Со едно заедничко писмо од Македонија ќе биде испратена јасна порака до Брисел, кој е адресата на заедничкиот европски дом, во кој еднакво сакаат да бидат и граѓаните од земјите од Западен Балкан. Ова писмо може да биде препратено и до Софија, на која ќе ѝ се манифестираат недвосмислена порака и решителност дека „не преговараме за идентитетот и за јазикот“
Драг Оливер Вархеи,
со загриженост ја проследивме Вашата (пре)порака дека нашата земја Македонија треба да најде „заеднички прифатливи решенија со Бугарија“. Со Вашето истакнување на „важноста за брзо решение“ за билатералните прашања со нашиот источен сосед, ни се чини дека непотребно тоа го ставате како „најважен“ приоритет пред обврските за Македонија, како што се реформите на изборниот закон, владеењето на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите. Но сакаме да Ве информираме дека наоѓањето компромис со Бугарија е невозможно, затоа што нивните ставови се во спротивност на европските вредности, а тоа е дека секој граѓанин и секоја нација имаат право на самоопределување за сопствената националната припадност, но се и директна закана за зачувување на националниот идентитет на Македонците и посебноста на македонскиот јазик. Ве замолуваме за нашите позиции да ги информирате Вашите претпоставени во Брисел, а на нашиот драг сосед и на бугарскиот премиер Бојко Борисов, доколку се сретнете во блиска иднина, можете да им ја пренесете истата (пре)порака дека мораат да најдат „брзо и заедничко прифатливо решение со Македонија.
Со почит…
Ова би било дел од содржината на писмото што треба да биде испратено од македонските граѓани до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, по најновите јавни настапи на човекот што е задолжен за спроведување на политиките за проширување на Европската Унија. Добро е на ова писмо да се најдат и потписите на македонскиот министер за дипломатија, на актуелниот премиер Зоран Заев, но и на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски. Секако, доколку не го сториле тоа во досегашната редовна комуникација со нивните европски колеги!? Меѓутоа, со едно заедничко писмо од Македонија ќе биде испратена јасна порака до Брисел, кој е адресата на заедничкиот европски дом, во кој еднакво сакаат да бидат и граѓаните од земјите од Западен Балкан. Ова писмо може да биде препратено и до Софија, на која ќе ѝ се манифестираат недвосмислена порака и решителност дека „не преговараме за идентитетот и за јазикот“.
Еврокомесарот Вархеи, во препознатлив стил на европските бирократи, во една реченица ни го соопшти тоа што ни го кажа и по минатогодишната блокада од Бугарија за почнување на преговорите на Македонија за зачленување во ЕУ. Со истите зборови и интонација и со истиот студен израз на лицето, ни го пренесе непроменливиот став на Брисел – „најдете решение со Бугарија“! Добро, имаше и мала доза на оптимизам дека, ете, „Северна Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ-реформите“! Ваквиот негов настап, од македонската експертска јавност беше препознаен како директен притисок врз Македонија што поскоро да капитулира во однос на Бугарија и да ги прифати оние услови што се директна уцена. Факт е дека откако се виде дека има блокада од страна на Бугарија, Брисел ја смени својата реторика и сега нагласува дека доцниме со реформите, реформите не следат и слично, забележува македонскиот дипломат во пензија Ристо Никовски.
Едно друго писмо дава поинаков поглед во однос на „европските работи“ на Западен Балкан, кое е во спротивност со заложбите искажани од еврокомесарот за (не)проширување. Девет земји-членки на ЕУ со подолго писмо се обратија до шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, со барање на состанокот во април на министрите за надворешни работи на ЕУ да се одржи стратегиска дискусија за Западен Балкан и за неговите перспективи. Потписници на овој предлог се министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и на Словенија, кои порачаа „дека е крајно време за стратегиски поглед на Западен Балкан“.
Нудењето некаков нов „стратегиски пристап“ кон регионот е само мал зрак на надеж за граѓаните од Балканот. Но без отворен и искрен пристап од Брисел во поглед на искажувањето на нивната јасна цел за приклучување на регионот во прегратките на заедничкото европско семејство, ставовите на деветте европски министри може да послужат повеќе како начин за прочистување на сопствената совест поради неправдата што се прави кон Македонија од една нивна членка „во името на Европската Унија“
„Процесот на проширување наиде на камен на сопнување кога Бугарија есента ја блокира Северна Македонија поради несогласувањата за историјата и за јазикот“, се посочува во обраќањето на деветте европски министри. Со ова на површина се исфрли длабоката поделеност во Европската Унија за идното проширување кон Западен Балкан, во која најголема директна штета трпи и Македонија, која е изложена на отворената уцена на една нејзина земја-членка. Со ова уште еднаш се покажа недоследноста на Европската Унија во однос на процесот на проширување. Нудењето некаков нов „стратегиски пристап“ кон регионот е само мал зрак на надеж за граѓаните од Балканот. Но без отворен и искрен пристап од Брисел во поглед на искажувањето на нивната јасна цел за приклучување на регионот во прегратките на заедничкото европско семејство, во кое секој ќе може слободно да го искажува својот идентитет, ставовите на деветте европски министри може да послужат повеќе како начин прочистување за сопствената совест поради неправдата што се прави од една нивна членка „во името на Европската Унија“.