршуваат и факултет. Поминуваме околу 16 години од нашиот живот во формалното образование.
Проблемот настанува кога младите луѓе почнуваат да губат верба во образовниот систем, од различни причини, но најмногу зашто потоа тие не можат да најдат работа или, пак, нивниот труд не се цени и се чувствуваат онеправдани во целиот систем.
Оваа година, кога на светот му се случува нешто првпат, некако очекувано беше дека ние ќе каскаме со одлуките за почетокот на учебната година и со тоа на кој начин ќе се образоваат децата.
Иако имавме предупредувања од здравствените експерти дека може да нѐ очекува тешка есен, не само кога е во прашање коронавирусот, туку и со другите вируси, сепак, надлежните оставија за образованието да се решава во 5 до 12.
Националната веб-платформа преку која учениците ќе можат онлајн да се образоваат веќе два дена е достапна за тестирање. И наставниците и родителите и децата имаат можност да се вклучат, да ја користат и да ги воочат сите нејзини придобивки или недостатоци. И веднаш како по правило кај нас е да се појави општо незадоволство од оваа платформа. Децата и родителите имаа проблем да се вклучат во платформата и тоа го покажаа со револт на социјалните мрежи. Сепак, беше нагласено дека ова е тест-период, период на предизвици со кој ќе се соочуваат и оние што ќе ја користат и оние што ја создаваат и што ќе ја одржуваат. Затоа и овој период го има токму предзнакот „тест“. Во овој период треба да се детектираат и да се исправат сите или, пак, повеќето проблеми што може да се јават сега или подоцна и што во иднина можат да предизвикаат негативни последици.
Колкумина од револтираните активно се вклучија во решавање на проблемот, во интерес на децата и корисниците?
Отвореноста на институциите за соработка и прифаќање идеи е клучна. Министерството за образование не само што треба да прифаќа туку треба и да стимулира и поттикнува такви процеси, да ги анимира и родителите, но и експертите.
Затоа што две глави, секогаш подобро мислат од една. А крајната цел на оваа платформа, нели, не е децата само да не останат неписмени, туку да стекнат и поголемо знаење и повеќе вештини
Колку надлежните ќе можат да ги решат недостатоците на оваа платформа во од? Првиот чекор кога влегуваме во некој нов процес е најтежок и испреплетен со многу нејаснотии и предизвици. Но, нели, треба да му дадеме шанса?
Сепак, целта на оваа одлука за онлајн настава е заштита на населението од ширење на ковид-19.
Но она што сега е најважно е системот да профункционира и децата да го почнат образовниот процес.
Критиките секогаш се добредојдени, но во контекст на тоа како овој нов начин на образование да стане подобар, за децата да не останат без можност за едукација. Треба да се даде шанса, да се биде конструктивен, да се помогне онаму каде што се може, а не да се саботира, или да се креира општа слика дека сѐ не чини.
Тоа дека Македонија не е најсовршена, секој го знае, а и образованието е дел од тој општ систем и секако дека и тоа не е најсовршено, но беспредметните критики нема да го направат образованието слично на „Кембриџ“ или на „Оксфорд“, како што ситењето на социјалните мрежи од Македонија нема да направи Швајцарија или Данска.
Во општествена корист за сите е вклучување на повеќе знаења и на повеќе идеи.
Тоа мора да биде искрен и заеднички процес во кој ќе се вклучат сите страни, родителите, експертите, Министерството за образование. Родителите се дел од тоа и тие треба да посочат што е тоа што во ваквиот начин на учење им претставува проблем или, пак во кои сегменти има пропусти. Експертската јавност е онаа од која се очекува критиката да ја замени со предлози за подобрување на системот, и технички и суштински. Но сево ова би било залудно, ако Министерството за образование остане глуво.
Отвореноста на институциите за соработка и за прифаќање идеи е клучна. Министерството за образование не само што треба да прифаќа туку треба и да стимулира и поттикнува такви процеси, да ги анимира и родителите, но и експертите. Затоа што две глави, секогаш подобро мислат од една. А крајната цел на оваа платформа, нели, не е децата само да не останат неписмени, туку да стекнат и поголемо знаење и повеќе вештини.
Квалитетното образование не е привилегија, туку право на секое дете!