Јазикот единствено може да се зачува само со правилно зборување и пишување, нема тука некоја филозофија. Во првите години од основното образование се поставуваат темелите, тука се поставува основата во однос на знаењата. Токму поради тоа, само тоа што се учи на часовите по македонски јазик, предвидено со програмата, едноставно не е доволно. Наставниците треба дополнително да работат со децата што послабо знаат граматика или ако имаат проблем со ракописот. Мора да се бараат начини како да се подобрат знаењата и постигнувањата на учениците
„Некој ме кикна од група, наставничке“, „Се џојнав пак, пред малку по грешка ливнав“, „Мјутнат е Алексеј професорке, не ве слуша.“ Ова се само некои од фразите што во секојдневниот говор ги користат учениците додека следат настава на далечина. „Пошто“ наместо „бидејќи“, „никад“ наместо „никогаш“, „наставничката го аплоудна тестот“, се зборови и изрази што се дел од вокабуларот на многумина ученици. Учителите се борат против неправилниот говор и ги поправаат учениците кога грешат, но тешко им оди. Често се случува и тие самите да прават јазични грешки во комуникацијата со децата.
Друг проблем е што се случува студенти на факултет да пишуваат „не знам“ слеано, да пишуваат „сеуште“, „прецедател“, „прф“. На ова со години укажуваат професори по македонски јазик од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кои велат дека на факултет се запишуваат студенти што не ги знаат сите букви од азбуката, не знаат за едначење по звучност или го пишуваат разделено зборот тогаш кога не треба (нај јак). Ова значи дека во претходните циклуси на образование (девет години основно и четири години средно, вкупно 13) се направени сериозни пропусти во изучувањето на македонскиот јазик, кои на факултет е тешко да се надоместат и поправат.
Јазикот единствено може да се зачува само со правилно зборување и пишување, нема тука некоја филозофија. Во првите години од основното образование се поставуваат темелите, тука се поставува основата во однос на знаењата. Токму поради тоа, само тоа што се учи на часовите по македонски јазик, предвидено со програмата, едноставно не е доволно. Наставниците треба дополнително да работат со децата што послабо знаат граматика или ако имаат проблем со ракописот. Мора да се бараат начини како да се подобрат знаењата и постигнувањата на учениците.
Професори по македонски јазик со години укажуваа и бараа да се променат наставните програми по македонски јазик и литература, односно предлагаа во рамките на предметот да се издвои граматиката од литературата, за да може да се обрне поголемо внимание на правописот (кој не се учи теоретски туку практично), на правоговорот, на јавната комуникација. И покрај тоа нивно барање низ годините, не видовме сериозни промени во наставните програми. Ова само ни покажува во колкава мера ѝ е (и ѝ било) важно на државата решавањето на проблемите врзани за писменоста и образованието на младите.
„Пошто“ наместо „бидејќи“, „никад“ наместо „никогаш“, „наставничката го аплоудна тестот“, се зборови што се дел од вокабуларот на многумина ученици. Наставничките се борат против неправилниот говор и ги поправаат, но тешко им оди, а често и тие самите користат англицизми во комуникацијата
со децата
Негрижата на државата се гледа и од друг аспект. Имено, откако имаше сериозни реакции во јавноста дека сѐ понеписмени наставници ги учат децата, пред повеќе од пет години беа најавени крупни реформи на педагошките факултети и на факултетите што имаат наставни насоки, за да почне државата конечно да произведува поквалитетни наставници, кои требаше да оневозможат секој да може да биде наставник. Законот за академија на наставници и Законот за високообразовни установи за образование на наставници се двата закона што се ставени во некакви мирувања. Требаше да се зголемат критериумите при упис на факултет на идните наставници, да има построга селекција на кандидати. До денеска, ништо од тоа не се случи во практика.
Останува и понатаму да биде наша реалност еден од најголемите апсурди на нашиот образовен систем, а тоа е производството на одлични ученици, кои покрај основно, се и функционално неписмени. Тоа го покажуваат меѓународните резултати во читање со разбирање каде што сме „слаби“, тоа го покажа и анализата на Светската банка од пред неколку години, според која две третини од младите кај нас се функционално неписмени, т.е. не знаат да читаат, да пишуваат и да работат на компјутер.
Неправилното пишување, неправилниот изговор и искривоколчувањето на јазикот со употреба на термини својствени за некои други јазици се сериозен предизвик пред кој се исправени образовниот систем и општеството. Ова е комплексен проблем, кој бара пристап од многу аспекти, бара анализи, менување регулативи, менување практики, многу работа и ангажман од експертите и надлежните. Во спротивно, ќе ја загубиме битката за зачувување на јазикот.