Ваквите празници треба да нѐ потсетат на не толку далечното минато, кога нашиот народ беше угнетуван, немаше никакви права, кога горделиво ја прифаќаше смртта. На ваквите празници треба да сфатиме дека ние сме си потребни едни на други. Немаме резервна татковина, немаме друга земја. Македонија е сѐ што имаме и не смееме да дозволиме да ја изгубиме. Нашата татковина не смее да го загуби патот по кој се движи стотици години
Македонија никогаш не била повеќе поделена од сега. Раскарани политичари, поделен народ, експертите со дијаметрално спротивни ставови… целата држава е поларизирана до крајност. Консензус нема ни на повидок. Напротив, јазот сѐ повеќе и повеќе се продлабочува околу едно единствено прашање: Дали сме подготвени да се откажеме од своето и да го смениме државното име, она име за кое нашите предци жестоко се бореа со окупаторите, ги даваа своите животи за денес да имаме самостојна и суверена држава. Потсетувањето на идеалите и минатото особено добива на тежина во светлината на големиот државен празник, кој годинава ќе го одбележиме во тензична и напната политичка атмосфера.
Пред 77 години, на 11 октомври 1941 година, започна нова приказна за ова мало парче земја. Пукна првата пушка во Прилеп и Куманово. Со нападот на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“, кога 16 партизани распределени во три групи извршиле напад на фашистичкиот окупатор, и официјално започна востанието во Македонија против фашизмот. Поделени во три групи, првата го напаѓала бугарскиот полициски участок, втората затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната енергија.
И старо и младо со едно мото, за слободна и самостојна Македонија, рамо до рамо се бореле против окупаторот. Во тоа време на народот не му била потребна партија за да дејствува. Биле обединети под една мисла, ослободувањето и осамостојувањето на татковината. Борбата траела долго, била исцрпувачка и мачна. Траела со години, македонскиот народ не спиел, постојано работел на конечното ослободување на државата. И старо и младо, и муслимани и христијани и Евреи, се воделе од еден идеал – самостојна држава, слободна Македонија.
Не смееме да заборавиме од каде доаѓаме, уште повеќе не смееме да дозволиме да нѐ снема. Не треба да дозволиме да се одродиме. Ако го загубиме правецот, залудни се сите прослави на востанија што ја красат нашата богата историја
По четиригодишна борба и многу жртви, народот од сите вери и националности конечно доаѓа до државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија, во рамките на југословенската федерација, односно со Првото заседание на АСНОМ, Македонија конечно станува суверена и самостојна држава. Народот одлучил да биде дел од тогашна Југославија. Една од најсилните пораки на првото заседание на АСНОМ кажа учителот од Велес, Панко Брашнаров: „Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. И, ете, како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крв и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава, во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска држава!“
Денес Македонија е исправена пред нов предизвик. Денес, и покрај тоа што имаме слободна, самостојна и суверена држава, Македонија робува на туѓи интереси, на политичари, на разни празни ветувања. Ако за време на 1941 и 1945 година младите се бореле за својата држава, денес тие молскавично ја напуштаат, затоа што тука не ја гледаат својата иднина. Борбата за парче леб и за подобра иднина ни ја опустоши земјата…
Ваквите празници треба да нѐ потсетат на не толку далечното минато, кога нашиот народ беше угнетуван, немаше никакви права, кога горделиво ја прифаќаше смртта. На ваквите празници треба да сфатиме дека ние сме си потребни едни на други. Немаме резервна татковина, немаме друга земја. Македонија е сѐ што имаме и не смееме да дозволиме да ја изгубиме. Нашата татковина не смее да го загуби патот по кој се движи стотици години. Мирољубива и пријателска земја кон сите, со гостопримлив народ. Земја што никогаш не се мешала во туѓите работи, народ што секогаш се борел за своето, никогаш за туѓото. Не смееме да заборавиме од каде доаѓаме, уште повеќе не смееме да дозволиме да нѐ снема. Не треба да дозволиме да се одродиме. Ако го загубиме правецот, залудни се сите прослави на востанија што ја красат нашата богата историја.
Нека ни е честит празникот 11 Октомври! Македонија уште од пред 100 години има трасиран пат по кој се движи. Пат на слобода, мир, самостојност, сувереност… Да не ја истуркаме од патеката, да чекориме заедно со неа!