Уште неизлезена од т.н. прв бран на пандемијата на коронавирусот, според здравствените работници и „експертите“ што се грижат за колективното здравје на луѓето, Македонија влезе во втората фаза од оваа тешка и непредвидлива заразна болест. Вака деновиве ни го објаснуваат надлежните здравствени работници и епидемиолозите драстичното зголемување на бројот на заразените од коронавирусот и бројот на починатите кај нас.
Додека најголемиот број соседни држави и земјите од Европа, па дури и Италија, каде што пандемијата дивееше во изминатите неколку месеци, прогласија крај на заразата и бројот на заразените е драстично намален, кај нас здравствените работници и политичарите ни пласираат приказна дека Македонија наводно влегла во вториот бран од оваа зараза. Иако сум лаик за здравството, сепак по сето она што го слушнав и прочитав во изминатите месеци од почетокот на пандемијата, по деноноќното седење пред телевизорот и читање „стручна литература“ за коронавирусот, ќе си земам за право да кажам дека во Македонија не само што не е стигнат вториот бран туку таа сѐ уште не е излезена од првата фаза.
Со драстичното зголемување на бројот на инфицираните од ковид-19, Македонија стана земја што не само што не може да ги отвори своите граници туку и речиси сите земји од соседството и од Европа ѝ ги затворија границите. За тоа во каква алармантна состојба се најде Македонија по драстичното зголемување на бројот на заразените, најдобра потврда е што на листата на „Форбс“ сме рангирани дури на 103-то место во светот, односно се наоѓаме во групата на небезбедни држави по однос на справувањето со коронавирусот. Состојбата со пандемијата во Македонија и драстичното зголемување на бројот на заразените веќе неколку дена се прва вест во медиумите од соседните држави и предмет на анализа на голем број епидемиолошки експерти и медицински стручњаци кај нас и во светот. Прераното опуштање не само на граѓаните туку и на надлежните здравствени работници и луѓето што ја креираат атмосферата во државата веќе скапо нѐ чини, а колкава ќе биде цената на крајот само Господ знае.
Намалениот број заболени и починати лица во април како да беше сигнал за луѓето што беа вклучени во борбата со пандемијата предвреме да прогласат победа над неа и не само да ги олабавуваа мерките на заштита туку и тие толку многу се олабавија што наместо да му го дадат завршниот удар на коронавирусот, почнаа да се грижат за тоа како ќе сме живееле по справувањето со пандемијата, па за коронавирусот во некои интервјуа, токшоу-емисии и забавни програми зборуваа како за веќе прележана болест.
Нивното олабавување како да беше сигнал за голем дел од обичните граѓани да се опуштат и да почнат со своите вообичаени стари навики на дружење, седенки, групни посети… без притоа да се почитуваат препораките за носење маски и ракавици, за оддржување дистанца, дезинфекција…
Коронавирусот не само нам туку и на светот му покажа дека не само што е опасна заразна болест туку и буквално е непредвидлив, така што за него никогаш не можеш да знаеш кога ќе се појави и кога ќе исчезне.
И наместо по цели три месеци спроведување драстични мерки и живеење во вонредна состојба и со полициски часови надлежните да ги сконцентрираат силите заради дефинитивната пресметка со коронавирусот, тие почнаа да се занимаваат со во овој момент тривијални работи и својата енергија да ја трошат на меѓусебни пресметки пред престојните предвремени парламентарни избори. Коронавирусот таквата опуштеност ја искористи и ако не цела, тогаш добар дел од државата врати на самиот почеток, кога бројот на заразените и починатите беше мошне висок.
