И ова лето, како и изминатите, сѐ е во знакот на печалбарите и на свадбите. Раздвиженоста е за неколкупати зголемена во споредба со претходните месеци. Печалбарите ја зголемија потрошувачката во маркетите, бутиците, во продавниците за златен накит, во угостителските објекти, во градежните складови…
Неколку илјади печалбари од Германија, Швајцарија, Австрија, Италија, од прекуокеанските држави, САД, Канада и Австралија, летово го минуваат со најблиските роднини и пријатели на поширокиот гостиварски регион. Секогаш кога доаѓаат, печалбарите им носат голема радост на роднините, бидејќи неколку дена ќе бидат заедно да ги прослават домашните слави и веселби.
Најмногу им се радуваат на вредните подароци, уште повеќе што ќе им ги платат сметките за потрошена електрична енергија, за вода, за телефон, ќе им го вратат заемот и ќе им остават и нешто кеш да им се најде. Летово речиси на сите, без исклучок, секој ден им е празник. Во над педесетина угостителски објекти дневно се одржуваат по неколку свадбарски веселби, пладневна и вечерна. Но тие што летово не успеаја да обезбедат ресторанска сала, резервираа за на зима, за новогодишните празници. И ова лето, како и изминатите, сѐ е во знакот на печалбарите и на свадбите. Раздвиженоста е за неколкупати зголемена во споредба со претходните месеци.
Печалбарите ја зголемија потрошувачката во маркетите, бутиците, во продавниците за златен накит, во угостителските објекти, во градежните складови. Печалбарите што женат син или, пак, мажат ќерка, многу повеќе го отвораат ќесето. Неколку десетици илјади евра ги чинат свадбарското задоволство и веселба. Луѓето не жалат пари за свадбите. Се тркаат да организираат свадба со што поголем раскош, гламур, за која ќе се зборува со месеци, да остане за паметење и за споредби. Всушност, многумина од нив сакаат да го покажат богатството со кое располагаат, да се зборува за него. Ние сме Балканци, без чалам не можеме да живееме, коментира чаршијата.
Но печалбарите не само што знаат да се веселат туку избројаните денови рационално ги користат за завршување работи во локалната и државната администрација. Е, тука веќе не оди сѐ така мазно и брзо
Дочекав синот да го женам, парите не ги жалам, сакав гостите да бидат задоволни. Цел живот работам за оваа веселба. Свадбата ме чинеше околу 50.000 евра, само за ресторанските услуги сметката изнесуваше 15.000 евра, за златен накит за невестата околу 10.000 евра, за облека, музика, подароци и други непредвидени трошоци уште околу 25.000 евра. Не ги жалам парите, направив свадба за паметење, младите да ми бидат здрави и живи, да нѐ израдуваат со внучиња, ми зборуваше пријателот од едно горнополошко село.
Весело и распеано е во долнореканските села. Традицијата продолжува. Долнореканци доаѓаат во родните места да ги направат свадбите со сите обичаи и ритуали. Големи поборници се во негувањето на традицијата и не дозволуваат таа да се заборави.
Летово во поширокиот гостиварски регион, по некои чаршиски пресметки за повеќе намени, ќе потрошат над два милиони евра, пари што не се за потценување, а многу придонесуваат за развојот на занаетчиството, угостителството, трговијата и на другите дејности. И дотука сѐ е во ред.
Но печалбарите не само што знаат да се веселат туку избројаните денови рационално ги користат за завршување работи во локалната и државната администрација. Е, тука веќе не оди се така мазно и брзо.
Па, така, ќе ги чуете и реакциите на нашите гастарбајтери за бавноста на административците, кои не им излегуваат во пресрет да им ги решат барањата. Според нив, без потреба им ги одложуваат роковите за добивање на бараното решение, уверение, потврда, одобрение и сл. Во гостиварските подрачни одделенија на министерствата, поради годишните одмори, вработените се преполовени, а тоа влијае печалбарите да не можат да ги завршат административните работи. Еден пријател од долнореканското село Присојница ми се жали дека минатото лето во општината Маврово – Ростуше комплетно ги предал документите за легализација на куќата во Присојница и по една година не му е легализирана. Ургирал и му рекле дека имале многу предмети за работа. Сѐ уште чека предметот да му биде решен.
За десетина дена на поголемиот број печалбари одморот ќе им заврши, ќе се вратат во своите домови. Печалбарите се жалат и на големиот застој во одвивањето на сообраќајот на западната магистрала Гостивар – Кичево, поради рехабилитација на мостовите и на асфалтот. На оваа делница на четири места се поставени семафори, кои, наместо да го регулираат сообраќајот, го намалија протокот на движење на возилата и без потреба, според нив, се создаваа долги колони и чекања по неколку десетици минути на секој семафор. Се прашуваат дали во екот на летната сезона, кога овој патен правец е најоптоварен со возила, во исто време треба и да се врши рехабилитација на повеќе места.
Летната печалбарска разгледница веројатно може да се дополни и со други актуелности и интересни моменти, но летото нели е сѐ уште пред нас, па ќе има можности и за тоа. За печалбарите, но и за нивните домаќини сепак најважно од сѐ е на крајот сите да бидат среќни и задоволни. За да има што да се прераскажува и памети. До следното среќавање и новите дружби.