Наредните шест месеци од француското претседавање со Унијата се сметаат и за критичен миг за тоа дали да се опстои на патот на нашите евроатлантски интеграции. Ова е период кога нашите политичари треба да ги потсмират своите лични суети и наместо да реагираат емотивно на дневна основа, да се посветат на градење рационална, усогласена и добро разработена надворешна политика на Македонија. Една од задачите на нашата дипломатија ќе треба да биде и целосно мобилизирање на демократски и европско ориентираните сили во земјата, регионот и во Европа, кои отворено ќе порачаат дека е недозволиво во 21 век да се негира постоењето на еден народ со сопствен идентитет и јазик, во овој случај македонскиот
Во наредната година пред новата реконструирана влада на СДСМ и на ДУИ, засилена со алтернативците, стојат два приоритета во надворешната политика на Македонија. Првиот се однесува на сѐ понеизвесниот процес за проширување на Европската Унија, поради уцените од бугарската влада за симнување на блокадата за почеток на пристапните преговори за Македонија. Вториот приоритет, кој полека излегува во прв план, е проширувањето на регионалната соработка, под форматот на „Отворен Балкан“. Двете носечки цели, колку и да изгледаат различно по својата суштина, меѓусебно се поврзани и во основа бараат еднаква ангажираност на носителите на надворешната политика, во кои активно партиципираат Владата, преку Министерството за надворешни работи, претседателот на државата, па ако сакате и сите политички партии во земјата.
Недобивањето на долгонајавуваниот датум за почеток на преговори ги исфрли на површина слабостите во водењето на надворешната политика на Македонија. Едноставно кажано, македонската дипломатија не си ја заврши домашната задача, која првенствено се состои во зачувување на националните интереси. Се чини, луѓето задолжени за водење на надворешната политика, но и од опозицијата настапите во странство повеќе ги користеа за сопствена промоција отколку да се посветат на градење координирани и подобри преговарачки позиции во ЕУ во однос на отвореното прашање со Бугарија. Во изминатиот период многумина експерти предупредуваа на непостоењето добро разработена и конзистентна стратегија во водењето на надворешната политика. Македонската јавност беше сведок на различни изјави од поединци во највисоките структури на извршната власт, што внесуваше забуна и разочарување кај граѓаните, од „попустите“ што поединци беа подготвени да ги направат во досегашните контакти со бугарските политичари. Така, можевме да слушнеме за „нашата подготвеност“ за еднострани отстапки, од менување на преамбулата на Уставот до корекции во учебниците по историја и географија, што сѐ повеќе ги слабееше преговарачките позиции на македонската страна!
Последниот во низа пропусти во надворешната политика беше надмудрувањето меѓу премиерот во заминување Зоран Заев со претседателот на државата Стево Пендаровски, кој за време на посетата на Косово, на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, рече дека „Отворен Балкан“ е фалична иницијатива од самиот почеток, бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан во неа се само половината.
Пендаровски напомена дека сѐ додека иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна!? Веднаш следуваше реакција од Заев, кој изрази изненадување од ставот на македонскиот претседател, со забелешката дека „неразбирливо е зошто некој би бил против пријателство со соседите, против зближување на младите и народите од Западен Балкан и против полесна и побрза економска соработка“. И наместо на ова да се заврши преписката преку медиумите, претседателот Пендаровски продолжи да се дообјаснува во интервју за една телевизија, за тоа дека „Отворен Балкан“ не треба да биде алтернатива на полноправното зачленување на Македонија во Европската Унија“!
Ако се следат досегашните изјави на иницијаторите на „Отворен Балкан“, претходно насловен „мини-шенген“, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и неговиот македонски колега Зоран Заев, тие секогаш се залагале за поширока економска регионална соработка, во која би се вклучиле и Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Ваквата заложба, тројцата лидери ја искажаа и во отвореното писмо, во кое ги канат соседните земји од регионот да ѝ се придружат на иницијативата „Отворен Балкан“. Во оваа пригода се потсетува и на веќе потпишаните договори што им овозможуваат на граѓаните слободно да работат во соседните држави, кои ги намалуваат граничните контроли за влез на стока и воспоставуваат механизми за слободно патување на граѓаните во овие три земји, како што граѓаните на ЕУ патуваат меѓу земјите-членки.
Очигледно во нашата земја, но и во соседните земји постојат поделени ставови околу формирањето регионална економска зона, според принципите на заедничкиот европски пазар. Неизвесно е дали оваа иницијатива во Македонија, по изборот на новиот премиер, ќе биде форсирана со ист интензитет, како што го правеше тоа Заев, кој беше еден на главните промотори за посилно балканско „здружување“. Отпорот кон економското отворање на Балканот е јасно присутен и во Црна Гора, а нивниот претседател Мило Ѓукановиќ изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ повеќе служи за политичка промоција. Овде може да се спомене и противењето на косовскиот премиер Албин Курти, како и на поранешниот претседател на Албанија, Сали Бериша, кој ги повика граѓаните да протестираат против „Отворен Балкан“, пред одржувањето на новата средба во Тирана, која се одржува денеска и утре.
Новата влада на Македонија во наредниот период ќе мора да се посвети на отстранување на сите досегашни „фалинки“ во надворешната политика, која ја темелевме на дадените, но неисполнети ветувања за добивањето датум за преговори со ЕУ. Меѓународното лобирање кај нашите надворешни партнери и политички сојузници во земјите-членки на Европската Унија треба да стане уште посилно, преку вклучување на сите интелектуални потенцијали во земјата и во странство. Наредните шест месеци од француското претседавање со Унијата се сметаат и за критичен миг за тоа дали да се опстои на патот на нашите евроатлантски интеграции. Ова е период кога нашите политичари треба да ги потсмират своите лични суети и наместо на емотивни реакции на дневна основа, да се посветат на градење рационална и добро разработена надворешна политика на Македонија. Една од задачите на нашата дипломатија ќе треба да биде и целосно мобилизирање на демократски и европско ориентираните сили во земјата, регионот и во Европа, кои отворено ќе порачаат дека е недозволиво во 21 век да се негира постоењето на македонскиот народ и јазик.