Достапноста на најавените вакцини никој не може да ја предвиди и прецизно да ја планира. Но сосема сигурно може да се предвиди оти ќе има многу проблеми во однос на нивната набавка и дистрибуција ако само се потсетиме колку бескрупулозни битки низ светот се водеа при набавката и дистрибуцијата на заштитната опрема на почетокот на пандемијата. Притоа, не треба да се има илузии оти богатите и моќни, како и тие со подобри врски, ќе имаат многу обѕири кон посиромашните и помалку моќните. А и ефикасноста на вакцините допрва ќе треба да се потврдува. Исто како и способноста на здравствените власти да направат правилна процена кој и кога треба да се вакцинира. Затоа, не треба да се остава многу простор за еуфоријата, ниту за празничната, ниту за вакциналната
Откога информациите за бугарската блокада, украдената марихуана и празничната дремка, но и вестите за почетокот на вакцинирањето против смртоносниот ковид-19 во Велика Британија, ги потиснаа пандемиските билтени, а здравствените власти во земјава, но и низ светот, како да почнаа да манифестираат симптоми на одреден замор од борбата за заштита на јавното здравје, низ медиумите може да се забележат директни и индиректни најави за можни групни прослави на Нова година во, наводно, веќе резервирани вили низ Скопје, но и во туристичките, главно, зимски центри – состојба што лесно може да ескалира доколку не се превенира навреме.
Вистина, ресорниот министер Венко Филипче веќе апелира до граѓаните да не планираат прослави во угостителските објекти и најави можни рестрикции на работното време во местата каде што се можни поголеми собири, но добро би било притоа да не ја исклучи можноста за поголеми или помали собири во изнајмени приватни вили, кои во текот на пандемијата веќе се покажаа како чест извор на зарази, па дури и на поголеми кластери.
Луѓето тешко се откажуваат од своите навики, а оправдано или неоправдано создадениот впечаток дека вакцинирањето само што не започнало, како и анализите на Институтот за јавно здравје, според кои во текот на последната недела имало благо намалување на бројот на новозаразени и на смртноста од ковид-19, ги охрабрува во плановите Нова година, сепак, да не ја пречекаат само со потесното семејство, туку да бидат дел од потесен или поширок круг на луѓе надвор од своите домови.
Но искуствата од другите земји покажуваат дека состојбите од ден на ден се менуваат и дека бројките дефинитивно не може да се контролираат, ниту пак да се предвиди како ќе се движат тие понатаму. Веќе има и премногу примери на земји за кои се мислеше дека успешно се справуваат со пандемијата, за потоа истите тие да доживеат комплетно фијаско. Повеќето од нив се со посилни здравствени системи.
Токму поради овие, но и голем број други лоши искуства, насекаде низ светот веќе се најавуваат посебни поригорозни мерки за претстојните празници. Се разбира, има и такви што одбраа поинаков пристап, па најавуваат попуштање на мерките доколку до празниците бројките на новозаразени паднат под одредено ниво. Сето тоа е проследено и со ограничувањата на активностите што вообичаено им претстојат на празниците, како што се ништо помалку еуфоричните пазарувања, на пример, а токму во македонската престолнина неодамна бевме сведоци на навистина непотребни турканици создадени по јавните повици на некои трговски компании дека во одреден период ќе имаат попусти на цените на нивните производи. Пандемиските статистики што следуваа една недела потоа јасно упатуваа на заклучок дека некои од тие што со часови чекаа пред дуќаните, прескапо ги платиле купените производи.
Разбирлива е потребата на луѓето да се опуштат и да се дружат и забавуваат за празниците, како и на властите да ја покажат својата посветеност поттикнувајќи ги уверувањата оти на пандемијата ѝ се гледа крајот, зашто вакцината, ете, само што не пристигнала, откога неколку фармацевтски компании, во желбата да бидат први и најпродавани на пазарот, ги изрекламираа своите вакцини како да се кремови против брчки. Но потребите и желбите на секој одделно и на сите заедно се едно, а реалноста е таа дека, според сите моментални процени, пандемијата не стивнува. Напротив, во наредните недели се очекува и нејзино засилување
Поголеми собирања може да се очекуваат и пред банките, бидејќи тоа е слика што и без празници може да се забележи уште од почетокот на пандемијата.
Да се потсетиме и на традиционалните празнични маалски собири околу огновите, кои дури и во периодите на најголемите загадувања низ градовите, со никакви апели не можеа да бидат спречени.
Разбирлива е потребата на луѓето да се опуштат и да се дружат и забавуваат за празниците, како и на властите да ја покажат својата посветеност поттикнувајќи ги уверувањата оти на пандемијата ѝ се гледа крајот, зашто вакцината, ете, само што не пристигнала, откога неколку фармацевтски компании, во желбата да бидат први и најпродавани на пазарот, ги изрекламираа своите вакцини како да се кремови против брчки. Но потребите и желбите на секој одделно и на сите заедно се едно, а реалноста е таа дека, според сите моментални процени, пандемијата не стивнува. Напротив, во наредните недели се очекува и нејзино засилување. Достапноста на најавените вакцини никој не може да ја предвиди и прецизно да ја планира.
Но сосема сигурно може да се предвиди оти ќе има многу проблеми во однос на нивната набавка и дистрибуција ако само се потсетиме колку бескрупулозни битки низ светот се водеа при набавката и дистрибуцијата на заштитната опрема на почетокот на пандемијата. Притоа, не треба да се има илузии оти богатите и моќни, како и тие со подобри врски, ќе имаат многу обѕири кон посиромашните и помалку моќните. А и ефикасноста на вакцините допрва ќе треба да се потврдува. Исто како и способноста на здравствените власти да направат правилна процена кој и кога треба да се вакцинира.
Затоа, не треба да се остава многу простор за еуфоријата, ниту за празничната, ниту за вакциналната. Поради забрзаната динамика на настаните и многубројните, често и целосно контрадикторни информации, на обичните луѓе можеби сето тоа и не им е сосема јасно, така што властите би требало навреме да го стеснат просторот за опуштање, бидејќи кога ќе започне празничната еуфорија, тоа би можело да стане навистина невозможна мисија.