Државата има долги историски корени на меѓуверската толеранција и почит, но искуствата од минатото покажуваат дека многу малку е потребно за да се подгреат страстите, а понекогаш е доволна и една неодмерена изјава, која може да предизвика бура од емоции, навреди, па дури и омраза по верска основа.
Верските лидери во државата не секогаш доволно добро го сфаќаа тоа и не секогаш доволно одговорно се однесуваа
Ќе значи ли заминувањето на Сулејман Реџепи од позицијата поглавар на Исламската верска заедница вртење нова страница во функционирањето на оваа верска институција, која има огромно значење и влијание во македонското општество? Човекот што помина повеќе од 20 години на позицијата реис-ул-улема на ИВЗ, зад себе остава испишана историја, која може да се дефинира како позиција на одење од крајност во крајност. Од позитивно до негативно, од коректно до контроверзно, се разбира зависно од тоа кој и од аков агол гледа на неговите потези. Но генерално, констатацијата стои како карактеристика на неговото битисување. Оние што многу години лично го познаваат, ќе речат дека Реџепи е човек без влакна на јазикот, колку дрзок, толку и праведен, колку храбар, толку и желен за (политичко) влијание. Неговата испишана историја во ИВЗ не може да се смести исклучиво на негативната страна, ниту пак само во позитивна.
На чело на ИВЗ дојде по распадот на СФРЈ, кога и се распадна југословенската исламска верска заедница, чиј последен поглавар беше Јакуп Селимовски. Во првиот негов мандат до 2000 година, Сулејман Реџепи практично работи на институционално оформување на ИВЗ во Македонија. Вториот негов избор на чело на ИВЗ се случува по еден турбулентен период за ИВЗ, кој почнува негде по воениот конфликт во 2002 година, кога структури на екстремно радикални толкувачи на исламот прават обид за преземање на оваа верска заедница. Отпорот кон ваквите тогашни трендови и тенденции го води една група млади имами, кои на крајот во септември 2006 година успеваат да издејствуваат легален и легитимен избор на Сулејман Реџепи за поглавар на ИВЗ, како единствено решение за да се справи со радикалните структури.
Во изминативе 14 години, па до пред некој ден, Реџепи (можеби) излегуваше како победник во битките со крајно радикалните структури. Правеше ли баланс? Се радикализира ли и постепено самиот тој? Еквилибрира ли помеѓу т.н. изворното толкување на исламот и радикалните елементи, традиционалното толкување и практика и универзалните вредности на религијата, која е носител на таквите вредности, за да ја задржи својата позиција на прв и највлијателен човек во ИВЗ?
Сепак, на крајот ја изгуби војната. Или тоа е уште една негова битка и на неговите приврзаници и сојузници, кои овој пат му го откажаа сојузот.
Имено, поглаварот Реџепи беше сменет токму од луѓето што во овие години беа негови лојални приврзаници. Ова е период во кој Реџепи ќе заработи многу обвинувања за криминал, злоупотреби, луксуз, ќе се соочи со сериозни судири со претходната, но и со оваа власт, негови изјави ќе предизвикаат остри реакции и осуди за политички влијанија и мешање во политика. Според многумина, Реџепи на моменти повеќе личеше на политичар, отколку на верски поглавар. Последните две работи со кои го сврте вниманието на јавноста беа неговата женидба со 50 години помлада жена и изјавата со која коронавирусот го прогласи за мртов. Како што велат некои, дојде со поддршка на сите, заминува со одлука на сите муфтии и членови во Ријасетот на ИВЗ.
Секако дека неговото раководење со ИВЗ ќе биде дел од историјата на исламската верска заедница во земјава.
Секако дека раководењето на Сулејман Реџепи со ИВЗ ќе биде дел од историјата на Исламската верска заедница во земјава. Но сега многу поважна е иднината на ИВЗ. Каква историја и страница ќе сврти новиот поглавар, кој ќе треба да биде избран. Токму процесот на избор на тој поглавар ќе биде и клучниот патоказ по кој ќе се движи ИВЗ во иднина. Тој избор мора да биде и легален и легитимен. Новиот поглавар на ИВЗ мора да биде човек што ќе ги обединува муслиманите во Македонија, но она што е исклучително важно е да го задржи курсот на традиционалното практикување на исламот за ова поднебје. Човек што ќе има голем респект меѓу верниците и верски лидер што ќе мора да биде вероучител на моралот, етиката, вредностите, општествената одговорност
Но сега многу поважна е иднината на ИВЗ. Каква историја и страница ќе сврти новиот поглавар, кој ќе треба да биде избран. Токму процесот на избор на тој поглавар ќе биде и клучниот патоказ по кој ќе се движи ИВЗ во иднина. Тој избор мора да биде и легален и легитимен.
Новиот поглавар на ИВЗ мора да биде човек што ќе ги обединува муслиманите во Македонија, но она што е исклучително важно е да го задржи курсот на традиционално практикување на исламот за ова поднебје. Човек што ќе има голем респект меѓу верниците и верски лидер што ќе мора да биде вероучител на моралот, етиката, вредностите, општествената одговорност.
Новиот поглавар на ИВЗ ќе мора да воспостави систем отпорен на политичко влијание. Од себе да направи респектирана личност меѓу политичките лидери, а не зависник од политичките желби. Политичките партии, пред сѐ тие на Албанците, ќе мора да научат дека поглаварот на ИВЗ треба да биде човек на верата, а не марионета на политиката. Иако ИВЗ сиве овие години се чувствувала како онеправдана во односите со државата, сепак новиот поглавар на ИВЗ ќе мора да го смени начинот на комуницирање и начинот на однесување со државните институции. За сите отворени прашања со државата ќе треба да се воспостави искрен и партнерски дијалог.
Македонија е мултиетничко и мултиверско општество во кое во 99 отсто етничката припадност на една заедница се идентификува со верската припадност. Државата има долги историски корени на меѓуверската толеранција и почит, но искуствата од минатото покажуваат дека многу малку е потребно за да се подгреат страстите, а понекогаш доволна е и една неодмерена изјава, која може да предизвика бура од емоции, навреди, па дури и омраза по верска основа.
Верските лидери во државата не секогаш доволно добро го сфаќаа тоа и не секогаш доволно одговорно се однесуваа. Новиот поглавар на ИВЗ, без разлика кој од актуелните муфтии ќе биде избран, мора да знае дека многу е поважно да ја добие и задржи почитта од верски различните на него, а потоа и од верски истите на него.
Македонија има сила за такво нешто, Македонија има историски темели за тоа. Потребни се само искрена желба и посветеност за да се зајакне меѓуверската доверба.
Добар верски поглавар на ИВЗ ќе биде и оној што првото кафе и првата баклава ќе ги сподели во Старата скопска чаршија со поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот Стефан.