Уметничките дела и по виртуелен пат, сепак, ја имаат таа моќ да го привлечат вниманието и во сегашните променети услови на живот и на случувањата во животната средина. Таквите дела треба да влезат и да бидат присутни во домовите и да ги заземат потребното место и време за да ја прошират сликата за тоа што ни се случува, додека потрошувачкото општество секојдневно безмилосно на пазарот нуди безброј предмети што најчесто ја немаат ниту потребната минимална естетска вредност. Граѓаните и сега, за време на пандемијата на коронавирусот, имаат можност да изберат дали ќе потрошат време и пари на евтина забава или на консумирање уметност како влог во сопствената духовна надградба
Крајот на пандемичнава 2020 година е сѐ поблиску, календарските денови се одбројуваат, а и покрај опасностите од присуството на коронавирусот, надежите дека новата година ќе донесе поубави денови се зголемуваат. Природно и нормално би рекле, особено ако фрлиме поглед на веќе накитените излози, на новата елка на скопскиот плоштад, на многубројните новогодишни реклами во медиумите што нудат доза оптимизам не само за децата и за младите луѓе. Но она што исто така може да се забележи и во овој период од годината во Скопје е дека и покрај опасноста од коронавирусот, некои од потрошувачките навики, како и навиките за консумирање уметност, не се променија. Време и пари за шетање и за купување по продавници, за седење во ресторани, во кафулиња како и пред пандемијата (се разбира во помала мера) има и сега, но време за посета на изложби и на галерии, пари за купување уметнички дела (слики, графики, скулптури…) има многу поретко. Сетете се само на фотографиите од неодамнешниот „блек фрајдеј“, на редиците за купување облека без потребната дистанца во затворениот простор на моловите! Купувањето уметнички дела и во минатите години, за многумина што можат и да си го дозволат им тоа претставуваше непотребен трошок, а камоли сега, кога влошената економска ситуација често може да послужи како оправдување за да не се потроши дел од семејниот буџет за уметност.
Сто евра за нови патики, за нови чевли, за нова чанта на пример може, но за некоја слика, за скулптура не може! Саботите, кои најчесто се трошат за традиционален шопинг во градовите, би требало почесто да се користат и за посета на изложби. Во моловите, во трговските центри често може да се видат и родители што со своите деца одат на купување, седат со нив додека пијат кафе, но ретко одат заедно да посетат изложби иако во галериите се почитуваат пропишаните безбедносни протоколи. А и нема метежи, особено во сабота!
Приказната со продажбата на уметнички дела во пандемијава, за среќа, доби и нови моменти. Иако некои од галеристите сѐ уште укажуваат дека посетителите на галериите најчесто само прашуваат за цената, но ретко купуваат дела, актуелната онлајн продажба сепак успева да ја поправи ситуацијата.
Дека во време кога дури и уметноста се сведе на виртуелен пристап и достапност многу е полесно да се биде покреативен и дека луѓето се научија да купуваат преку онлајн нарачки, фејсбук и инстаграм-пораки, преку мејлови, укажа неодамна сопственичката на една од скопските галерии, задоволна од вниманието на купувачите иако галеријата е отворена во март, на почетокот на пандемијата во Македонија. Важно е што годинава и уметниците не се откажаа од создавањето дела, иако некои од нив уште од почетокот на корона-кризата предупредуваа на опасностите од виртуелното презентирање уметност. Таков е случајот и со сликарите и конзерваторите од некои соседни земји.
Виртуелните изложби, како што потенцираат, не се новост како начин на презентација на програмата на галериите и музеите низ светот, но во ситуацијата во која сите се најдовме ваквите презентации не се користат само како најава и своевиден вид реклама за настанот, туку како целосна виртуелна прошетка низ поставката. Прошетките низ просторот на галериите и личниот контакт со делата, според нив, ништо не може да ги замени, иако некои од нив не ги поддржуваат како форма виртуелните тури по музеите, галериите, градовите, виртуелните концерти и сепак копнеат за враќање на презентацијата на културата во нормални текови, природно, опуштено, без оклопи – маски и дистанци. Некои од уметниците сепак прифатија да се приспособат на новата реалност. Некои од нив, кои беа меѓу првите уметници што учествуваа во рубриката „Приказни од самоизолација“ на „Нова Македонија“, во март меѓу другото напиша дека ситуацијата со која тогаш се соочувавме не дозволува креативно опуштање, за потоа до октомври да создадат дела за паметење.
Имаше во последното време и пријатни изненадувања, какви што беа некои виртуелни изложби. Во една од нив, на пример, можеше да се ужива во авторското истражување на урбаните и периурбаните шуми во Скопје.
За овој проект, кој ги испитува просторните политики и политиките кон животната средина во специфичниот локален контекст, авторот ќе напомене дека не е научен, еколошки, туку личен, поетски поглед на еден од жителите на градот за тоа како природата во градот се повлекува.
Да, природата се повлекува, очигледно е, но малкумина од забрзаните граѓани на овој век и во време на пандемија и страв на таквите факти им го обрнуваат потребното внимание. Уметничките дела и по виртуелен пат, сепак, ја имаат таа моќ да го привлечат вниманието и во сегашните променети услови на живот и на случувањата во животната средина. Таквите дела треба да влезат и да бидат присутни во домовите и да ги заземат потребното место и време за да ја прошират сликата за тоа што ни се случува, додека потрошувачкото општество секојдневно безмилосно на пазарот нуди безброј предмети што најчесто ја немаат ниту потребната минимална естетска вредност. Граѓаните и сега, за време на пандемијата на коронавирусот, имаат можност да изберат дали ќе потрошат време и пари на евтина забава или на консумирање уметност како влог во сопствената духовна надградба. Пандемијата не треба да се користи како изговор за сѐ!