За да престане поигрувањето со терминот фантомизација на македонските граѓани пред секој изборен циклус, државата треба најпрво преку попис да утврди колку сме, бидејќи единствено така ќе се намали можноста да се прават и евентуални изборни
измами или манипулации
Повозрасните сигурно се сеќаваат на маскираниот лик на стрип-јунакот Фантом, создаден пред повеќе од 70 години, кој живее во пештерата во форма на череп, кој бескомпромисно се бори против криминалот и кого племето на Пигмејците го нарекува духот што му се спротивставува на злото. За разлика од измислениот затскриен стрип-јунак, кој беше актуелен во минатото и постојано беше во борба со криминалот и лошото, во нашата македонска реалност синоним за поимот „фантом“ всушност подразбира нешто сосема друго. Поимот „фантоми“ кај нас најчесто се употребува пред секој изборен циклус и се однесува на лица без валидни податоци и документи за кои не се знае дали се присутни или не во државата. Токму битноста на прашањето поврзана со оваа вечно актуелно тема пред речиси секој изборен процес во земјава наметнува дилема каква е всушност состојбата со лицата без документи, колкав е нивниот официјален број и зошто досега не се најде лек на овој горлив проблем, кој очигледно постои со години?
Сублимирајќи ги накратко деновиве заклучоците од Комисијата за европски прашања во Собранието, каде што помина предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, но и изнесените забелешки од невладините организации во пресрет на изборите околу неспроведените клучни процеси како пописот, реформите во Изборниот законик, промената на изборниот модел, логично се наметнува и дилемата дали е можно како што власта и опозицијата постигнаа консензус за предвремени избори, да постигнат консензус и за сите други битни прашања, чие решавање може да ѝ обезбеди поперспективна иднина на земјава и да креира предуслови за фер и демократски избори без ниту една дамка.
Во таа насока, како најефикасно оружје во битката со фантомите секако е пописот, како тема што, очигледно, исто така, се избегнува со здружени сили, и покрај сите претходни амбициозни најави дека конечно ќе се преброиме следната година.
Друго прашање е како да се надминат аномалиите нотирани речиси во секој извештај од набљудувачката мисија ОБСЕ/ОДИХР за досегашните изборни процеси во Македонија, во кои без исклучок се забележуваат недоследности во однос на изборниот модел и Изборниот законик.
По толку многу промени и интервенции во Изборниот законик, и тој како да почнува да личи на фантом наместо на суштински и значаен документ. Во таа насока веројатно е многу подобро носење нов изборен законик отколку понатамошно крпење на стариот.
Избирачкиот список, пак, е приказна сам по себе.
Колку за потсетување, од досегашната изборна реалност имавме починати лица, десетици граѓани запишани на иста адреса, фантоми, погрешно запишани гласачи… сето ова беше констатирано и од набљудувачите и од партиите досега.
Во исто време, невладините деновиве коментираат дека Изборниот законик е како швајцарско сирење и потребно е итно да се разговара за еден сосема поинаков модел, кој во пресрет на изборите ќе обезбеди доверба кај граѓаните.
Дека има одредени пропусти во оваа сфера потврди и истражувањето на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, која ја набљудуваше изборната кампања за последните претседателски избори. Во својот периодичен извештај, за периодот од 11 март до втори април, се наведува дека и натаму институциите не постапиле по некои нивни претходни препораки. Тогаш мисијата ги забележа и нејаснотиите во Изборниот законик во односот на тоа дека кандидатите воделе кампања надвор од определениот период, но и проблемот со нерегистрираните граѓани во избирачките списоци.
За да престане оваа фантомизација, државата треба најпрво преку попис да утврди колку сме, бидејќи единствено така ќе се намали можноста да се прават изборни измами и манипулации. Сѐ додека не се отстранат недоследностите во Изборниот законик, не се прочистат изборните списоци и не се тргнат „маските“ на фантомите, залудни се сите реформи на патот кон ЕУ.
Проблемот треба да почне системски да се решава од корен и да се исчистат сите „маскирани лица“, не само во избирачките списоци туку и во други сфери од општеството. Тоа може да се случи единствено преку реформи и затворање на отворените прашања и нејаснотии во Изборниот законик, евентуална смена на изборниот модел и воведување една изборна единица со отворени листи.
Се разбира, сериозноста во пристапот и одлучноста за справување со сите предизвици, меѓу кои се и фантомите, најдобро може да се демонстрира и реализира преку спроведување итен и неодложен попис.
Сѐ друго што е спротивно на заложбите и потребата од итен попис е само бесполезна политичка стрип-анимација, односно занимација, како случувањата во племето на Пигмејците пред 70 години.