Од политичките лидери се очекува да ја предводат нацијата, да дадат морален компас, да ги смируваат тензиите. Ако вршителот на највисоката политичка функција во државата ги исмева и ги напаѓа сите што смета дека можат да му застанат на патот, порано или подоцна може да се најде некој што неговите напади ќе ги протолкува како повик за акција. Тогаш поларизираната политичка клима може многу лесно да се претвори во национална трагедија
Бомби испратени по пошта, масакр во синагога, мигрантски карван, напади врз медиумите и жестока, расистичка реторика. Ова се само некои од настаните што ја одбележаа тензичната политичка атмосфера во САД пред вчерашните конгресни избори, кои се одржуваат на половина од мандатот на претседателот. Изборите имаат големо значење бидејќи од нивниот исход зависи дали и како претседателот може да ја спроведува својата политика до крајот на мандатот, односно од резултатот зависи дали ќе соработува или ќе биде блокиран од Конгресот. Овие избори имаат посебно значење и зашто во Белата куќа е Доналд Трамп, милијардерот што толку ја поларизираше американската политичка сцена во изминатиот период. Американските медиуми ги прогласија изборите за референдум за Трамп. Самиот претседател на САД се стави во центарот на вниманието и им порача на приврзаниците да излезат и да гласаат како тој да се наоѓа на гласачкото ливче. Ако републиканските кандидати ги предводи Трамп, демократските претенденти добија поддршка од неговиот претходник Барак Обама, па конгресните избори добија и претседателски дуел.
Оваа колумна е пишувана додека Американците гласаа, но ако се суди според последните анкети, поделбите што ги мачеа САД пред изборите за Конгресот, ќе останат и по нив (се прогнозира оти демократите ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, а републиканците ќе го задржат, па дури и ќе го зголемат мнозинството во Сенатот). Но колумната не е за изборниот исход, туку за опасноста од жестоката реторика на лидерите, од насилничкиот говор, кој на крајот може да поттикне и реално насилство.
Белата куќа со денови демантира дека изјавите на Трамп имаат каква било врска со насилствата што им претходеа на изборите, но факт е дека со неговото доаѓање во Белата куќа, политичкиот дискурс во Америка доживеа драматични промени. Повеќе ништо не е свето, ништо не е табу. Набљудувачите оценуваат оти ова е најагресивната кампања досега, со најголем број реклами со напади врз политичките ривали.
Претседателот на САД обожава да ги напаѓа и исмева неистомислениците, а особено сака да ги напаѓа медиумите, прогласувајќи ги за непријатели на народот. Тој можеби нема директна одговорност зашто некој решил да посегне по друг човечки живот, но секако има индиректна одговорност ако со изјавите уште повеќе ги разгорува тензиите наместо да ги смирува како вршител на највисоката политичка функција во државата.
По бомбите што неодамна беа испратени по пошта до повеќе јавни личности и медиуми (сите цел на негови вербални напади), Трамп го направи минимумот што се очекува од еден претседател. Тој повика на национално единство, вети дека одговорните ќе бидат казнети и нагласи дека политичкото насилство е напад врз демократијата. И толку. Трамп одби да признае дека неговата жестока реторика има барем делумна вина за напнатата ситуација во општеството. Напротив, претседателот јавно се потсмеваше со повиците да ја смири топката, па на еден собир им порача на приврзаниците дека ќе се обидел да биде фин. Сепак, не издржа да биде фин, па веднаш му се нафрли на својот омилен противник, медиумите. Претседателот порача дека медиумите морале да престанат со „бескрајното насилство и со постојаните негативни и често лажни напади и приказни“ ако сакале да престанат нападите во земјата.
Критичарите велат дека Трамп успеал да ги претвори медиумите во свој најкорисен политички непријател за да може преку постојани напади да испраќа пораки до противниците и да се брани од критиките. Истите тие сметаат дека Трамп лошо ја врши претседателската функција, прави многу грешки и затоа генерира многу лоши вести. За да ги избегне валидните критики, претседателот преку нападите успева да ги увери своите приврзаници дека медиумите неосновано го напаѓаат и дека шират лажни вести за него. Уште повеќе, тој на гласачите им вели дека медиумите што го напаѓаат него всушност ги напаѓаат нив зашто го поддржуваат и бидејќи ги мразат за тоа. Поради тоа, медиумите се претвораат и во главна цел на омраза, но и во извор од кој тој ја црпи поддршката. Има причина зошто е тоа така. Голем број од луѓето во Америка, исто како и во Европа, ја загубија довербата во традиционалните политички елити и тоа е и една од главните причини зошто Трамп победи и влезе во Белата куќа, како некој што би требало да биде искрен, директен, политички некоректен, богат, непоткуплив и кој, како што вели самиот, треба да го исуши мочуриштето. Тој би требало да биде носителот на промените. Од друга страна, традиционалните големи медиумски куќи се перципирани како симбол на омразените политички елити и затоа кога Трамп ги напаѓа, приврзаниците го поддржуваат зашто сметаат дека ги напаѓа симболите на старата политичка гарда. Стилот на Трамп е да шири информации, кои често се судираат со вистината, а делот од јавноста што го поддржува секогаш ќе гледа заговор на медиумите за нападите против претседателот. На пример, многу негови приврзаници не веруваа дека некој испраќал бомби по пошта и тврдеа дека тоа се лажни вести што ги шират медиумите и неговите политички противници, демократите. Исто така, приврзаниците на Трамп сметаат дека е апсурдно да се обвини претседателот дека поттикнал напади врз политичари или медиуми само зашто некои „изолирани лудаци“ решиле да прават бомби или да стрелаат во невини жртви.
Но не е баш така. Насилната политичка реторика на лидерите може да има вистински тешки последици. Тоа важи за сите лидери, без разлика дали доаѓаат од Америка или од другата страна од Атлантикот. Од нив се очекува да го предводат народот, да дадат морален компас, да ги смират поделбите и тензиите во општеството и секогаш да повикуваат на дијалог и на решавање на проблемите преку компромиси. Ако вршителот на највисоката политичка функција во државата без никакво размислување ги исмева и ги напаѓа сите што мисли дека можат да му застанат на патот, без разлика дали станува збор за стари или млади, мажи или жени, богати или сиромашни, тогаш порано или подоцна може да се најде некој што ќе „одговори“, односно што ќе ги протолкува вербалните напади на лидерот како повик за акција. Поларизираната политичка клима може многу лесно да се претвори во национална трагедија со долгорочни последици. Лидерите треба што побрзо да сфатат дека нивните зборови можат да ја зголемат, но и да ја намалат безбедноста на сите членови на општеството, од обични граѓани до новинари и политичари. Ако не го сторат тоа, некој може навистина да настрада.