Општините собираат пари за гостувања на балкански пејачки ѕвезди, за смоквијади, ракијади, за пастрмајлијади… Но никој не кажува колку пари одвоија за подобри услови за учење на децата? За подобар интернет во училиштата? Или за карти за театарски или оперски претстави? За посета на концерт на филхармонијата, на пример? За отворање пошироки образовни светогледи и предуслови за стекнување знаења на децата? Ајде да зборуваме за една таква визија и на директорите на училиштата. И за одговорноста при создавањето образовен темел на младите генерации. Кај нас е дозволено еден директор да нема обезбедено еден печатач во училиштето, да не се труди да обезбеди хартија за потребите на наставата. Зарем може да не се грижат за тоа дали има интернет во училиштето (чест на исклучоци)? Зошто еден директор дозволува наставниците сами да си купуваат материјали за работа, да трошат пари за хамери во боја, за фломастери, а родителите, пак, за завеси, шкафчиња и за десетици други основни потреби? Какви директори/менаџери се тие?
Кога и да се најават реформи, кај нас се придружени со контроверзии, недоверба, недоразбирања, недоречености… Традиционално, најизразени се реакциите кога крупни промени треба да се случат во образованието, бидејќи дел од овој систем се армија од т.н. стејкхолдери (засегнати страни), како што се илјадници наставници, родители, ученици, па пишувачи на програми, учебници, печатници, транспортери… и кој уште не. А токму периодов, како што ни е познато на сите, актуелни се најавените промени што се однесуваат на „дигитализацијата во образовниот систем“.
Ајде да споменеме неколку објективни, реални и нетенденциозни забелешки за „памет за другпат“.
Прво, одговорните во Министерството за образование и наука згрешија во стратегијата во однос на претставувањето во јавноста на целиот овој процес на дигитализација, кој апсолутно никако не се сведува на едноставна замена на печатените со дигитални учебници. Недоволното објаснување на тоа, што токму тоа ќе значи, предизвика луѓето на различни нивоа различно да ги сфатат промените што треба да се случат.
Голем дел од јавноста го перципира тоа како да од септември наставата ќе се одвива само на компјутер. Ако добро се прочита концепцијата за основно образование, која е јавно достапен документ, ќе се види дека станува збор за начини како да се подобри целокупниот тек на учење. Ако се погледнат наставните програми од пред најавената концепција, ќе се види дека учениците имаат повеќе предмети поврзани со ИКТ, а еден од нив е Работа со компјутери и основи на програмирањето. Целта е да можат учениците да стекнуваат ИКТ-вештини. А тоа е нешто што прогресот, односно одржливиот развој го наметнува како неопходно. Идејата на процесот на дигитализација не е да нема учебници, такво нешто никаде не пишува, туку идејата е, меѓу другото, еден дел од она што ќе ги сочинува материјалите за учење да го има и во видео и во аудиоверзија, децата да имаат пристап до нив во соодветен формат и слично.
Јас не слушнав официјален извештај дека учениците од септември ќе влезат во училница и сите училишни часови ќе ги поминат седејќи пред компјутер, а потоа дома повторно ќе мораат да бидат пред компјутер. Ако се прочита внимателно, ќе се види дека целта е да постои поголема интеракција во која наставникот ќе користи и фронтална форма и истражување и тимска работа, а во некој дел учениците ќе си ја пишуваат домашната на компјутер, на пример. Тоа е цела една платформа. Учениците, меѓу другото, неопходно е да се дигитално писмени, да научат што е тоа приватност, дали може некој да ги злоупотреби, како да користат социјални мрежи. Речиси и да нема земја во која нема континуитет во надградбата и развојот на дигиталната писменост, која патем е многу широк поим. За жал, кај нас голем дел од јавноста сфати дека дигитализацијата значи дека учебникот ќе биде дигитален. И толку.
А метафората со училишните тоалети беше „убиствена“. Во ред ли беше да се става од една страна дигитализацијата, наспроти очајната состојба во која се наоѓаат тоалетите во различни училишта? Па, кај нас и двете најголеми партии што беа на власт изминативе декади ја сносат одговорноста за тоа какви се денес училишните тоалети. Зошто не ги средија? Имаа доволно време. Дали треба вакви инфраструктурни прашања да се поврзуваат со дигитализацијата?! Овде станува збор за промени во пристапот на учење, во наставата, во достапноста на материјали, овде станува збор за незаобиколиви промени, за познавање на професијата, за ИКТ-вештини што мора да ги имаат децата на 21 век.
А каде се општините во приказната? Како се грижат тие за образованието? Од најавите за промени ќе се направи притисок и врз општините, во однос на подигнувањето на стандардите и квалитетот на образованието.
Општините собираат пари за гостувања на балкански пејачки ѕвезди, за смоквијади, ракијади, за пастрмајлијади… Но никој не кажува колку пари одвоија за подобри услови за учење на децата? За подобар интернет во училиштата? Или за карти за театарски или оперски претстави? За посета на концерт на филхармонијата, на пример? За отворање пошироки образовни светогледи и предуслови за стекнување знаења на децата? Ајде да зборуваме за една таква визија и на директорите на училиштата. И за одговорноста при создавањето образовен темел на младите генерации. Кај нас е дозволиво еден директор да нема обезбедено еден печатач во училиштето, да не се труди да обезбеди хартија за потребите на наставата. Зарем може да не се грижат за тоа дали има интернет во училиштето (чест на исклучоци)? Зошто еден директор дозволува наставниците сами да си купуваат материјали за работа, да трошат пари за хамери во боја, за фломастери, а родителите, пак, за завеси, шкафчиња и за десетици други основни потреби? Какви директори/менаџери се тие?
Образовниот систем вградува фелер во консументите. Многу е политизиран и е полн со проблеми. Тој мора да се менува, повеќе немаме опции и немаме каде. Треба да се знае дека луѓето што работат на оваа голема трансформација се луѓе од образованието, тоа не се луѓе без искуство и без добри познавања на околностите. Од друга страна, образованието не се само петте часа поминати во училница.
Не се работи само за учењето туку се работи и за тоа каква култура создаваме и каква самодоверба кај децата создаваме? Какво почитување меѓусебно градиме?
Како држава, веќе сме тргнале во промени. Да оставиме простор, да видиме што ќе донесе ова новото, но со наше активно учество во промените. Само нашето активно учество што не подразбира опструкции, сопки, пречки и отпори ќе донесе резултанта на прогрес. Но и за тие што се сега на едната, а и за тие што се на другата страна на образовниот проблем, отворете ги заспаните „чакри“ и подраширете си го својот образовен светоглед, заради своите деца и внуци. За проблемот со образованието нема една или друга страна. Постои само една – образовна!