Образовната локомотива во траен дефект

Ние со години сме во некаква транзиција, дел сме од некакви образовни опити, упорно не вадиме кадри во ниедна сфера за да можеме да го унапредуваме општеството воопшто. Образовниот систем во секое здраво општество е локомотивата што ја влече долгата композиција од вагони, но нашата како константно да е во дефект. А постојат дефекти што не се поправаат и оштетувања што не се лекуваат

За многу кратко време сите ние треба да се најдеме на почетокот на стартната линија на новата учебна година. Ова ќе биде најтешкиот маратон за трчање досега. Тој подвиг бара претходна темелна подготвеност во секаква смисла, а ние овој пат не сме подготвени ниту за трка од пет километри. Освен тоа, нам, всушност, ќе нема ни кој да ни означи старт, а не се знае ниту, пак, кога точно ќе се трча. Не знаеме ништо. Чекаме сѐ да ни падне од небо, бидејќи вистинските организатори се на колективен одмор, т.е. работат од дома. Се остава работите да се движат по инерција, без дефинирана стратегија и план. Веројатно, сепак, ќе почнат 200.000 основци, 90.000 средношколци и 20.000 наставници во државата, но, кога се поаѓа без правила, ќе се случи стампедо уште по преминувањето на стартната линија.
Ковид-19 го засили и онака големиот вител што упорно нѐ голта сите нас низ годиниве, кои сме билe и сме дел од системот како родители, наставници, ученици. Целиот овој период, уште од осамостојувањето, како да сме во една голема црна дупка од која нема бегање, бидејќи системот едноставно не дава резултати. Сега имаме ситуација кога ниту јавноста знае што ќе се случува, ниту одговорните во институциите знаат, ниту, пак, некој нешто ни кажал за некакви конкретни предлози и решенија што би биле применети во практика.

Ние со години сме во некаква транзиција, дел сме од некакви образовни опити, упорно не вадиме кадри во ниедна сфера, за да можеме да го унапредуваме општеството воопшто. Образовниот систем во секое здраво општество е локомотивата што ја влече долгата композиција од вагони низ брдата, но нашата како константно да е во тежок дефект и не може да појде. А постојат дефекти што не се поправаат, постојат оштетувања што не се лекуваат.
„Нова Македонија“ уште на почетокот на епидемијата предупреди дека може да се дојде до овде, ако навреме не се преземат мерки. Познавачите на системот, на состојбите и околностите, експертите за образование, уште тогаш предупредуваа дека не смее да се дозволи да не се приспособат законите во кои треба да бидат предвидени и онлајн и комбинирана настава. Уште тогаш експертите кажуваа дека е неопходно да се формира стручно тело што требаше во согласност со анализите на здравствената состојба и епидемиолошката слика, да носи стручни одлуки во врска со образованието.

Професорот Кирил Барбареев во повеќе наврати преку медиумите, уште пред неколку месеци предупреди дека за сево ова е потребна вклученост на експерти што би создале услови за настава, а кажа и дека е потребен цел еден нов систем на оценување во услови ако наставата се изведува онлајн. Кажа дека е потребна промена на закони на сите нивоа, но надлежните не сакаа да го послушаат. По ова коцкање на речиси половина година, секој експерт во државава веќе треба сериозно да се замисли дали да каже или да предложи нешто, бидејќи наместо да се обрне внимание на неговите предлози, ние денеска имаме ситуација кога ем почетокот е неизвесен ем не се знае што ќе се случува. Ниту, пак, е трансформиран процесот на оценување на учениците, кој е цела една посебна проблематика, која не е ниту начната, камоли, пак, дефинирана.
Нормално е здравјето на децата да ни биде приоритет, пред сѐ друго во секакви услови, не само за време на пандемија.

Сите овие години, уште од осамостојувањето, како да сме во една голема црна дупка кога станува збор за образованието, бидејќи системот едноставно не дава резултати. Сега имаме ситуација кога ниту јавноста знае што ќе се случува, ниту одговорните во институциите знаат, ниту, пак, има конкретни предлози и решенија што би се примениле

Но овој пат, во вакви услови, кога бројките на дневна основа се над 100 новозаразени, секако дека внимателноста е помножена со 10. Родителите со право реагираат и со право се организираат во групи на социјалните мрежи, барајќи онлајн настава и создавање соодветни услови за истата таа да се реализира темелно и квалитетно. Тие изгубија доверба во системот одамна, тие знаат дека тој нема капацитет да им ги заштити учениците од заразата додека се на училиште. Родителите се разочарани, бидејќи знаат дека и за време на пандемија, самите повторно од свој џеб би плаќале за тоалетна хартија и сапун, за да можат децата да одат во тоалет и да измијат раце. Тие знаат колку пари имаат (немаат) училиштата. Знаеме и за преобемната администрација во Министерството за образование и наука (МОН), кое е полно со луѓе на раководни места, а е преслабо во оперативниот дел.

Одлуки, правила, упатства пишуваат луѓе што многу одамна биле практичари во некои други времиња и кои не ги знаат сегашните околности и проблеми со кои се соочуваат наставниците и учениците.
Сево ова што го живееме, целата тензија за претстојната учебна година и за ситуацијата со новозаразени и починати лица, е плод на тоа што образованието, овој пат со поголем интензитет, е директен заложник на политичките состојби и околности во државата. Ноншалантноста на институциите по однос на ова важно прашање доминира цело лето, а наместо тоа, приоритет беа изборите. Сметката од целокупното вакво колективно однесување, на крајот, традиционално, за жал, ќе ја платат децата.