Сите последни показатели и примери поврзани со тактичките геополитички маневри во трката за превласт меѓу големите сили мора со внимание да се следат од сите, особено од страна и на помалите држави. Зашто има една изрека, која вели дека во битката на слоновите, најмногу страда тревата. А таквата позиција да се биде изгазен, понижен, обесправен или обезличен за нечии туѓи интереси воопшто не е пријатна и се разбира никој не посакува такво нешто да му се случи
Светската јавност треба да се подготви за уште една рунда во „студената војна“ помеѓу Русија и Западот, чиј крај никако не се појавува на хоризонтот. Американската администрација повторно ги притиска сојузниците од НАТО да ја зајакнат одбраната, повикувајќи да се подготват за напад од Русија. Токму така, ни повеќе ни помалку, Вашингтон им сигнализира на сојузниците, посебно на европските, дека рускиот напад е неминовен (во поблиска или во подалечна иднина). И покрај пријателската реторика на претседателот Доналд Трамп кон Русија, најновиот план, според западните медиуми, покажува дека администрацијата и натаму ја смета Москва за сериозен непријател. Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис се очекува деновиве во Брисел да разговара со дел од европските сојузници и да им го претстави планот за одвраќање на „руската агресија“…
Дипломатски извори потврдуваат дека Матис посебно бара од НАТО формирање 30 копнени баталјони, 30 воздушни ескадрили и 30 воени брода, вклучувајќи и разурнувачи, кои за 30 дена треба да бидат подготвени за борба против Русија. Секој баталјон наводно би имал помеѓу 600 и 1.000 сојузнички војници. Засега нема детали и повеќе подробности за планот 30-30-30, но може да се очекува дека неговиот фокус ќе биде насочен кон Источна Европа, посебно кон членките на Алијансата што граничат со „сериозниот непријател“ Русија. Покрај тоа, одредени кругови во Вашингтон, посебно оние повоинствените во Пентагон, ја шират идејата за продажба на напредни одбранбени ракетни системи на Германија, чекор што сигурно само дополнително ќе го разгори гневот во Кремљ.
На геополитички план особено впечатлив во последно време е интересот што големите сили го покажуваат и го насочуваат кон регионот на Балканот, настојувајќи токму таму да издејствуваат и да добијат превласт на терен
Неизвесно е како европските сојузници од НАТО ќе ја дочекаат ваквата американска иницијатива. Особено е тешко да се прогнозира ако се земе предвид фактот за заладените трансатлантски односи. Европската Унија е гневна на претседателот Трамп и тоа за повеќе прашања, почнувајќи од климата и глобалното затоплување, договорот со Иран, па сѐ до трговијата и војната со тарифи. И додека администрацијата на Трамп ги заплашува сојузниците со Русија, во обид да ги натера повеќе да трошат на одбраната, најверојатно купувајќи ново американско оружје, рускиот претседател Владимир Путин има шанса да ја прекине изолацијата на Русија, искористувајќи ја сегашната состојба на трансатлантските односи. Путин сега се прикажува како доверлив пријател и трговски партнер на Европа, и покрај тоа што администрацијата на Трамп им се заканува на неговите најблиски европски сојузници, сметајќи ги за стратегиски и економски конкуренти.
Русија е против поделена Европа, порача рускиот лидер неодамна во пресрет на посетата на Австрија, која е негова прва посета на западноевропска земја во изминатата година. Иако внимателен да не „скока од радост“, Путин мора да е задоволен од неодамнешниот развој на трансатлантските односи.
Од друга страна, Трамп грубо ги отфрли европските барања за изземање од, како што Брисел ги смета, нелегалните и унилатерални тарифи на челикот и на алуминиумот.
Динамични промени ѝ се случуваат на политичката сцена низ Европа. Популистички, често и русофилски, партии се на власт во Грција, Унгарија, Италија и во Австрија. Тука е и новиот италијански премиер Џузепе Конте, кој во вторникот пред Сенатот во Рим порача дека е време за „отворање кон Русија, која ја зајакна својата позиција во најразлични меѓународни кризи“. Конте побара укинување на санкциите против Русија, кои, според него, само му штетат на руското граѓанско општество.
Гневот кон одлуките на Вашингтон е забележителен и кај „старите“ сојузници од европскиот континент. Па, така, западните медиуми пишуваат за невообичаено нервозните телефонски разговори на Трамп со францускиот колега Емануел Макрон и со британската премиерка Тереза Меј, а во однос на трговските тарифи. Вашингтон дури и пред сојузниците од НАТО ги правда ваквите тарифи врз основа на „националната безбедност“, став што дополнително ги разгневува европските лидери. Ваквото расположение од двете страни на Атлантикот може да му помогне на Путин во прекинувањето на неговата изолација. Особено ако се земе предвид фактот дека тензиите помеѓу Европа и САД на трговски план само ќе растат во пресрет на самитот на Г7 во Канада. Па, така, наместо да добие сојузничка и европска поддршка, Трамп на претстојниот самит на Г7 може да заврши „изолиран“ за трговските прашања. А што се однесува до плановите за одбрана од руската агресија, нема гарантиран успех за најновата иницијатива на планерите во Вашингтон.
На геополитички план особено впечатлив во последно време е интересот што големите сили го покажуваат и насочуваат кон регионот на Балканот, настојувајќи токму таму да издејствуваат и да добијат превласт на терен. Па, така, постојната претставничка на САД во НАТО изјави дека НАТО ќе ја брани Македонија од руска агресија и покрај тоа што процедурата за прием на земјата во организацијата сѐ уште не е почната.
Сите овие показатели и примери поврзани со тактичките геополитички маневри во трката за превласт меѓу големите сили мора со внимание да се следат од сите, особено од страна и на помалите држави. Зашто има една изрека, која вели дека во битката на слоновите, најмногу страда тревата. А таквата позиција да се биде изгазен, понижен, обесправен или обезличен за нечии туѓи интереси воопшто не е пријатна и се разбира никој не посакува такво нешто да му се случи.