Инфантилно и незрело, би бил заедничкиот именител за сето она што се изнедри од минатонеделните парламентарни избори. А како стигнавме дотаму? Тоа е прашањето што би требало да си го постави секој граѓанин што гласал на овие избори. Исто како што и секој купувач, кога влегува во дуќаните и во маркетите низ земјава, досега требало да се запраша дали тоа што го купува вреди за парите што ги дава. Производи со поминат рок на употреба, со квалитет далеку под европските стандарди, со никаква амбалажа, со претерано големи оптоварувања со давачки, кои веќе никој не знае ниту да ги оправда, и конечно штетни за здравјето – ете, тоа е најдобрата илустрација за моменталната политичка понуда во земјава
Велат дека тешките времиња вообичаено на површина исфрлаат големи луѓе. Но во Македонија тоа никако да се случи, иако кризата тука веќе одамна стана трајна состојба и без пандемијата на коронавирусот, на која не ѝ се гледа крајот. Упорното трагање по решение преку предвремени парламентарни избори и понатаму не продуцира личности што воопшто се достојни да учествуваат во јавниот живот, а камоли да управуваат со државата и со животите на околу два милиони луѓе. Не продуцира ниту односи што би гарантирале елементарна стабилност на системот и барем некакво навестување на општ просперитет. Освен, се разбира, доколку не станува збор за некакви прецизно вообличени и добро вкалкулирани интереси на одредни групи, независно дали тие се нарекувале семејство, партија, организација или компанија, кои, секој за себе и според сопствената лика и прилика, модулираат одредени ликови што потоа се претставуваат како политичари што се борат за гласови на избори. Но она што се добива како конечен производ се незрелите политичари, недораснати дури ни за мирновременски услови, а камоли за катастрофални, да не речам апокалиптични ситуации, каква што е сегашната, во кои треба да се носат брзи, разумни и ефикасни одлуки.
Но да почнеме по ред и да се потсетиме дека сите политички субјекти тргнаа на овие избори уверувајќи ја јавноста дека ќе освојат убедливо мнозинство гласови, што ќе обезбеди функционална влада, која, пред се, ќе може успешно да се справи со корона-кризата, а потоа и конечно да го заврши долгиот пат кон интегрирањето на Македонија во Европската Унија и со тоа да ѝ обезбеди стабилност на државата, предвидливост за економијата и благосостојба за сите нејзини граѓани. А што се случи? Половина од запишаните избирачи не се закачија на, вистина добро осмислената, фрлената јадица дека ДУИ ќе инсистира на премиер Албанец како услов за составување на идната влада. Другата половина, која излезе да гласа, не за програми, туку за или против премиер Албанец, создаде таква ситуација во која, без огромни компромиси, навистина тешко ќе биде да се формираат дури и некакви привидни, а камоли убедливи парламентарно мнозинство и функционална влада. Иако Државната изборна комисија, како и секој претерано нахранет организам, многу бавно и тромо си ја врши работата, од веќе познатите бројки се глада дека шансите за тоа се многу послаби отколку по претходните парламентарни избори.
Паралелно со тоа, имаме ситуација во која доскорашниот премиер и актуелен лидер на, во моментов, водечката политичка партија во државата, Зоран Заев, веднаш по изборите ја известува јавноста дека ќе оди на одмор, а претседателот на, според бројот на освоените гласови, втората политичка опција, Христијан Мицкоски, се занимава со внатрепартиските реформи, во исчекување ДИК рачно да ги преброи избирачките ливчиња, само не кажа дали со левата или со десната рака. Тука се и разгалената мома, ДУИ, која продолжува да ги условува и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со барањето при евентуалното коалицирање и формирање на идната влада премиер „задолжително“ да биде Албанец, како и големата надеж на еден помал дел избирачи, самонаречената Левица, која се мајтапи и ги троши ресурсите на надлежните институции, поднесувајќи голем број неосновани приговори и тужби.
Како незаобиколен декор, целиот јад го „збогатуваат“ и големиот број таканаречени човек-партии, кои глумат дека ги застапуваат интересите на „помалите“ етнички заедници во државата, или на некои идеологии, кои ниту самите не умеат да ги објаснат, а камоли да ги практикуваат и кои, како по некое правило, секогаш се приклонуваат кон победникот.
Симптомите на синдромот на незрели политичари во Македонија, кои, според бројот на апстинентите на минатонеделните избори, јавноста веќе добро ги чувствува, како да не ги дијагностицираат во институциите на Европската Унија. Оттаму сѐ уште очекуваат дека со овој „материјал“ што го добивме на минатонеделните избори ќе бидат формирани силен парламент и стабилна влада. Крајно несериозно очекување
Инфантилно и незрело, би бил заедничкиот именител за сето она што се изнедри од минатонеделните парламентарни избори. А како стигнавме дотаму?
Тоа е прашањето што би требало да си го постави секој граѓанин што гласал на овие избори. Исто како што и секој купувач, кога влегува во дуќаните и во маркетите низ земјава, досега требало да се запраша дали тоа што го купува вреди за парите што ги дава. Производи со поминат рок на употреба, со квалитет далеку под европските стандарди, со никаква амбалажа, со претерано големи оптоварувања со давачки, кои веќе никој не знае ниту да ги оправда, и конечно штетни за здравјето – ете, тоа е најдобрата илустрација за моменталната политичка понуда во земјава.
Но симптомите на синдромот на незрели политичари во Македонија, кои, според бројот на апстинентите на минатонеделните избори, јавноста веќе добро ги чувствува, како да не ги дијагностицираат во институциите на Европската Унија. Оттаму сѐ уште очекуваат дека со овој „материјал“ што го добивме на минатонеделните избори ќе бидат формирани силен парламент и стабилна влада. Крајно несериозно очекување. Дури и за Европската Унија, која вистина, во моментов, мора да решава многу посериозни прашања, но, сепак, не требаше до толку да го занемари проблемот, кој, во најдобар случај, може да се идентификува со судбината на бродот „Титаник“, бидејќи само тие што се навистина добри пливачи или што претходно си обезбедиле добри чамци можат да се спасат.