Познатиот француски генерал и претседател на модерна Франција, Шарл де Гол, има кажано дека договорите се како розите, тие виреат додека се млади растенија, а потоа исчезнуваат, особено побргу во моментите кога една од страните прекинува да го почитува договореното. Во случајот со Македонија, нашите договори со соседите не личат на убави и мирисливи рози, туку многу повеќе на трње со многу боцки
Договорите што ги имаме со соседите Бугарија и Грција, наместо за членство на нашата држава во ЕУ, донесоа мноштво главоболки за државата и ниту за милиметар не нѐ доближија до Унијата. Дури, напротив, токму овие договори, кои, патем, се и крајно асиметрични и на наша штета, може да станат замки и опасни мини со потенцијал да ги разнесат државата и македонскиот народ со сите негови идентитетски, историски, културни, јазични и други обележја. Имено, договорот со Грција го разруши името на Македонија, а договорот со Бугарија, пак, во себе има капацитет да ги разнебити националното јадро, јазикот и историјата на македонскиот народ. Токму поради високите ризици, но и залогот што доаѓа со нив за напредокот на земјата во Европската Унија, овие меѓународни документи треба да се следат со крајна претпазливост и внимателност, а на потенцијалните проблеми да се реагира навремено, слично на народната поговорка што вели дека оној што се изгорел на врело млеко, дува и на јогурт.
Имено, последните иницијативи за надминување на спорот со Софија, од чие вето практично и зависи европскиот напредок на Македонија, може да подразберат во себе и потпишување нови анекси и гаранции на веќе постојниот договор за добрососедство со Бугарија.
Во меѓувреме, на домашната политичка сцена изминатиот период зачестија повиците за раскинување на договореното, но и изјавите да се почитува почнатиот процес со Бугарија.
Во име на атлантската безбедност, Македонија досега плати превисока цена и го загуби своето вековно име, а заложбите за остварување на сонот за европска иднина, пак, за жал, носат други големи ризици, кои немаат цена, а се однесуваат на нашиот идентитет, јазик, историја, од кои Бугарија бара да се откажеме.
Во овие моменти може да се потсетиме и на една мудра реченица, која некогаш ја кажал познатиот француски генерал и претседател на модерна Франција, Шарл де Гол, која вели дека договорите се како розите, тие виреат додека се млади растенија, а потоа исчезнуваат, особено побргу во моментите кога една од страните прекинува да го почитува договореното.
Ирационалните ултиматуми кон Македонија што ги наметнуваат посилните држави, и сега и во минатото, не личат на убави и мирисливи рози, туку на трње со многу боцки. Историјата на државите спознава и препознава голем број меѓународни документи и спогодби што ги регулирале дури и најтешките проблематики на цивилизиран правно-дипломатски начин. Договорите се составен дел од меѓународната политика, но, секако, под претпоставка да се склучени на рамноправна основа, а не под притисок, уцена или диктат.
Тоа може да се препознае најлесно во Договорот од Преспа, каде што македонската страна изминативе четири години, откога е потпишан документот, со динамика побрза од потребното испочитува најголем дел од договореното, па дури и ги брусеше ознаките на металните шахти низ градовите што ѝ пречеа на Грција. Од друга страна, властите од Атина не ги променија од договореното ниту таблите на нивните меѓународни патишта. Во таа насока, не случајно народната мудрост вели три пати мери, еднаш сечи. Со други зборови, пред да се потпише што било, треба детално да се проверат и претресат сите аргументи и можни потенцијални замки низ една стручна и широка дебата. Практиката на мускули и на мала врата да се носат клучни документи треба да престане засекогаш и да замине во историјата.
Со еден поинаков, прагматичен, стручен, студиозен приод кон кој било договор или проблем би се изградил јасен став за преговорите, транспарентно би се изградиле нашите национални позиции, преку многу отворени полемики, дискусии и дебати со стручната јавност, медиумите и населението. Па, дури потоа, со одмерени и мудри чекори би се барало компромисно решение, кое нема да наштети врз националните интереси, со изговор за членство во ЕУ. Токму ваков пример за договор има во соседството, и тој може да биде оној кога Хрватска и Словенија повеќе години бараат прифатливо решение за територијалните граници без притоа да се блокира членството на една од страните во ЕУ. На ваков начин, на рамноправна основа, и Македонија треба да ја бара својата шанса во односите со соседите. Или, со други зборови, прво да влеземе и ние внатре во европскиот клуб и оттаму, потоа, заедно и рамноправно да разговараме за сите отворени прашања.