Замислете во општините Бутел и Чаир од пред неколку години почнаа да се редат павер-елементи и да се прават патеки, па луѓето со право се шегуваа и уште велат дека можат да си ги избројат коцките
Не се различни само десниот и левиот брег на кејот на реката Вардар, туку и општините од двете страни на реката. Ако кажеме дека двата брега на реката се разликуваат како ден и ноќ, зошто не би рекле дека во поглед на урбанизацијата разликата на општините од едната и од другата страна на реката е како црно и бело. Како би можеле да се споредат Чаир и Бутел со Карпош или со Аеродром на пример. Никако не можеме да ги споредуваме булеварски решенија на Јане Сандански и на Партизански одреди со улиците Цветан Димов и Бутелска. Дури и Гази Баба си го има булеварот Александар Македонски изграден уште одамна со широки тротоари и со велосипедски патеки.
За улицата Цветан Димов, иако градот ја прошируваше, останува фактот дека е тесно грло не само во шпицовите на денот, туку речиси постојано, а згора, пак, таа е единствениот влез и излез кон Чаир. На оваа сообраќајница честопати има застој, што не случај ниту со Партизанска ниту пак со булеварот Јане Сандански. Сообраќајницата Цветан Димов ни малку не заличи на булеварите во Аеродром, кои се преполни со разни цветни композиции. Е да, не смееме да заборавиме, од пред некој месец има кошница со цвеќе што ја поставија од „Паркови и зеленило“ и изгледа навистина преубаво. Ама само таа е, во другите жардиниери има ѓубре и несредени грмушести растенија. На Цветан Димов допрва се градат велосипедски патеки, на голема радост на велосипедистите, кои мака мачат по тротоарите да се разминат со пешаците, распосланите угостители, трговците и кој сѐ не што им го узурпира единствениот јавен простор по кој безбедно можат да поминат. Постојано е во застој и единствениот сообраќаен излез и влез на улицата Бутелска, која поврзува многу населени места. Дополнителниот мал сообраќаен излез на уличката Цетинска со месеци е затворен поради градежните активности што се одвиваат на пробивањето на Христијан Тодоровски-Карпош, па тоа и дополнително ја усложнува пропустливата моќ на Бутелска. Улицата е со премал капацитет за да ги прими сите жители од населените места што имаат потреба со возила да влезат и да излезат од неа. Да не зборуваме за изградба на паркиралишта или убаво уредени паркинзи, бидејќи и тие што се некогаш изградени пред станбените згради воопшто не се ниту обновени, ниту пак се чисти. Кога веќе ја спомнуваме хигиената и тука различен е степенот помеѓу општините од десниот и од левиот брег на Вардар. Бутелчани уште немаат ниту подземни контејнери, ниту пак контејнери за селектирање хартија, стакло или железо. Да не се училиштата вклучени во разни еко-проекти нема ни да знаат за што станува збор.
Па замислете, во општините Бутел и Чаир од пред неколку години почнаа да се редат павер-елементи и да се прават патеки, па луѓето со право се шегуваа и уште велат дека можат да си ги избројат коцките. Никако не може да се споредуваат ниту парковските површини. Какви паркови имаат Бутел и Чаир, а какви се оние во Аеродром или во Карпош. Ама да се бараат за лек нема да се најдат уметнички инсталации, какви што има Карпош. Нема ниту авиончиња, како во Аеродром, ниту фонтани за да се напијат вода граѓаните, а не, пак, за разубавување на просторот. Ако веќе зборуваме за Бутел, без трошка воздржување може да кажеме дека одамна никаде не е посадена нова трева, а не, пак, да се уредат парковите со некои интересни хортикултурни цветни аранжмани. Дури и розите кај кружниот тек на Бутелска поради негрижата ја изгубиле својата убавина. Нови тревници никнаа сега до тротоарите по изградбата на улицата Македонско-косовска бригада, но никаде не се посади ниту едно цвеќенце. Нема ниту за лек. Дури и тротоарните површини само се асфалтираат наместо да заличат со павер-елементи, како оние на Кристијан Тодоровски-Карпош во Чаир. Тоа што е убаво и на бога му е драго, а не пак на луѓето.
За жал, многу повеќе има неубави работи, кои доминираат во општините од левиот брег на Вардар. Еве, на пример, од пред неколку изборни циклуси во Бутел и во Чаир не е поставена нова урбана опрема, а таа недостига многу. Замислете нема доволно клупи по населбите, а да не зборуваме за друга урбана опрема како канти за ѓубре. Недостигаат и детски игралишта, а оние, пак, старите што постојат ниту се обновени, ниту пак се оградени како тие во урбаните населби во општините од десниот брег на Вардар. Нема ниту катчиња за возрасните каде што тие би можеле летово да се дружат и да се разладуваат. Уште пред станбените згради како во старите времиња соседите сами си прават клупи и масички за да седнат на муабет. Бутелчани и чаирчани немаат ниту доволно градски линии за побрзо да стигнат до некои од населбите, бидејќи со години не се воведуваат нови. Одамна беше кога едвај стана редовна линијата со бројот 35 за да ги поврзе со Аеродром. И не само линии, граѓаните во населбите од овие општини немаат ниту натстрешници, автобуски станици од новиот тип, каде што би можеле да застанат и да се засолнети од сонце, дожд или снег да чекаат автобус.
Жителите од Скопје Север чекаат автобус под сенките на дрвјата пред црквата „Свети Никола“. Оние, пак, што првпат доаѓаат во тој дел од градот и не знаат дека тоа е автобуската станица, бидејќи има и такси-станица. Овие граѓани немаат ниту еден банкомат, па пешачат до банките во Чаир или во Бутел. Има уште многу за споредување, но што ќе помогне тоа да се промени нешто, ако и натаму ништо не се презема. За нееднаквиот развој на општините не е изговор големината на нивните буџети, бидејќи надлежните одамна требало да ја воочат разликата и повеќе да вложат таму каде што занемариле. А можеби и ја воочиле и не им е грижа поради нивниот индолентен однос. Но да не заборават дека тие се тука за граѓаните, а не граѓаните за нив.