Само со поголема вработеност на граѓаните, односно со поголем број граѓани вклучени во производствениотпроцес, притоа и со нивна активност во сектори што обезбедуваат повисока додадена вредност, ќе се подобруваат условите за живот и состојбите во државата и ќе се создадат предуслови за повисоки стапки на економски раст
Последните податоци што ги објави Евростат велат дека невработеноста во Европа е сведена на 7,5 отсто, додека во Македонија со последните извештаи се посочува дека таа е намалена на 17,1 проценти. Притоа, од соопштенијата што ги издава домашниот статистички орган се прави разлика помеѓу активни и неактивни граѓани. Податоците говорат дека во земјава во третиот квартал од минатата година сме имале 1.658.351 лице што се работоспособни. Сепак, од нив, активни баратели на работа се 964.248 граѓани. Притоа, од тие што сакаат да работат, 799.546 се вработени, а преостанатите 164.702 лица се невработени.
Прво што паѓа во очи е фактот дека дури 694.103 лица во земјава воопшто не учествуваат на пазарот на трудот, односно не бараат работа, било да не сакаат да работат, било да не можат од разни причини… Исто така неминовно е да се спомене дека податоците за невработеноста и, општо, сите статистики во земјава се прават врз застарени податоци, бидејќи Македонија никако да спроведе попис од 2002 година.
Оттогаш се поминати 18 години и иако имаше еден обид 2011 година, сепак, попис на населението не беше направен.
Друг проблематичен сегмент во нашето општество е сивата економијата, која, според податоци на Светска банка, опфаќа дури 37 отсто од вкупната економија. Бидејќи сивата економија се одвива и со непријавување на работниците, токму овој сегмент е доста проблематичен. Голема е веројатноста дека некои од граѓаните што не бараат работа и кои не се активни на пазарот на трудот да работат некаде, но без притоа да биде формализирано нивното работно место, односно без да се плаќа за нив здравствено и пензиско осигурување.
Каде се другите проблематични сегменти од анализата на состојбите на пазарот на трудот?
Велиме дека невработеноста се намалила, и од некогашни над 20 отсто, во последнава година невработеноста спадна на 17 проценти, која и понатаму е значително висока и е една од највисоките во Европа и во околината.
Доколку се погледнат податоците за тоа во кој сектор се опфатени најголем дел од вработените, ќе се забележи дека најмногу работници има во преработувачката индустрија, по што следува секторот земјоделство, шумарство и рибарство, како и секторот трговија на големо и трговија на мало. Потоа следуваат сектори од кои најголем дел се поврзани со јавна администрација, како што се јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување, образование, дејности на здравствена и социјална заштита, уметност, забава и рекреација и други услужни дејности.
Уште еден сегмент на кој се укажува постојано е непродуктивноста, односно ниската продуктивност на македонските граѓани. И додека теоретичарите појаснуваат дека технологијата игра голема улога во степенот на продуктивност на работниците, сепак, јасно е и дека во нашето општество секогаш има работници што не се обидуваат максимално да ги остварат своите работни задачи и се прикриваат зад своите колеги.
Од друга страна, уште еден проблематичен сегмент е дилемата дали намалувањето на стапката на невработеност е поради вработувања или, пак, поради иселување на населението. Сведоци сме на податокот што го објави Светска банка, која укажа дека иселувањето е еден од водечките проблеми на земјава и дека од Македонија се иселени половина милион граѓани. Според објаснувањето, од нив две третини се работоспособни, а една третина се високостручни, најголем дел од ИТ-секторот.
Светските банкари предупредија дека мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на таленти од земјава, бидејќи ќе се доведат под ризик целата економија и пазарот на труд, како и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд.
Укажувањето беше дека Македонија, Ерменија, Молдавија и Босна и Херцеговина се земји од каде што има најголем одлив на високообразован кадар.
Неопходно е во иднина да се применуваат политики што уште повеќе ќе ја намалат невработеноста и ќе ги подобрат условите за работа за работниците, со што истовремено ќе се создадат услови и за привлекување на лицата што се работоспособни но не се активни на пазарот на трудот.
Само со поголема вработеност на граѓаните, односно со поголем број граѓани вклучени во производствениот процес, притоа и со нивна активност во сектори што обезбедуваат повисока додадена вредност, ќе се подобруваат условите за живот и состојбите во државата и ќе се создадат предуслови за повисоки стапки на економски раст.