Повеќе резултати годинава во повеќе спортови се одлични, а тие во олимписките спортови покажуваат дека конечно можеме да се надеваме и на многубројна олимписка делегација. Со новата спортска трка, за 2019 година, почнуваат новите спортски предизвици. Со секоја нова спортска година доаѓа и шансата за поставување нови цели, шанса да се стави фокус на тоа да се биде подобар отколку досега. Секој е свој спортски Дедо Мраз. Новата година не значи само вртење на листовите на календарот
Полека се заокружува уште една спортска година, со успеси и со неуспеси, со нови или познати поединци, клубови или репрезентации на врвот, секако со повеќе нови искуства, а сето тоа во пресрет на многу важната предолимписка, 2019 година. За следните 365 дена важни се желбите, но в година почнуваат да се исполнуваат и нормите за настап на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година. Повеќе резултати годинава во повеќе спортови се одлични, а тие во олимписките спортови покажуваат дека конечно можеме да се надеваме и на многубројна олимписка делегација.
Сепак, ако погледнеме и подалеку од олимписката година, воопшто за постојани спортски успеси важни се младите спортисти и нивните резултати во конкуренција на своите врсници од Европа или од светот. Со тоа ќе знаеме дека во одреден спорт има подлабоки и пошироки спортски темели, со најава за подобра перспектива. Тие резултати се и најава дека во следните години ќе можеме да добиеме и сениорски меѓународни успеси и триумфи, зад кои ќе стои долгогодишна работа.
За стабилност и за успеси во низа секогаш се важни успесите на младите категории на меѓународната сцена, затоа што тоа е потстрек, но и показател за стручна и квалитетна работа во базата и најава дека такви резултати, секако со продолжување на напорната работа, ќе може да се случат во следниот период и на сениорско ниво.
Така, од поголемите екипни спортови, на пример, пред две години фудбалот ја почна преродбата со успехот на младата репрезентација и историскиот прв пласман на европските првенства, потоа и освојувањето на 12-то место на шампионатот во Полска во 2017 година.
Лани, пак, стигна потврда на вредностите и на еден одамна втемелен концепт за развој на младите категории, со шестото место на младите ракометари на Светското првенство во Алжир, а и една нова генерација годинава покажа дека местото ѝ е во елитата. Годинава, пак, конечно видовме исчекор и во младинската кошарка.
Од успехот на младинскиот фудбал плодовите сега ги бере сениорскиот фудбал, со А-репрезентацијата, која со голем дел од таа „златна генерација“ во тимот се најде на неверојатни 180 минути до пласман на Европското првенство во 2020 година.
Ракометот, пак, кој со младите „мундијалци“ само ја потврди одличната децениска работа во базата, во сениорската селекција добива сигурно дополнување, а истовремено продолжи континуитетот настапи и квалификување на големите натпреварувања, континентални и планетарни.
Се надеваме дека сега кошарката ќе добие ветер во грбот, откако младите ја надминаа дивизијата Б, па во иднина можат да бидат одлична поддршка, подоцна веројатно и основа, на сениорската селекција, која по падот пред неколку години сега тргна кон враќање на старите патеки, на кои попатни станици им беа неколку успешни настапи на европските првенства, со врвот засега – четвртото место на шампионатот во 2011 година во Литванија.
По сето тоа, за сите нив и за многу други, на 31 декември на полноќ се брише сѐ и во првата секунда од новата година сѐ и сите почнуваат одново од нула во нова спортска трка, за 2019 година. Почнуваат новите спортски предизвици. Со секоја нова спортска година доаѓа и шансата за поставување нови цели, шанса да се стави фокус на тоа да се биде подобар отколку досега. Новогодишните спортски желби повеќе ќе значат ако се дополнети со висока цел, волја, непоколебливост, спортски инает, мотивираност, работливост, дополнителен индивидуален тренинг, дисциплина… Секој е свој спортски Дедо Мраз.
Новата година не значи само вртење на листовите на календарот, туку можност за вртење и нов лист, менување на правецот, посветеноста, ставот…, оти секогаш може подобро. А еден од важните столбови е вербата во младите и непоколебливата посветеност на работата во базата, од која тргнува секој меѓународен сениорски успех. Ништо не се случува прекуноќ, но работата секој ден може да донесе успех.