Згаснатите животи и уништените судбини низ годините несомнено потикнуваат размислувања што е тоа што ја прави Македонија редовно да има вакви или слични трагични настани. Дали се тоа хронична неорганизираност, системска неефикасност и нефункционалност, несоодветна кадровска екипираност, површност наместо темелен приод кон работите итн. Пред јавноста и граѓаните се наметнува и прашањето како да се изгради функционален систем што брзо ќе одговори на сите предизвици на кои сме ставени како народ и држава. И тоа во сите сегменти, здравство, економија образование, екологија, надворешна политика итн.
На денот на одбележувањето на 30-годишнината од нашата државност голема трагедија ѝ се случи на Македонија, кога во пожар во тетовската модуларна болница загинаа 14 пациенти, a уште 12 лица се задржани на лекување и закрепнуваат од последиците од несреќата. Радоста и тагата се составен дел на животот, па судбината како да сакаше во моменти кога се славеше и се одбележуваше јубилејот за независноста да нѐ обземе и голема тага поради настанот во Тетово. Сепак, ако се осврнеме наназад и погледнеме во минатото, лесно може да се воочи дека доста често како народ и како држава нѐ следат одредени немили настани, црнила или трагедии, кои би требало да ги избегнеме или превенираме. Случајот со тетовската болница е само последен во низата.
Речиси две години се бориме со пандемијата што однесе илјадници животи на наши сограѓани. Земјата долго време од разни причини не можеше да набави вакцини за населението, а во некои светските рангирања бевме и на самиот врв според високиот процент на морталитет кај заразените. Натаму, летово серија пожари ја пеплосаа Македонија и ни причинија непроценливи штети, при што имаше и човечки жртви. Дали не можеше сево ова да се избегне и спречи? Пред само две години изгубивме 15 животи во сообраќајна несреќа, кога на 13 февруари 2019 година автобус излета од патот кај Ласкарци, поради неисправни сопирачки или човечка грешка. Во македонската црна хроника може да се впишат и вкупно 28-те жртви, кои како данок ги плативме во поплавите што ги зафатија Скопско и Тетовско две години по ред, односно во 2016 и во 2015 година, потоа воздухопловната несреќа на 11 македонски мировници, чиј хеликоптер се сруши кај катлановско Блаце во 2008 г. итн.
Згаснатите животи и уништените судбини низ годините несомнено поттикнуваат размислувања што е тоа што ја прави Македонија редовно да има вакви или слични трагични настани. Дали се тоа хронична неорганизираност, системска неефикасност и нефункционалност, несоодветна кадровска екипираност, површност наместо темелен приод кон работите итн. Пред јавноста и граѓаните се наметнува и прашањето како да се изгради функционален систем што брзо ќе одговори на сите предизвици на кои сме ставени како народ и држава. И тоа во сите сегменти, здравство, економија образование, екологија, надворешна политика итн.
Ако навреме не сме направиле и не направиме скенирање, па ако треба и рез во состојбите, дали и во иднина може да очекуваме слични проблематични ситуации? И најбитно од сѐ, дали за триесет години од постоењето на нашата земја ние успеавме да изградиме стабилен и функционален систем, кој е ефикасен. Или 30 години само импровизираме, талкаме и лекуваме рани наместо да превенираме.
Трагедијата во тетовската ковид-болница само покажува дека како држава каскаме во организираноста, превенцијата и имаме очигледни дупки во системот на повеќе нивоа.
Системот ни е полн со аномалии и пропусти и најитно треба да се реформира. Пожарот во Тетово имаше и свои показатели што можеа да служат како предупредување. Само две недели пред трагедијата токму оваа болница беше предмет на незапаметен напад на злонамерници што ги пресекле цевките за довод на кислород на болните од ковид.
Функционалните институции и оперативниот професионален систем на земјата, ако навремено и правилно реагираат, сигурно ќе ги спречат или ќе ги ублажат евентуалните несакани последици од кој било немил настан по граѓаните и државата.
Има веројатно редица причина и зошто поради заспаност, неагилност и други системски проблеми Македонија каска и на патот кон членство во Европската Унија и зошто дипломатијата не ги предвиде навреме блокадите од нашите соседи. Зошто секогаш нѐ ставаат во ќоше?
Слични се и констатациите за економијата и индустријата, каде што државата никако не успева да ја издигне на повисоко економско рангирање по редица параметри. Граѓаните се во недоумица и зошто со години образованието ни е слабо и не продуцира кадар каков што ѝ е потребен на државата
Во меѓувреме, поучени од мудроста во една наша поговорка, која вели „секое зло за добро е“, или со други зборови, од секое зло да се извлече поука за да не се повтори, мора да констатираме дека состојбите не се толку безнадежни и темни како што навидум ни изгледаат.
Наспроти предизвиците, Македонија има и голем број интелектуалци од секакви области и профили, кои се глобално признаени и уживаат меѓународен дигнитет. Дополнително, ние имаме и свои квалитетни институции, налик на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на пример, чии кадри често нудат одговори на одредени обемни и комплицирани проблематики со кои се соочува државата. Токму низ страниците на нашиот весник продефилираа академици, професори, научници, кои нудат умни решенија и даваат патокази како да се надминат проблемите и состојбите во сите области во Македонија. Нивното знаење и искуство треба да се искористат и тие можат да помогнат побргу и ефикасно да го зацврстиме системот, да ја зајакнеме економијата, да ги подобриме здравството и образованието и мудро да се чекори во дипломатијата, за да обезбедиме подобра и посветла иднина за нашите идни генерации.