Во спортот има едно старо непишано правило „никогаш не радувај се предвреме, крај е само тогаш кога судијата ќе отсвири крај“. Во изминатите години како нација многупати скапо сме ги платиле нашето предвремено славење и опуштање. Во минатото, а и сега, многу добиени натпревари и битки сме ги губеле затоа што не сме знаеле докрај да бидеме претпазливи и сконцентрирани. Таквите порази секогаш сме ги оправдувале со нашиот наводно вроден менталитет предвреме да славиме и да се опуштаме. Впрочем, да се потсетиме дека и битолската и македонска спортска легенда, алпинистот Димитар Илиевски-Мурато, првиот наш освојувач на највисокиот врв во светот Монт Еверест, не се изгуби во хималајските беспаќа при искачувањето, туку при симнувањето од покривот на светот. Добро познавајќи го како алпинист, убеден сум дека при искачувањето на Монт Еверест беше многу сконцентриран и многу полесно го искачи врвот од многу попознатите од него алпинисти, Словенецот Виктор Грошељ и Хрватот Стипе Божиќ. Но по освојувањето на Монт Еверест, Диме од преголема радост премногу се опушти и предавајќи им се на емоциите поради остварувањето на неговиот животен сон, остана повеќе одошто требаше да ужива во погледот од покривот на светот, и на слегување, по големиот подвиг, поради изгубена концентрација, исчезна во прекрасните предели на Еверест.
Вакви и слични трагични и несреќни спортски порази има многу. Битолчани, на пример, уште долго време ќе се сеќаваат на натпреварот со Лемго во Битола, одигран пред 24 години, кога во 1996 година, по скромниот пораз во Германија од само два гола разлика (25 – 23), беше на прагот да се пласира во финалето на Купот на победниците на куповите, но со примен гол буквално во последната секунда (24 – 23) Пелистер ја пропушти историската шанса да се пласира во големото финале.
(Само)дисциплината на македонскиот народ и на другите народи што живеат во Македонија е наша слаба страна. Ние како луѓе сме познати како недисциплинирани, дури знаеме да бидеме и експерти за непочитување и кршење на законите. Токму во оваа ситуација, голем дел граѓани се сметаат за експерти и тврдат дека коронавирусот не постои или дека е обичен грип, кој најголемиот број луѓе го прележале уште во јануари или во февруари. Не е мал бројот на граѓаните што, наместо на лекарите и на здравствените работници, им веруваат на некои самонаречени експерти, вражалки, свештеници, оџи…
Но ако народот има право да биде недисциплиниран, надлежните државни институции и луѓето што ги раководат немаат ни морално ни законско право да бидат такви, па дури ни слични. Тие мора по описот и пописот на работните обврски што ги извршуваат да бидат (само)дисциплинирани.
Тие треба и мора да знаат дека во ваква состојба, кога секојдневно умираат луѓе како последица на пандемијата, мерките и уредбите што ги носат мора да бидат пред сѐ добро промислени и осмислени и да важат за сите, без исклучок и без разлика на која политичка партија, вера или нација припаѓаат. Не можат и не смеат носителите на уредбите и мерките да се однесуваат како дел од свештениците, едно да зборуваат, а сосема друго да прават. Тие добро го знаат менталитетот на овој народ, кој е скаран со самодисциплината и со одговорноста.
Во некои уредени земји доволно беше само на националната телевизија да се прочита едно соопштение и граѓаните максимално да ги почитуваат мерките. Кај нас полицијата напиша илјадници кривични и прекршочни пријави за непочитување на мерките и препораките.
Згора на тоа, многумина го занемарија фактот дека коронавирусот не одбира кого ќе зарази, ни по партиска, ни по верска или национална определба. Затоа мерките што ги носеа надлежните мораше да важат за сите, без исклучок. Недозволиво е за некои да важат мерките и забраните, а за некои не. Уште помалку е дозволиво да се воведуваат карантини во некои градови, а пред стапувањето во сила на таквите мерки и полициски часови, половина од нивните жители да се преселат во други градови.
Таквото „селење“ од север на југ, Ломбардија го плати со илјадници изгубени животи.
Затоа, крајно време е државата и надлежните одговорно да се однесуваат не само кон неодговорноста на луѓето туку и кон сопствената. А народот конечно треба да сфати дека почитувањето на мерките и препораките за носење маска, држење дистанца и одржување на хигиената е најмалата работа што треба и мора да ја направат да си го зачуваат своето и здравјето за своите најблиски.