Според најновите пишувања во грчките медиуми, од исходот на спорот зависи и судбината на грчките пензионери. Дури до една ваква апсурдна корелација е доведен спорот. Пензиите наспроти името и идентитетот. Некои да добијат грст драхми на своето конто, други да изгубат сѐ. За едни смешен подарок, за други сурова казна. Да не беше тажно, ќе беше смешно. За жал, тоа е европската реалност
Читам кралот на Свазиленд, Мсвати Трети, решил да го смени името на неговата држава и во иднина таа да се вика еСватини. Ваквата неочекувана одлука е обелоденета по повод 50-годишнината од независноста на оваа мала и сиромашна африканска држава. Кралот Мсвати, кој цели 32 години е на власт и патем ужива во изобилство и раскош, има свои аргументи за неговата одлука. Иако како крал и неприкосновен суверен може да прави што сака, тој сепак се повикува на историјата, традицијата и идентитетските корени на својот народ.
Па, така, преименувањето од Свазиленд во еСватини го оправдува со цел да се врати првичното оригинално име на државата. По независноста, сите африкански земји ги вратиле своите некогашни имиња, оние од пред колонијализацијата. Единствено Свазиленд го зачувал името од ерата на колонијализмот и затоа отсега државата и официјално ќе се вика еСватини, се неговите аргументи.
Браво за Мсвати Трети. Сепак, навреме се сетил! Од примерот со оваа африканска земја може да се извлечат и одредени паралели. Замислете сите некогашни колонии што од страна на колонизаторите биле преименувани и на кои им биле дадени други имиња, по независноста си ги вратиле своите стари имиња. И тоа не како лична волја или желба на некој крал, туку пред сѐ и заради одредбите на меѓународното право, пишаните документи, конвенции, резолуции. Правото на самоопределување и самостојно одлучување за името на својата држава е загарантирана правна норма во меѓународното право, како јус когенс, која правна норма не може да се побие со ниту еден друг правен акт, и мора да се почитува од сите. На ова право несомнено се повикува и кралот на Свазиленд, Мсвати Трети, одлучувајќи да го врати оригиналното име на својата држава. Толку за Африка и некогашните колонии. Следува една друга паралела, која исто така има допирни точки со имeто, историјата, идентитетот и нечии мрачни пориви за преименувања.
Овој пат на другиот крај од светот во една многу поцивилизирана, подемократска и поразвиена средина, во срцето на Европа, од една друга исто така мала држава, Република Македонија се бара да го смени своето име. Да се колонизира и окова во пранги, својствени на некои минати векови. Додека во Африка некогашните колонии ги враќаат своите историски имиња, како нивно неприкосновено право на самоопределување, во Европа се враќа колонијализмот. Поточно од една суверена, независна, демократска држава се бара да си го смени своето историско, вековно име. Зачудувачки, но токму ова, притисок за промена на името, меѓу редови може да се прочита и во најновиот извештај и препорака на Европската комисија за Република Македонија и во изјавите на еврокомесарот Хан и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Кралот на Свазиленд, Мсвати Трети, решил да го смени името на неговата држава, некогашна колонија, и во иднина таа да се вика еСватини. На другиот крај од светот, во една многу поцивилизирана, подемократска и поразвиeнa средина, во срцето на Европа, од една друга исто така мала држава, Република Македонија, се бара да го смени своето име. Се сели ли колонијализмот од Африка во Европа?!
Се оди и дотаму што одредени политички аналитичари кај нас позитивниот извештај на Европската комисија и доделената чиста препорака на Македонија за почнување преговори ја толкуваат како политичка награда за власта за да се реши проблемот со Грција околу името. Се добива впечаток како да се игра само на една карта и целиот влог е ставен токму на решавање на наметнатиот спор од страна на Грција. Токму во таа насока е и оптимизмот што заразно се шири, и тука и во Брисел, дека спорот може брзо да се реши до јуни и најавите за добивање датум за преговори дотогаш. Камо среќа оптимизмот да е оправдан, спорот да се реши и Македонија да стане дел од НАТО и од ЕУ. Но клучното прашања е по која цена.
Дали во НАТО и во ЕУ ќе влеземе како Македонци или како некоја нова модифицирана креација со изменето име, идентитет, јазик, со променет устав итн.? Препораката од Брисел во никој случај не треба да се сфаќа или чита како препорака за промена на името на државата, иако можеби на тоа мириса. Во својата суштина препораката се однесува на неопходните реформи што ќе го подобрат животот на секој поединец и се однесуваат на независно судство, борба против корупцијата и организираниот криминал, заштита на човековите права, слободата на изразување, економски напредок итн. И тоа треба и мора да се направи. Но во никој случај бараните реформи во овие области не може да се компензираат со евентуални отстапки во однос на спорот со Грција. За такво нешто политичарите немаат мандат од граѓаните.
Политичките партии, и од власта и од опозицијата, мора да знаат да направат разлика помеѓу сигналите и евентуалните притисоци што доаѓаат од Брисел и очекувањата на граѓаните. Иако многу често во јавноста се пласираат тези дека оваа владејачка структура поддршката ја темели и црпи од меѓународната заедница, која демек е наклонета на нејзините политики, вистината е нешто поинаква, односно не смее да се заборави и фактот дека легитимитетот на власта произлегува исклучиво од граѓаните и нивната јасно изразена волја на избори. Ниту Могерини ниту Хан не ја донесоа сегашната владејачка структура на власт, туку тоа го сторија македонските граѓани, изразувајќи го своето гласачко право. Оттаму, суверенитет произлегува директно од граѓаните и во спроведувањето на политиките мора да се почитува волјата на граѓаните. Притоа не смее да се заборави ниту фактот дека на последните избори во ниту еден момент во ниту една дебата или кампања не беше спомената промена на името на државата, ниту пак задирање во идентитетските прашања. Дури напротив. И сегашниот премиер и редица други политичари даваа цврсти гаранции дека за идентитетските прашања воопшто нема да се разговара и дека не доаѓа предвид промена на Уставот на државата.
Меѓу другото, на основа и на ваквите цврсти тврдења и предизборни гаранции, потоа и ја добија довербата од граѓаните. Оттаму, каква било отстапка или промена на политиките во однос на спорот со Грција ќе значи и изневерување на волјата на граѓаните. Веројатно свесни за тоа одредени квазианалитичари настојуваа сега да го тргнат настрана народот и евентуалното решение го гледаат низ некаков меѓудржавен договор со некаква фазна временска рамка низ која би се одвивале промените што ги бара Грција. Но ова, всушност, не е ништо друго туку обид за измама и себеукинување, овој пат на рати. И кога сме кај ратите, ќе посочам уште еден пример што веројaтно најсликовито ја покажува апсурдноста на измислениот и наметнат спор од страна на Грција. Според најновите пишувања во грчките медиуми, од исходот на спорот зависи и судбината на грчките пензионери.
Ако набргу се решел спорот за името, тогаш антикризната мерка за кратење на пензиите во Грција ќе се одложела за шест месеци. Ова, според грчките медиуми, било ветувањето од Берлин до Атина. Замислете од една страна судбината на цела една држава Република Македонија и нејзините граѓани наспроти, од друга страна, судбината на грчките пензионери. Дури до една ваква апсурдна корелација е доведен спорот. Пензиите наспроти името и идентитетот. Некои да добијат грст драхми на своето конто, други да изгубат сѐ. За едни смешен подарок, за други сурова казна. Да не беше тажно, ќе беше смешно. За жал, тоа е европската реалност.