Примерите за Стојан и Мирсад, кои се покажаа како доста успешни и евтини, се најдобра потврда дека некогаш за некои решенија не треба да се троши премногу време, да се губат години, па и децении, да се прават разни експертизи, елаборати, проекти, симпозиуми, семинари, форуми или дебати, туку дека едноставните решенија некогаш се тука, на дофат, околу нас. Или, како што вели народната мудрост, лекот некогаш е пет пари, само треба да се најде
Повозрасните битолчани, со долго паметење, добро се сеќаваат дека пред неколку децении, покрај комуналното претпријатие, за чистотата и одржувањето на градскиот парк и шеталиштето во Битола се грижеше и битолчанецот Стојан, кој не дозволуваше ниту едно гранче да биде скршено, или да биде уништена тревата. Да не зборуваме некој да газеше врз клупите со нозете, или да ги сквернавеше спомениците. Со оглед на тоа што тој, како пензионер, во паркот беше речиси по цел ден, сите го познаваа и искрено го почитуваа. Непослушните, кои се обидуваа да ги оштетат дрвјата, зелените површини, клупите за седење, или спомен-обележјата, тој знаеше симболично да ги предупреди со стапчето, кое секогаш го носеше со себе. Иако, се разбира, најголема симболика имаше токму неговата улога на чувар на општественото добро во интерес на целата заедница.
Стојан чуварот во тоа време за најголемиот број битолчани беше синоним за грижа за битолскиот градски парк и шеталиштето. По неговата смрт престана неговата грижа за паркот и градското шеталиште. Од тоа време не се најде човек во Битола што како Стојан, од чиста љубов кон чистотата и зеленилото, ќе му се посвети на одржувањето на градскиот парк.
Јавното претпријатие „Комуналец“ од Битола, кое го одржува паркот, прави сѐ градскиот парк во Битола, кој се простира на огромна површина, и шеталиштето да ги одржува во најдобар ред. Но, за жал, во голем број наврати некои несовесни битолчани, во доцните или раните утрински часови, не само што ги уништуваат зелените површини во паркот туку ја оштетуваат и урбаната опрема. Доста често жртви на нивните вандалски постапки се и спомен-бистите на (прво)борците од НОВ и револуцијата, кои се наоѓаат во алејата на градското шеталиште.
За да се заштитат зеленилото во паркот, цветните површини и урбаната опрема од страна на локалната самоуправа на Битола, во голем број наврати се испраќани апели за поголема грижа кон зеленилото во паркот, но, за жал, таквите апели во голем број случаи биле залудни. Токму затоа, по секој вандалски чин во паркот или шеталиштето, повозрасните битолчани се сеќаваа на времето кога за паркот се грижеше Стојан, кој не му дозволуваше никому да го оштетува или уништува зеленилото. Сега, кога живееме во време на дигитална технологија и кога голем број места од градот се покриени со камери, кои снимаат сѐ, или пак кога со помош на паметните телефони во секој момент може да се види и контролира сѐ, некој ќе рече дека приказната за Стојан е депласирана. Актуелната сегашност е сосема поинаква од минатото во кое живееше Стојан. Искрено речено, во голема мера сменет е и начинот на размислување и однесување на битолчани, особено на младите.
Но, за жал, реалноста потврдува дека не е баш така. Колку и да е техниката важна и значајна, сепак се чини дека и натаму човекот е незаменлив. Зошто и денес, покрај многубројните камери и дигитални уреди, повторно има и несовесно фрлање отпадоци, уништување на зеленилото или никнување диви депонии среде урбани средини.
Така, на пример, до пред извесно време Битола, и покрај сите напори што ги правеше и акциите што ги преземаше, или проектите што ги нудеше, никако не можеше да го реши проблемот со депонијата на обиколницата над Битола, на регионалниот пат Прилеп – Охрид. Во настојувањето да се одржи чистота на тој дел од градот, градските власти заедно со комуналните претпријатија презедоа голем број акции за отстранување на депониите од смет кај обиколницата. Но, за жал, по секоја голема (еколошка) акција, само за неколку дена на обиколницата повторно никнуваа старо-нови депонии од купишта ѓубре и смет, кои во голема мера ја нагрдуваа сликата за Битола што ја стекнуваа патниците што со своите возила се движеа на тој патен правец за Охрид. Сите локални градски власти и градоначалници во секое предизборие ветуваа дека доколку ја освојат власта, конечно ќе ја исчистат депонијата кај обиколницата. Но, за жал, сѐ остануваше само на ветување и организирање повремени (еколошки) акции за чистење на депонијата. До пред извесно време на ниту една локална власт не ѝ успеа да ја исчисти обиколницата од депонијата на ѓубре. Својот неуспех и неинвентивност за справување со депонијата многумина ги оправдуваа со тоа дека никој не може да ги „превоспита“ Ромите да се грижат за хигиената на тој дел од градот и да не ги прават депониите. Во еден момент дури беше предложено на тој дел од Битола да се изгради висок ѕид и на тој начин да се скрие грдата слика за Битола кај обиколницата. Но подоцна локалната власт се откажа од таквата идеја. Се правеа проекти, се подготвуваа елаборати, се нижеа предлози, но проблемот и натаму остануваше нерешен. Ништо не се реализира ни со ветувањето на бившиот министер Самка Ибраимовски, кој при една посета на обиколницата вети дека тој дел на регионалниот пат Битола – Охрид ќе го направи силиконска долина.
Кога буквално сите се откажаа од решавање на проблемот со депонијата кај обиколницата, локалната власт, заедно со ЈП „Комуналец“, се сети да го ангажира Мирсад Мухединов, кој доби задача исклучиво да се грижи за одржување на хигиената во тој дел на градот. И, на радост на битолчани и на жителите од тој дел на градот, се покажа дека тоа што не можеа да го направат сите градски власти или комунални претпријатија, му успеа на Мирсад Мухединов. Со ангажирањето на Мухединов, Битола го реши деценискиот проблем со депонијата кај обиколницата.
Иако Мирсад Мухединов сигурно не беше ни роден кога за хигиената и одржувањето на градскиот парк во Битола се грижеше Стојан, сепак овие два примера се најдобра потврда дека некогаш е доволно и еден човек, доколку се посвети на нештата, да направи многу повеќе од многу други, кои се обидуваат да се справат со несовесните и непримерни (со)граѓани што воопшто не се грижат за својата околина.
Примерите за Стојан и Мирсад, кои се покажаа како доста успешни и евтини, се најдобра потврда дека некогаш за некои решенија не треба да се прават разни експертизи, елаборати, проекти, симпозиуми, семинари, форуми, или дебати, туку дека тие се тука околу нас. Во ситуација кога најголемиот број од (несовесните) граѓани за хигиената се грижат само до својот праг, се наметнува потребата од ангажирање лица како Стојан или Мирсад, кои, освен за својот дом, сакаат да се грижат и за околината.
А нивното ангажирање чини само една минимална плата, колку што зема Мирсад, или ситен надоместок, како што добиваше Стојан. Или, како што вели народната мудрост, лекот некогаш е пет пари, само треба да се најде.