Напразно ви се честитките и пораките ако не верувате во тоа што го пишувате, ако утре ниту добар ден нема да му кажете на оној кому вечерта сте му ја соопштиле радосната вест за празникот што го чествувате. Зошто ви е бадниковата вечера ако семејните тајни продолжат и по првото утро? Зарем мислите дека среќата зависи од паричката во лепчето или, пак, од довербата, искреноста што секоја вечер ќе ги споделувате со своите најблиски? Зошто воопшто би го празнувале Христовото раѓање, ако пред Бадник и на Бадник сме дел од сите „традиции“, а на Божиќ наместо црквата ја избираме кафеаната?
Христос се роди, навистина се роди! Ова е најчестата реченица што ќе ја слушнете овие денови, по големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божиќ. Со неа се поздравуваат православните христијани и тоа е реченица што е всадена во меморијата на луѓето, едноставно како некаков протокол. Некој ќе ви рече: „Христос се роди“, вие знаете дека треба да возвратите со: „Навистина се роди“. Честопати оваа реченица ќе ја размените и со луѓе со кои во текот на целата година не сте разменине ниту два збора. Како по некое непишано правило, ќе составите по неколку збора и во форма на СМС ќе ја проследите до оние што ви стојат запишани во телефонскиот именик. И сѐ така до следниот голем христијански празник.
Претходно или во меѓувреме ќе ги завршите рутински сите оние традиционални адети што сте ги наследиле од постарите, лепче со паричка, заедничка вечера со семејството, оро околу огнот, ракија, вино, со песна, бадниково гранче на вратата… И сето тоа споделено на социјалните мрежи со надеж дека извршениот ритуал на традицијата треба да ви донесе среќа целата година.
Во исто време, овие ден или два на медиумите ќе ги слушнете и прочитате најслаткоречивите зборови на политичарите и на јавните личности за слога, мир, љубов, единство, помирување. Сѐ е од убаво, поубаво, како да сте во рајот, во идилата на благодатта.
Така живее просечниот верник во Македонија. Некој ќе рече, па добро празник е, ако, еден ден нека одмори народот, нека добие позитивна енергија. Но дали еден ден е доволен? Дали суштината на празникот е да одмори или да размисли? Дали и колку од тоа што го гледаме за празниците е реалност, а колку е лицемерство? Дали празниците се настани за да ја задржиме формата или, пак, се настани за да се преиспитаме каде сме, каде одиме, што правиме?
Ако Божиќ, Велигден, Нова година, Водици, Рамазан-бајрам, Курбан-бајрам се само моменти за тајмаут, во кој ќе земеме здив и енергија за новото полувреме во истата реалност на поделби, навреди, интриги, неслога, тогаш овие денови, овие празници, овие настани ја губат и смислата, ја губат и суштината. Велат дека празничните денови се време кога човек треба да им се посвети на оние што ги сака, кои ги почитува, на луѓето со кои го поминува животот.
И да, празниците се убави моменти и за одмор и за опуштање, но нивната смисла е поинаква. Тоа се денови создадени за да бидат пресвртница во животот на луѓето, потсетување на животот и делата на оние што ги празнуваме, но и поука и патоказ на промените. Не на оние политички промени, туку на промените во менталитетот, во размислувањето, во градењето позитивни вредности.
Во исто време, овие ден или два на медиумите ќе ги слушнете и прочитате најслаткоречивите зборови на политичарите и на јавните личности за слога, мир, љубов, единство, помирување. Сѐ е од убаво, поубаво, како да сте во рајот, во идилата на благодатта. Така живее просечниот верник во Македонија. Некој ќе рече, па добро празник е, ако, еден ден нека одмори народот, нека добие позитивна енергија. Но дали еден ден е доволен? Дали суштината на празникот е да одмори или да размисли? Дали и колку од тоа што го гледаме за празниците е реалност, а колку е лицемерство? Дали празниците се настани за да ја задржиме формата или, пак, се настани за да се преиспитаме каде сме, каде одиме, што правиме?
Кога Христос се роди, беше надеж за светот. Кога Христос се раѓа секоја година, е порака за отрезнување и преиспитување. Христос не се роди за ние денес да имаме ден повеќе за забава, ниту се роди за вечните политички ривали да глумат единство од некаква куртоазност. Христос не се роди ниту за тоа некој денес да се чувствува принуден да биде дел од ритуалите само затоа што сите го прават тоа.
Воопшто не е потребно да бидете в црква за Божиќ само затоа што сте дел од политичката елита, а свеќа држите в рака за медиумите да го овековечат тоа, за веќе утре да им се нафрлите на политичките противници како хиени.
Напразно ви се честитките и пораките ако не верувате во тоа што го пишувате, ако утре ниту добар ден нема да му кажете на оној кому вечерта сте му ја соопштиле радосната вест за празникот што го чествувате.
Зошто ви е бадниковата вечера ако семејните тајни продолжат и по првото утро? Зарем мислите дека среќата зависи од паричката во лепчето или, пак, од довербата и искреноста што секоја вечер ќе ги споделувате со своите најблиски?
Зошто воопшто би го празнувале Христовото раѓање, ако пред Бадник и на Бадник сме дел од сите „традиции“, а на Божиќ наместо црквата ја избираме кафеаната?
Божиќ е празник на оние што му се радуваат на Христос, а не на оние што им се восхитуваат на народните традиции, но како и да е. Христос ќе се роди пак за сите.
Треба да се фокусираме на она што е еднакво важно за секој граѓанин, без разлика на верата и етничката припадност. Дали може да им се стави крај на поделбите, на омразата, на општество, кое е како со нож поделено?
Но колкумина од нас пред празничните богати трпези помислиле на оние што за време на празниците поминуваат со една корка леб и во студена постела?
Колкумина од нас ги сфаќаат празничните денови во духот на солидарноста?
Дали овие денови биле поттик за создавање добри дела, не само кон блиските, туку и кон непознатите, сиромашните, болните?