Повозрасните битолчани, а особено љубителите на спортот, сигурно се сеќаваат, но ова е добра можност со тоа да се запознаат и сегашните (по)млади генерации.
Кога точно пред 50 години, поточно во 1968 година, во Мексико се одржуваа Летните олимписки игри и кога феноменалниот Боб Бимон го скокна најдолгиот скок од 8,90 см, некои спортисти и спортски репрезентации, меѓу кои кошаркарите на Југославија и познатиот скокач во далечина Ненад Стекиќ, дел од подготовките реализираа на врвот на Пелистер, во прекрасната природа, кај Малото и кај Големото Езеро.
Со оглед на големата надморска висина на Мексико, од 2.240 метри, по препорака од Југословенскиот олимписки комитет и особено стручните штабови, некои од базичните подготовки кошаркарите на Југославија и атлетичарот Ненад Стекиќ ги реализираа на Пелистер, бидејќи, надморската височина на Пелистер од 2.220 беше идеална за аклиматизација со надморската височина во Мексико.
Воодушевени од природната убавина на Пелистер, од бога дадена, тие години, по големиот успех на кошаркарите и на атлетичарот Ненад Стекиќ, беше поведена иницијатива на Пелистер да се изгради олимписки камп, каде што би се подготвувале југословенските спортисти за големите натпреварувања, кои би се одржувале во земји со слична надморска височина.
Колку што ме служат сеќавањата, тие години беше изработен и проект, а беа најдени и инвеститори од Словенија и од Швајцарија, кои требаше да го изградат кампот. Но, за жал, не се случи ништо од тоа. Некој во тоа време ја спречи изградбата на кампот, а со распаѓањето на Југославија оваа идеја не само што беше напуштена туку беше и заборавена.
Од големата идеја на Пелистер да се изгради олимписки камп за базични подготовки на спортистите не се случи ништо. Но тоа што се случи е што оттогаш како да застана времето за Пелистер. Оние што намерно или случајно барем еднаш се искачиле на Пелистер и имале можност да го посетат, особено самиот врв на Антена, и да ги почувствуваат убавините на Пелистерски Очи, тврдат дека Пелистер е прекрасна планинска убавица, со богата флора и фауна, кои ѝ даваат посебна убавина. За жал, Пелистер сите овие години беше и остана планина што опстојува само со убавината дарувана од бога.
И по 70 години од прогласувањето за национален парк, Пелистер не може да се пофали со нешто што во сите изминати седум децении на оваа планина го создало човечката рака или ум.
Освен изградбата на хотелот „Молика“ и детското одморалиште пред неколку децении, на Пелистер не е изградено речиси ништо друго. Во изминатите неколку децении се направени безброј проекти, студии, анализи, елаборати, но, за жал, сѐ останало само на тоа.
Пелистер денес е заборавена планинска убавица, која ја посетуваат само планинарите и мал број љубители на планината, кои во слободните денови, барајќи чист воздух, се искачуваат на Пелистер. За некој организиран туризам или престој на Пелистер, не може да стане ни збор. Денес на Пелистер ретко се качуваат и битолчани. кои се задушуваат од загадениот воздух.
На Пелистер, по затворањето на детското одморалиште, веќе неколку години го нема ни детскиот џагор. Детското одморалиште по неуспешната приватизација и давање под концесија, како и неколкуте неуспешни обиди да се продаде на заинтересиран приватен купувач, е оставено на милост и немилост, едноставно да пропаѓа. А само до пред некоја година токму во ова одморалиште вриеше од деца, како во летните, така и во зимските месеци, за време на распустите на учениците, кога илјадници деца од Битола и другите градови во Македонија доаѓаа на Пелистер да дишат чист воздух.
На Пелистер во последно време ги нема во доволен број и планинарите, кои по пожарот што го зафати планинарскиот дом „Копанки“ го загубија својот дом, каде што редовно се собираа и кој поради некое битолско проклетство никако не може да се најде начин да се реновира.
Наспроти желбата и определбата на општината Битола со свои средства да го изгради домот, за што советот има донесено и одлука, сепак поради инаетот на дел од раководството на планинарското друштво Пелистер, кое никако не отстапува од својата одлука да не ѝ го дава домот на општината, тие на своја рака ударнички, како пред 80 години, го градат Копанки, без притоа да кажат колку години ќе трае неговото реновирање.
Во таква атмосфера, кога пропаѓаат „Копанки“ и детското одморалиште, се чини крајно иронично дејствуваат (пре)пораките што неодамна беа испратени за време на прославата 70 години од националниот парк Пелистер ,дека на Пелистер треба да се инвестира во развојот на туризмот.
За битолчани слаба утеха е тоа што на прославата двајцата градоначалници на Битола и на Ресен покажаа подготвеност за заеднички вложувања, доколку сите тие пораки, како и досега, се изгубат во беспаќето на планината.
На Пелистер во далечните 1960-ти години не се изгради олимписки камп каде што би се подготвувале спортистите. Но тоа што загрижува е што на Пелистер во изминатите неколку години се уништи и тоа што беше изградено.
Во таква ситуација бадијала се заложбите за развој на туризмот на оваа планинска убавица, која дејствува навистина заборавено, дури и сега, во деновите кога битолчани буквално страдаат за чист воздух.