За да биде апсурдот поголем, „лекот“ за почист воздух на Балканот лежи во остварувањето на софиската декларација за зелената агенда за Западен Балкан, со кој земјите од регионот се обврзаа на конкретна акција. Останува неизвесно дали балканските земји, во така загадена политичка атмосфера, ќе постигнат и висока еколошка свест за справување со проблемот со нечистиот воздух. Уште повеќе што оваа еколошка иницијатива се промовира од градот во кој се емитуваат „неповолни ПМ-честички“ на сметка на европската иднина на Македонија и на регионот во целина
„Кривата“ на добрососедски односи меѓу земјите од Западен Балкан на крајот од неделата влезе во фаза на длабок пад. Од говорите и јавните обраќања на балканските политичари, ги нема зборовите што беа искажувани во фазата на високото декларирано пријателство и разбирање. Разидувањето меѓу Македонија и Бугарија за толкувањето на историјата сѐ повеќе се продлабочува. Влошување на односите има и на релацијата Белград – Подгорица, кои влегоа во отворена дипломатска војна. На одлуката на Владата на Црна Гора за прогласување на српскиот амбасадор во Подгорица за непожелно лице, брзо одговорија од српската влада, која го протера црногорскиот амбасадор во Белград. Причините за овој српско-црногорски спор се слични како и во случајот со Македонија и Бугарија и влечат корени од минатото, од времето на великодржавните митологии и идеологии на соседните „братски“ држави.
„По подолго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, преку однесувањето и изјавите што се невообичаени и неприфатливи за дипломатските функции, како и по повеќе усни и писмени предупредувања за ваквото однесување, вчера амбасадорот Божовиќ нелегално и нелегитимно го нарече подгоричкото собрание од 1918 г. ’ослободувачко’ и ’слободна волја’ на црногорскиот народ. Со тоа уште еднаш на најдиректен начин ја омаловажи државата која му даде дипломатско гостопримство“, соопштија од црногорското МНР.
Македонија и Бугарија сѐ уште не се влезени во „дипломатска војна“, но најновите изјави и сигнали што се испраќаат од Софија не влеваат надеж за подобрување на климата на добрососедството меѓу двете земји. Обидот на македонскиот премиер во неколку реченици да ја скицира историјата од Втората светска војна и улогата на бугарската фашистичка влада, која би се свела од „администрација до ослободувачи“, заврши неуспешно по оправданите реакции на домашната јавност. Бугарскиот премиер Бојко Борисов, во изјава дадена за германски весник, а објасни дека за бугарското вето се виновни бугарските комунисти и сталинисти од Москва, бидејќи се „обиделе Бугарите да ги претворат во Македонци насилно по Втората светска војна“.
Поинакви гледања во однос на блиското минато има и во Албанија, која ги отфрла обвинувањата од Србија за тоа дека Тирана била вклучена во воени злосторства, а во врска со отворањето обвиненија за раководството на поранешната ОВК. Заради „расветлување“ на улогата на Албанија е формирана и владина комисија, која треба да подготви детален извештај за сите прашања за кои се тврди дека е вмешана Албанија, од кампови за обука во северниот дел на земјата до т.н. жолта куќа во селото Гур, општина Бурел, во североисточниот дел, каде што се смета дека им биле вадени органи на заробени пред сѐ Срби, но и Роми од Косово, пренесуваат медиумите во регионот.
Под притисокот на национализмот, деновиве остана незабележана информацијата за тоа дека неколку града на Балканот се со најзагаден воздух во светот. Најзагаден град беше Сараево, со индекс на квалитет на воздухот од 305. На второ место е Софија, која деновиве интензивно зрачи со штетни емисии и на политички план. Приштина е на трета позиција според загаденоста на воздухот. Секоја зима многу градови во регионот на Југоисточна Европа одново тонат во валкана магла, а меѓусебните обвинувања и дебатите меѓу власта и опозицијата траат додека трае и зимата. Потоа доаѓа пролетта и заедно со смогот исчезнува и дебатата на оваа тема, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Кога сета енергија што се троши на подгревање и загадување на политичката атмосфера на Балканот ќе се насочи еднакво во справувањето со најголемиот еколошки проблем, тогаш граѓаните од регионот помалку ќе се трујат во секоја смисла. Податоците покажуваат дека земји со најголем процент на смртни случаи како резултат на загадувањето се Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија. Со чист воздух не може да се пофали ни Македонија.
Кога сета енергија што се троши на подгревање и загадување на политичката атмосфера на Балканот ќе се насочи еднакво во справувањето со најголемиот еколошки проблем, тогаш граѓаните од регионот помалку ќе се трујат во секоја смисла
Пред државите од регионот претстои голема работа во областа на екологијата, за што се потребни политичка волја и финансиска поддршка за подобрување на квалитетот на воздухот и за заштита на животот и здравјето на граѓаните. Се чини дека земјите од Балканот не се целосно подготвени за справување со загадувањето, за што е неопходен и заеднички регионален пристап, но и јасно дефинирани национални еколошки стратегии. За да биде апсурдот поголем, „лекот“ за почист воздух на Балканот лежи во остварувањето на софиската декларација за зелената агенда за Западен Балкан, со која земјите од регионот се обврзаа на конкретна акција, вклучувајќи и воведување такси за емисијата на јаглен-диоксид и пазарен модел за потикнување обновливи извори на енергија, како и постепеното укинување на субвенциите за јаглен.
Договорните страни од Енергетската заедница, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, се обврзаа, заедно со ЕУ, за остварување на целта во 2050 година Европа да биде климатски неутрален континент. Останува неизвесно дали балканските земји во така загадена политичка атмосфера ќе постигнат и висока еколошка свест за справување со проблемот со нечистиот воздух. Уште повеќе што оваа еколошка иницијатива се промовира во градот во кој се емитуваат „неповолни ПМ честички“ на сметка на европската иднина на Македонија и на регионот во целина.