Придонесот на културата во развојот на градовите е комплетно потценет, па, така, културата, „заедно со спортот и младите“, како некоја флоскула се провлече и во оваа предизборна кампања, буквално само како украс во и онака не многу елоквентното беседништво на политичките кандидати, како празни зборови без вистинска смисла и значење, а децентрализацијата на културата, која толку жестоко декларативно
се заговара, одново беше само чиста фразеологија во нивните настапи
Дали сте знаеле дека секое евро културата може да го претвори во осум евра?! Една независна студија покажа дека 80 отсто од луѓето што работат на организацијата на проектот „Европска престолнина на култура“ сметаат дека тоа е еден од најзначајните настани од кои градовите престолнини имаат најмногу корист. Се проценува дека секое евро инвестирано во културен настан донесува дополнителни осум евра. Оваа титула им нуди можност на градовите да си го подобрат имиџот и да станат попознати во Европа. Успехот на многубројните европски престолнини на културата го открива големиот потенцијал на овој проект кога станува збор за економскиот и за општествениот развој. Скопје се надева дека ќе ја добие титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028 година. Но овој пат тоа не е тема на овој став.
Примерот го давам само за да укажам на неверојатниот потенцијал што го носат културата и уметноста за развојот на градовите. Впрочем, што е првото што го правите кога сте во туристичка посета не некој европски град? Веројатно барате мапа со културните знаменитости и музеи или гуглате на „Трип адвајзор“ да ги откриете местата што неизоставно треба да се видат! Освен за странските посетители, културата носи огромна бенефиција и за локалната заедница, како во смисла на финансиски придобивки, што го покажува гореспоменатата пресметка, но уште повеќе за културна и духовна еманципација на граѓаните.
И покрај многубројните сознанија за овој огромен потенцијал, тој честопати е занемарен од носителите на политичката моќ. Тоа го покажаа и неодамнешните локални избори во нашата земја преку изборните програми на политичките партии, кои, без исклучок, повторно културата ја вклучија само како декорација, како „нешто без што не се може“ во предизборните ветувања, но без вистинска идеја, конкретен проект или стратегија што би ги опфатила културните установи и институции што дејствуваат на територијата на одреден град, вклучувајќи ги: креативните индустрии, визуелните уметности, изведбените уметности, музичките уметности, културниот туризам, културната едукација, меѓународната соработка, дигиталната средина, животната средина, социјалната инклузија…
Не беше понудена никаква вистинска можност за некои македонски градови културно да закрепнат и да ги покажат својата еластичност и креативноста. Ако го изземеме Скопје, каде што состојбата не е драстично лоша, не е новина дека многу градови во земјава имаат занемарлива културна понуда, дека некои од нив егзистираат без ниту една книжарница, театар или кино, со руинирани и нефункционални домови на културата, каде што практично ништо не се случува.
Придонесот на културата во развојот на градовите е комплетно потценет, па, така, културата, „заедно со спортот и младите“, како некоја флоскула се провлече и во оваа предизборна кампања, буквално само како украс во и онака не многу елоквентното беседништво на политичките кандидати, како празни зборови без вистинска смисла и значење, а децентрализацијата на културата, која толку жестоко се заговара, одново беше само чиста фразеологија во нивните говори.
До истиот заклучок, во пресрет на локалните избори, а во рамките на своите редовни и тековни истражувачки активности, дојде и Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност од Скопје, кој спроведе анонимна анкета со 1.220 испитаници. Темата на анкетата беше „Културните потреби и културната потрошувачка во локалните средини“, а целта беше да се согледаат различните димензии на културните потреби и различните нивоа на културната потрошувачка на територијата на Македонија. Од анкетата произлезе заклучокот дека културата, за жал, не е секогаш во центарот на вниманието и на неопходното ниво. На анкетата граѓаните се изјаснија дека очекуваат по локалните избори, во сите локални средини културата и уметноста да бидат повеќе застапени и издигнати на повисоко културно и уметничко рамниште, за населението да консумира поквалитетни, поразновидни и посодржајни духовни, културни и уметнички вредности и содржини.
И радио МОФ направи слично истражување, разгледувајќи ги програмите на најголемиот дел политички субјекти во 80-те македонски општини и градот Скопје, кои беа достапни онлајн или им беа доставени од партиите и движењата. Она што го забележаа е дека во програмите често се појавуваат ветувања и проекти што всушност се законска обврска, а дополнително, тие забележаа или едни исти проекти што ги ветува одредена политичка опција или, пак, комплетно отсуство на овој сектор во програмите.
Веројатно новоизбраните градоначалници, овие и сите идни, ќе треба многу посериозно да размислат за широкиот опсег на културата и уметноста, кои стануваат сè поважни и за економијата на многу земји и овозможуваат вработување на голем број луѓе, да се обидат да го измерат нивниот севкупен економски придонес, да размислат стратегиски за нивната важност. Покрај тоа, креаторите на политиките треба да размислуваат за културата не само фокусирајќи се на нивната економска вредност, туку земајќи ја предвид и нивната социјална и духовна вредност.
Џон Њубигин, специјален советник на британскиот министер за култура, директно вклучен во развојот на првите политики на Обединетото Кралство за креативните индустрии во 1990-тите, ова најдобро го дефинира: „Како што нафтата беше главното гориво на економијата од 20 век, креативноста е гориво на 21 век. Исто како што енергетската политика и пристапот до енергија беа одредници на геополитиката во текот на 20 век, може да се смета дека политиките за промовирање и заштита на креативноста ќе бидат клучните одредници на успехот во 21 век“. Ако ова е вистина, тогаш властите ќе мора да размислат за начинот на планирање на градовите, за начинот на реализирање на културата и образованието и начинот на кој се одвива интеракцијата помеѓу граѓаните и нивните заедници.