Македонската фудбалска репрезентација ќе игра за пласман на ЕП 2020, но веќе заокружи огромна работа. Прво, резултатски ја смени сликата за македонската селекција (на пример, го освои досега недостижното трето место во едни квалификации, а како ниту една претходна генерација се најде на само еден чекор до големо меѓународно натпреварување), промовирајќи се како победник, но уште поважно, во Македонија ги зацврсти темите за развој на најпопуларниот спорт во светот, фудбалот, со победите и успесите како најдобра реклама за еден спорт
Македонскиот репрезентативен фудбал, по години чекање, надевање на подобро утре, наскоро ќе го има својот најважен квалификациски меч во својата историја. Натпревар по кој црвено-жолтите можат да се најдат на сцената на која одамна заиграа ракометарите и кошаркарите, а лани и одбојкарите. Ракометарите досега во огромни количества одиграа значајни натпревари во својата историја, многу од нив и во 2012 година, на Европското првенство во Србија. И кошаркарите имаа многу такви големи натпревари, а некои од тие мечеви беа одиграни и на Европското првенство во Литванија во 2011 година. Одбојкарската селекција одушеви минатата година во Словенија, на своето деби на Европското првенство.
Ракометарите од пробивањето на мразот во 1997 година се одомашија на меѓународната сцена (досега беа петти во Европа и деветти во светот), кошаркарите дебитираа во 1999 година, една деценија потоа имаа голема серија настапи (го освоија и четвртото место во Европа), а и двете играа и во квалификациите за пласман на летни олимписки игри. Одбојкарите, пак, на својот прв настап на континентално првенство, за влакно не се пласираа во осминафиналето, но, на пример, го победија подоцнежниот европски вицешампион, Словенија.
Сега на ред е фудбалот да ја испише својата европска приказна. Во минатото, црвено-жолтите одиграа неколку битни натпревари за македонската фудбалска историја, како првиот меч воопшто (со Словенија, победа во Крањ со 4-1, во 1993 година), првиот на домашен терен (со Словенија, победа со 2-0, во 1994 година), првиот во квалификациите (со тогашниот европски првак Данска, реми, 1-1, во 1994 година), потоа, на пример, првиот на гости во квалификации (со Белгија, реми 1-1, во 1994 година), првиот со некогашен светски првак (со Англија, на гости, реми 2-2, во 2002 година) итн.
Точно 27 години по првиот натпревар, деведесет минути ја делат Македонија од обезбедувањето билети за патувањето в година, прво во Букурешт, а потоа и во Амстердам, на средби со репрезентациите на Австрија, Украина и на Холандија, на Европското првенство. Овој натпревар на македонската репрезентација на програмата е на 12 ноември, во Тбилиси, на гости кај селекцијата на Грузија. Победникот на тој меч ќе заигра на континенталното првенство в година. Сениорската репрезентација игра за историја, за потоа да го одигра новиот историски меч, првиот на европските шампионати, закажан на 13 јуни, во главниот град на Романија, со репрезентацијата на Австрија.
Македонската фудбалска репрезентација, гледајќи ја поголемата слика, веќе досега заокружи огромна работа. Прво, резултатски ја смени сликата за македонската селекција (на пример, го освои досега недостижното трето место во едни квалификации, а како ниту една претходна генерација се најде на само еден чекор до големо меѓународно натпреварување), промовирајќи се како победник, полека излегувајќи од сенката на репрезентативните колеги од други екипни спортови, но уште поважно, во Македонија ги зацврсти темелите за развој на најпопуларниот спорт во светот, фудбалот, со победите и со успесите како најдобра реклама за еден спорт.
Пандемијата на коронавирусот донесе несигурност и во спортот, фудбалот по принудната пауза, сепак, се стркала, а топката сега е во нозете на црвено-жолтите, кои по подолго време сега сами одлучуваат за сѐ. Во минатото најчесто зависеа од резултатите на другите селекции, но сега фудбалерите сами се изборија за тие значајни 90 минути. Средбата идната недела е круна на одот од 27 години кон големата сцена.
Успехот на репрезентацијата се совпадна и со, на пример, моментот кога на европската сцена одново се актуелни неофицијални најави за формирање континентална клупска суперлига. Европската фудбалска унија во минатите години ги амортизира обидите за поделба во европскиот клупски фудбал. Македонскиот фудбал нема да биде одминат од евентуалните промени, но како и досега единствениот начин за фудбалот да продолжи по овие успешни репрезентативни патеки ќе биде продукцијата, оти ова поднебје има фудбалски таленти.
Сега Македонија има шанса да го дополни тоа со сениорски репрезентативен успех (младинците пред три години дебитираа на европско првенство), кој ќе даде уште поголем поттик за огромна работа, организација, посветеност… од сите чинители, затоа што по многу генерации дојде една што е на прагот на едно големо натпреварување. Добро е тој момент да се искористи, без разлика на генералниот курс на светскиот фудбал, за, меѓу другото, фудбалската репрезентација во континуитет да остане конкурентна.