Марко Цепенков во еден од своите написи забележал дека ламјата е опасно суштество, кое е симбол за закана по животот на луѓето, односно тоа со себе носи немили настани, кои може да се поклопат и временски и да пристигнат од повеќе правци. Метафората на повеќеглавата ламја и опасностите што таа ги носи со себе можеби за луѓето може да се употреби и во денешницата, во услови на пандемија, ако добро се проанализираат настаните што ни се случија изминатиот период
Пандемијата на ковид-19 ги исфрли на површината сите слабости во општеството и во државите. Фронталниот ковид-удар, кој речиси една година го чувствуваат сите држави, вклучувајќи ја и Македонија, длабоко го размрда општество на повеќе нивоа, при што, покрај здравствената и економската криза како примарни, се појавија и многу други слабости, кои на еден или на друг начин влијаат врз граѓаните. И додека постојано се одмеруваат димензиите на потресот од пандемијата и се подготвува тлото за имунизација од заразата, станува јасно дека пандемијата истовремено е и катализатор на голем број затскриени обиди за злоупотреба, профитерство, кои во својата срцевина имаат политички, националистички, но доста често и криминални мотиви.
Затскриените закани од пандемијата во Македонија симболично можат да се идентификуваат со заканите на луѓето во народните басни и приказни од натприродното суштество ламја, кое често е застапено во македонскиот фолклор, а е наследено од античката митологија.
Марко Цепенков во еден од своите написи забележал дека ламјата е опасно суштество, кое е симбол за закана по животот на луѓето, односно тоа со себе носи немили настани, кои може да се поклопат и временски и да пристигнат од повеќе правци. Метафората на повеќеглавата ламја и опасностите што таа ги носи со себе можеби за луѓето може да употреби и во денешницата, во услови на пандемија, ако добро се проанализираат настаните што ни се случија изминативе денови во земјата.
Имено, во моменти кога колективното здружување на улиците носи големи здравствени ризици по здравјето на граѓаните, кај нас се чини дека не се престанува со демонстрации и протести низ улиците. Истовремено, во овој период, за разлика од Македонија, голем број европски држави, меѓу кои Австрија, Белгија и Русија, изминативе недели за да ги намалат несаканите здравствени последици донесоа нови законски решенија, со кои ги спречуваат протестите за да го заштити здравјето на луѓето. На овој начин, со забрана за протести, како крајно рестриктивна политика и посегање по човековите права, што некои аналитичари го идентификуваа и го нарекоа ковид- авторитаризам, Европа се брани од заразата. Во Македонија мерките се многу полиберални, нема такви забрани и изминатиот период слободно се протестираше.
Еден од неколкуте протестите што се случија во земјава, а кој заслужува внимание, е оној за судскиот процес за случајот „Монструм“. Оваа демонстрација, освен што донесе здравствен ризик за оние што протестираат, во себе имаше и опасна порака, за негирање и рушење на постулатите на државата. Демонстрантите за време на изразувањето на нивните негодувања за судскиот процес извикуваа и националистички пароли и повикуваа на оружје, односно ја повикуваа УЧК. За жал, овој настан и ваквите скандирања не беа осудени од политичките партии и со него се дозволи одредени центри на моќ што го организирале протестот да собираат политички поени на штета на државата.
За обележување е и фактот дека пандемијата поттикна и многумина на криминални активности, односно ги стимулира криминалците да се обидат да профитираат на сметка на здравјето на луѓето во моменти кога државата е погодена и ранлива.
Односно, изминатиов период криминалните умови профитираа од наивните граѓани, кои се исплашени за своето здравје, со продажби на лажни ПЦР-тестови и фалсификувани средства за дезинфекција, но и лажни лекови против ковид-19.
Министерството за внатрешни работи, Интерпол, Европол и други институции задолжени за оваа проблематика постојано апелираа до граѓаните да не наседнуваат на ваквите лажни производи, кои, освен што им ги празнат џебовите на граѓаните, немаат никаква бенефиција и им носат само профит на ваквите криминални групи. Пандемијата донесе и експанзија на девијации на социјалните мрежи, што не ја одбегна ниту Македонија, преку случајот „Јавна соба“ и други.
Дополнително, во овој период во кој живееме, сексуални интернет-предатори со темпо поголемо од кога било ги нападнаа и децата и жените, па во јавноста се обелоденија и голем број случаи како оној со „Јавна соба“, кој го расчистува полицијата.
Ова се само некои од мноштвото негативни примери на разни злоупотреби, девијации на разни нивоа во функционирањето на општествата во услови на пандемија. Па, во тој правец, да се обидеме да ги пресечеме главите на ламјата што фрлаат отров и оган во нашето општество, како античкиот херој Херакле, и да ги сведеме овие девијантни појави и однесувања на минимум. Но за да се постигне целта, во овие моменти се потребни многу позасилена контрола и превентивни мерки од надлежните институциите. Треба широко да се отворат очите и кон посочените и други предизвици да се пристапи со голема сериозност, но и претпазливост, еден по еден да се „отсекуваат“ потенцијалните проблеми во нивниот корен и со тоа да се сузбијат овие негативни повеќеслојни појави.