Можеби самитот на ЕУ за Западен Балкан беше виртуелен, исто како и поддршката за неговите „европски перспективи“, но нападите од членки на ЕУ кон Македонија се реални и навистина водат кон уништување на македонскиот идентитет, сега и со негирање на македонскиот јазик. Ако „другата страна“ не може или не сака да го види тоа, тогаш навистина живееме во паралелни светови
Кога човек чита како ЕУ смета дека се однесува кон она што го нарекува Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, и како Македонија смета дека ЕУ и нејзините членки се однесуваат кон неа е како да чита за два паралелни света. Овие разлики меѓу паралелните светови одново станаа многу јасни токму деновиве, кога се одржа виртуелниот самит на ЕУ за „Западен Балкан“, кога се одбележа Денот на победата над фашизмот, кој ЕУ љуби да го нарекува Ден на Европа, и кога Бугарија, членка на ЕУ и на НАТО, стана нова Грција во блокирањето на европските аспирации на Македонија.
Со други зборови, таа почна да прави нешто што најавуваше уште одамна дека ќе го прави, иако многумина тврдеа дека ЕУ нема да ѝ дозволи, а сега станува јасно дека Брисел баш и нема некаков проблем со тоа. Напротив, некои сега би рекле дури и дека Брисел го охрабрува таквото однесување на Софија, зашто тоа дава нов изговор за забавување на проширувањето, за кое никој во ЕУ не е многу расположен, а уште помалку сега, кога беснее пандемијата на коронавирусот.
На пример, Оливер Вархеи, комесар за соседска политика и за проширување на ЕУ, во една колумна насловена „Пандемијата ги зацементира врските на ЕУ со Западен Балкан“ пишува колку ЕУ всушност му помогнала на регионот во овие тешки времиња додека се бори со коронавирусот.
Тој вели: „Заедно ќе ја надминеме оваа криза и од неа ќе излеземе посилни. Пандемијата на ковид-19 јасно потврди дека иднината на Западен Балкан е Европската Унија. Ние презедовме важни чекори оваа година и покрај пандемијата и потребно е да продолжиме да ги градиме за вистински обединет европски континент.“ Од претходниве реченици на човек може да му се крене косата од повеќе аспекти. Прво, како Македонец, лично ми се крева косата кога некој ќе спомне „цементирање“ или „бетонирање“ на што било – односи, идентитет итн. Од толку цементирање и бетонирање на македонскиот идентитет пред, за време и по потпишувањето на Преспанскиот договор со „добриот сосед“ Грција, сега стигнавме како „граѓани на Северна Македонија“ да го браниме македонскиот јазик од другиот „добар сосед“ Бугарија. Од таа добрососедска политика, го извлековме подебелиот крај.
Јасно беше уште од самиот почеток (барем за оние што сакаа да го видат тоа) дека „добрите соседи“ од посилна позиција, како членки на ЕУ и на НАТО, ќе ги (зло)употребат договорите за „добрососедство“ за да ги истуркаат своите цели и интереси и дека во ниту еден момент Македонија, како земја во подредена позиција, не може да се надева дека ќе добие нешто што е во нејзин национален интерес. Упорно нѐ уверуваат дека соседите ни се најдобри пријатели, ама една друга изрека некако поубаво ја опишува целата ситуација: „На такви соседи, што ќе ти се непријатели“.
Сето ова се прави во името на евроатлантските цели, кои толку беа битни што во еден момент од Брисел ни порачаа по секоја можна цена да го усвоиме Преспанскиот договор и да го промениме уставното име, макар и по „балкански методи“. Во меѓувреме се зачленивме во НАТО. Тоа беше едната страна од евроатлантската монета, која многумина се чини имаа многу поголем интерес да ја видат. Другата, евентуалното членство во ЕУ, се чини многумина не сакаат да ја видат, па затоа во моментот се движиме само од еден датум кон друг датум, од една чекалница кон друга, лазејќи бавно како полжав во бескрајниот лавиринт на европската бирократија.
Дека на ЕУ ѝ е смачено од проширување докажува и последниот виртуелен самит, на кој можеше да се чуе се само не „проширување“.
Така, загрепската декларација не зборува за „проширување“ туку за „европската перспектива на Западен Балкан“. Како што вели еден аналитичар од Брисел, „додека многумина ќе развијат имунитет од коронавирусот, некои од лидерите на ЕУ не се отпорни на друг вид вирус, оној на скептицизмот за проширување.“ Тој додава: „Декларацијата по самитот продолжува да користи еуфемизам `европска перспектива` кога треба да се зборува за `членство во ЕУ`, `проширување` и `пристапување во ЕУ` на земјите од регионот.“
Од друга страна, истата декларација на ЕУ е полна со пораки од типот „партнерите од Западен Балкан“ треба да стават „примат на демократијата и на владеењето на правото“, како и на „почитувањето на човековите права“ и „особено на правата на припадниците на малцинствата“. Декларацијата, потоа, продолжува со добропознатите фрази за „добрососедство“ и за „регионална соработка“, нафрлајќи ни дека требало да се почитуваат договорите со Грција и со Бугарија, се разбира, „во согласност со владеењето на меѓународното право и воспоставените принципи“. Сите овие пораки убаво звучат кога се упатуваат до (нееднаквите) „партнери на ЕУ“ од „Западен Балкан“, ама никако да ги почитуваат членките на ЕУ (еден од многуте примери за тоа е непочитувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг).
Сепак, оние што работат на јакнењето на европскиот имиџ во т.н. Западен Балкан, веднаш тргнаа да нѐ охрабруваат дека проширувањето можеби било скриено зад разни еуфемизми во загрепската декларација, но дека на ЕУ навистина ѝ било важно проширувањето.
Некои, пак, очекувањата ги сведуваат толку ниско, што посочуваат дека е добро што самитот воопшто се одржал, макар и виртуелно, за да се даде каква-таква надеж дека ЕУ не го заборавила Западен Балкан во момент кога вниманието ѝ е свртено кон справувањето со коронавирусот. Со таков низок праг, на крајот ќе излезе дека сме дури и на добар пат. Но од низата статии за самитот, се чини дека најважно за ЕУ беше ова: „Поддршката и соработката се многу поголеми од она што секој друг партнер му го обезбеди на регионот и заслужува јавно признание.“ Со други зборови, фалете нѐ нас, а не Кина и Русија.
Можеби самитот на ЕУ беше виртуелен, исто како и поддршката за „европските перспективи на Западен Балкан“, но нападите од членки на ЕУ кон Македонија се реални и навистина водат кон уништување на македонскиот идентитет, сега и со негирање на македонскиот јазик. Ако „другата страна“ не може или не сака да го види тоа, тогаш навистина живееме во паралелни светови.