Тортурирањето со детонациите на пиротехниката не престанува. Иако секоја година сѐ повеќе се одземаат пиротехнички средства од страна на надлежните, пропорционално растат и нивното активирање и детонациите, со што се нарушува јавниот ред и мир. Според официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи, досега од страна на полицијата се запленети повеќе од 147 илјади пиротехнички средства низ земјава. И покрај високите казни, кои за неовластена употреба на пиротехнички средства изнесуваат од 200 до 500 евра, додека пак за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, следува казна затвор од три до десет години, граѓаните не се откажуваат од употреба на пиротехника
Декември отсекогаш важел за еден од месеците за огномети. Изминативе години неконтролираната употреба на пиротехника стана традиција, па нема период од денот, а да не се слушне понекоја петарда. Преку ден најчесто „во шема“ се петардите, додека вечерните часови се резервирани за огнометите, кои за волја на вистината повеќе гласно се детонираат отколку што даваат визуелни ефекти.
Следува периодот кога сите ќе треба „машки“ да издржиме и да ги преживееме високите децибели на детонациите, кои се случуваат и во раните утрински часови и во дневните периоди наменети за одмор. А сторителите се оглушуваат. Не дадоа плод многубројните акции и апели на надлежните да не се користат пиротехничките средства со кои едноставно „се тортурираат“ другите…
Не би знаела каква е реалната слика во другите градови (од сведоштвата на колеги и пријатели јасно е дека состојбата и таму е слична како и во главниот град), но во Скопје можам да кажам дека до толку многу се пукаат петарди што човек може и да помисли дека пред врата му се случува престрелка или, пак, некоја војна…
Огнометите се преубави кога во вечерните часови го украсуваат небото и ајде, ќе речам секаде во светот за новогодишната ноќ се случуваат масовни и спектакуларни огномети. Но за петардите сѐ уште не пронајдов разумно оправдување за нивното постоење и користење.
За штетноста и на едните и на другите со години се зборува, а како што доаѓа последниот ден од годината сѐ помасовно се зборува и се апелира од страна на надлежните институции.
Најтрагичната сцена што неодамна ја забележав додека ги шетав децата беше кога поголеми деца, на возраст од максимум 13 години, со петарди и запалка во рацете чекаа да помине возило или некој пешак за да му фрлат петарда и да го исплашат. Несвесни за последиците, со ѓаволести насмевки чекаа во заседа да им падне некој несреќник, кој ќе наседне и кој ќе се распамети од пукањето на петардата. Родители околу нив немаше, а очигледно не се ни потрудиле да ги едуцираат дека последиците од пукањето петарди можат да бидат животозагрозувачки, како за нив, така и за оној кому ќе му ја фрлат петардата.
Според официјалната статистика на Министерството за внатрешни работи, досега од страна на полицијата се запленети повеќе од 147 илјади пиротехнички средства низ земјава. И покрај високите казни, кои за неовластена употреба на пиротехнички средства изнесуваат од 200 до 500 евра, додека пак за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, следува казна затвор од три до десет години, граѓаните не се откажуваат од нелегалниот бизнис со пиротехника.
Во неколку спроведени акции низ пазарите во Скопје беа откриени и запленети повеќе парчиња пиротехника, но тие повторно се појавуваат на пазарите како печурки по дожд.
Секоја година на црните пазари се прават огромни заработки од продажбата на пиротехника. Најчести купувачи се тинејџерите, но не е занемарлива ниту бројката на возрасните што се љубители на пиротехниката.
За волја на вистината, можеби, најистрауматизирани од пиротехничките средства се животните. Граѓаните што имаат сериозен проблем со омраза кон кучињата постојано им фрлаат петарди, а лани социјалните мрежи беа преполни со фотографии од повредени кучиња од петарди.
Како што доаѓа Нова година, така улиците се преполни со избезумени кучиња, кои бегаат што е можно подалеку од застрашувачките звуци на петардите и огнометите. Преплашени се кријат каде што ќе стигнат, за да го спасат својот мил живот и малку да ја смират својата исплашена душа. На голем број сопственици дури и им бегаат милениците затоа што не можат да го исконтролираат својот основен животински нагон или инстинкт за да си го заштитат сопствениот живот и да избегаат онаму каде што звуците нема да се слушаат. Употребата на петарди и други пиротехнички средства предизвикува не само физички повреди кај кучињата туку и голем стрес, страв, психички шок, доживотни трауми и неретко смрт од срцев удар.
Воздухот смрди на барут. Како на Дивиот Запад. До толку е густа концентрацијата на чад од барут, што човек ќе помисли дека маглата всушност е од петардите и огнометите, а не од онаа нашата традиционална загаденост од смог. Кога веќе на социјалните мрежи постојано се објавуваат срцепарателни статуси за тоа колку е штетен загадениот воздух и колку било штетно тоа што некој комшија се греел на дрва, токму во овие денови, кога маглата како јорган се распослала врз нас, дали сте се запрашале колку дополнително се влијае на загадувањето на воздухот со пукањето петарди и огномети?
По спектакуларниот огномет, концентрацијата на ПМ 10 честичките во воздухот драстично се зголемува. Зад тие прекрасни бои што го осветлуваат небото стојат голем број хемиски мешавини, соли и реакции, кои барем во нашава состојба со загадениот воздух никако не ни носат добро, напротив, само дополнително го дозагадуваат и оној малку кислород што ни остана.
При нивното експлодирање во воздухот се активираат тешки метали, кои, за жал, не согоруваат со експлозијата. Напротив, во контакт со воздухот, тие создаваат гасови и чад како јаглероден диоксид, јаглероден моноксид и нитроген, а сите тие се едни од главните одговорни гасови за климатските промени. При експлозија, овие метали остануваат и ги загадуваат воздухот и водата. Кога се вдишуваат може да предизвикаат сериозни краткорочни и долгорочни последици по човековото здравје, како што се повраќање и дијареја, астма, бубрежни болести и различни видови канцер.
Па сега, кога ќе земете петарда или огномет во рацете размислете дали сакате да ги запалите и испукате. Добро размислете за големиот број последици што произлегуваат од нивното користење.