Парадоксално, Владата, која помина најмногу време и енергија токму на кадровирањето, посегна по кадри и од бизнис и од невладиниот сектор, па дури и од соседните земји, се доведе до толку лош персонален состав, на сите нивоа, а сепак не успеа да ја стабилизира коалицијата. Затоа, сосема легитимно е прашањето, како во таквото соѕвездие на моќ може да се спроведе каква било реформа, кога веќе е очигледно дека партиите на владејачката коалиција не можат да се договорат ниту за мали промени во јавните политики
Коренито и брзо, 365 промени во 365 дена за сите во Македонија, би можело да биде резиме на она што премиерот Зоран Заев го истакна како постигнување на својата влада една година од нејзиното формирање. Веројатно, заради посилен ефект, своето обраќање до јавноста Заев го претвори во перформанс, во кој сосе министрите се нареди пред споменикот на ослободителите на Скопје. Понатаму, сѐ се сведува на интерпретација, а таа, се разбира, најмногу зависи од позицијата, не во смисла на владејачката гарнитура, туку на ракурсот, аголот на следење.
А од позицијата на независен набљудувач може да се каже дека владата на Зоран Заев, многу повеќебројна од споменичната композиција пред која позираше, иако најавувана како бескомпромисна и реформска, ја потроши првата година од своето владеење без речиси ниту еден потег вреден за спомен. Барем не во позитивна смисла.
Она на што еуфорично дојава на власт, тврдењето дека нејзините претходници биле длабоко инволвирани во криминални и коруптивни дејства, пцовисува како стара маска, бидејќи „реформираното“ правосудство, со исклучок на еден или два маргинални случаи, не успева да го потврди и да ги оправда тешките обвинувања. Со тоа не се постигна ветуваната правна разврска на долгогодишната политичка криза и да се расчисти теренот од стотици неактивирани, но и од остатоците од бомбите што едно време експлодираа во штабот на Бихаќска. Или судството не било реформирано?
Владата на Зоран Заев, многу повеќебројна од споменичната композиција пред која позираше, иако најавувана како бескомпромисна и реформска, ја потроши првата година од своето владеење без речиси ниту еден потег вреден за спомен. Барем не во позитивна смисла
Амбициозните активности на надворешниот план не резултираа со чувство на безбедност и задоволство кај повеќето граѓани, кои, сега, повеќе од кога и да е, се загрижени за државниот и национален идентитет, како резултат на, барем за многумина, нејасни намери на власта, пред сѐ во однос на преговорите со Грција, а потоа и во однос на решавањето на спорните прашања со преостанатите соседи, како и на нејзиното позиционирање во забрзаните регионални и глобални политички престројувања. Сето тоа, но и уште многу други нерешени работи, очекувано, се рефлектира на секогаш чувствителните меѓунационални односи во земјава, така што многу несигурен станува и „капиталот“ од голем број албански гласови што Заев ги доби на парламентарните избори. Уште понесигурни се покажаа албанските партии со кои Заев коалицираше при составувањето на Владата. За потенцијалните партнери од албанскиот блок, кои се поврзуваат со најавената утрешна реконструкција на Владата, допрва ќе видиме. Искуствата не се охрабрувачки. Ако е за утеха, Амди Бајрам сигурно ќе му остане во коалицијата. Сѐ додека е на власт.
И тука веќе, дефинитивно, сме кај финансиите и економијата. А тие, како и секогаш, како за кого. За обичните граѓани, никако, што најверно го потврдува несмалениот тренд на иселување од земјава. И ако беа само финансиите мотив за масовното иселување, можеби со некакви привремени мерки тоа и би можело да се ублажи, но тажната вистина е дека луѓето бегаат од руинираното здравство, образование, инфраструктурата…, кои, за жал, не можат да се санираат со привремени мерки. А очигледно несериозниот пристап токму кон овие ресори навестува дека уште долго нема да има здрава визија и стратегија, а камоли конкретни акции за ревитализација на системите што се од есенцијално значење за секоја нација и држава. Исто како и екологијата, за која сѐ помалку слушаме, освен кога станува збор за промотивни активности на компаниите и организациите, на кои вечно дезориентираните владини функционери и чиновници само фаќаат приклучок како декор или како заинтересирана страна. Се разбира, за сопствен интерес.
Ниту скапата администрација не е намалена, а не е укината ниту една од многубројните непотребни агенции, дирекции, управи… со недефинирани или со испреплетени и паралелни надлежности. Напротив, се најавува формирање нови. Веројатно заради вдомување на старо-новите кадри, кои и понатаму ќе се вртат во круг или меѓусебно ќе се сопнуваат продуцирајќи нови блокади и кризи, за чие надминување повторно ќе мора да се формираат нови тела и органи…
И на што е потрошено времето? Сите оние 365 дена во годината? На позирања и на истоштувачки непродуктивни кадровирања, што впрочем ја одбележува и самата годишнина од формирањето на Владата.
Парадоксално, Владата, која помина најмногу време и енергија токму на кадровирањето, посегна по кадри и од бизнис и од невладиниот сектор, па дури и од соседните земји, се доведе до толку лош персонален состав, на сите нивоа, а сепак не успеа да ја стабилизира коалицијата.
Затоа сосема легитимно е прашањето, како во таквото соѕвездие на моќ може да се спроведе каква било реформа, кога веќе е очигледно дека партиите на владејачката коалиција не можат да се договорат ниту за мали промени во јавните политики.
Сè на сè, Владата ниту со досегашниот ниту со најавениот, изменет состав не влева доверба и не остава простор за оптимизам. Со исклучок на делот од ДУИ, кој сѐ уште е под цврста команда на нивниот лидер Али Ахмети, остатокот од Владата изгледа како група на случајно собрани поединци, без кохезија, стратегија и визија околу која сите ќе се обединат. Можеби во оркестарот има квалитетни поединци, но тој никако да зазвучи како една хармонична целина. Публиката досега беше мирна и трпелива. Треба ли уште да се тестира нејзиното трпение?