Економскиот раст на Македонија се соочува со сериозни проблеми во текот на целиот период од изминативе три децении. Тој е недоволен и нема соодветна динамика. Време е по 30 години да покажеме дека ние како земја можеме да изградиме една успешна приказна во економска смисла, бидејќи Македонија има потенцијални предности и реални економски претпоставки да ги развива и да ги гради во иднина
Трите изминати децении од самостојноста, македонската економија бележи неповолен тренд, не успеа да се етаблира во групата земји што успешно излегле од транзицискиот период и ја поставиле економијата на здрава пазарна основа што генерира приходи. Македонската економија од осамостојувањето до денес остана заглавена во негативните показатели во сите гранки, со мали периодични подобрувања, но сепак без позначаен отскок. Економскиот раст на Македонија се соочува со сериозни проблеми во текот на целиот период од изминативе три децении. Тој е недоволен и нема соодветна динамика, со исклучок на неколку години во текот на средината од првата декада на овој век (2004-2008), кога просечната стапка на пораст изнесуваше 5,3 отсто, во текот на сите други периоди просечните стапки на пораст се постојано ниски или негативни.
Ако и во иднина остваруваме просечни годишни стапки на раст од два или три отсто, на Македонија ќе ѝ требаат околу 30 години за да го дуплира својот БДП. Ако стапките на пораст, пак, се приближат кон потенцијалот на македонската економија околу 5 отсто, периодот се скратува на околу 15 години. Сепак, за да се доближиме до Европа и да фатиме чекор со економски поразвиените земји нам ни требаат многу повисоки стапки на економски раст од 7,8, па и 10 отсто. Тоа треба да биде наша клучна заложба и проекција за иднина.
Низ годините на независност, Македонија бележи и висока стапка на невработеност. Во 1993 година стапката на невработеност изнесувала 27,7 отсто, во 1995 година 35,6 отсто, додека во 1997 година невработеноста се искачила на 36 отсто. На почетокот на новиот милениум стапката на невработеност паднала на 32,2 отсто, за во 2005 година да се искачи на 37,3 отсто. Во 2010 година има повторен пад на невработеноста на 32,1 отсто, во 2015 година таа е 26,1 отсто, додека во 2017 година невработеноста изнесува 22,9 отсто. Оваа година стапката на невработеност е најниска и изнесува 15,9 отсто, но економистите велат дека сѐ уште е над таканаречената природна стапка на невработеност.
Во последниве десетина години, Македонија се задолжува со забрзано темпо, а голем дел од позајмените пари е потрошен на непродуктивни трошоци коишто не носат економски раст. Од 2010 до 2021 година државниот долг на Македонија се зголеми од 1,7 на 6,4 милијарди евра или за 4,7 милијарди евра. А јавниот долг порасна од 1,9 на 7,4 милијарди евра, што е зголемување за 5,4 милијарди евра. И проблемот не е само во висината на долгот, бидејќи и големите економии прибегнуваат кон задолжување, туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост. Во време на ваква криза, задолжувањата се оправдани сѐ додека се троши на приоритетни и капитални проекти, затоа што така јавниот долг е во насока на создавање економски поврат и со тоа и раст во иднина, како и создавање нови работни места. Потребно е новите заеми да го поттикнуваат растот на економијата и да создаваат нов поголем БДП.
Развојната теорија и резултатите од емпириските истражувања за брзорастечките земји укажуваат дека високи стапки на раст подолг период се можни единствено преку иницирање на процесите на модерна реиндустријализација, зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки, сектори и производи што имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност, како и извозна диверзификација – зголемување на бројот на извозни производи и услуги, бројот на извозни компании и земји каде што се извезува.
Во таа насока, потребни се посериозни структурни трансформации на македонската економија. Најголем проблем со кој се соочува македонската економија е ниската продуктивност. Ние треба да се преструктурираме од дејности што имаат ниска продуктивност кон дејности што имаат поголема додадена вредност. Како и инвестирање во капиталните проекти, бидејќи значи живот за економијата.
Сепак, овие развојни процеси воопшто не се едноставни, ниту пак се случуваат ад хок, особено не во посттранзициски и земји во развој. Наспроти ова, светските искуства на успешните земји што поминале низ нив и успеале да го прескокнат јазот во нивото на економска развиеност, приклучувајќи се денес на високоразвиените земји според својот животен стандард, укажуваат дека тоа било резултат на долгорочна развојна стратегија базирана на модерни и добро координирани економски, индустриски, образовни, инфраструктурни, иновациски политики, проследени со силна посветеност на креаторите на политики во градење стабилни и силни институции.
Време е по 30 години да покажеме дека ние како земја можеме да изградиме една успешна приказна во економска смисла, бидејќи Македонија има потенцијални предности и реални економски претпоставки да ги развива и да ги гради во иднина.