Кога се зборува за продажба на големи државни капацитети со потенцијали за развој, мора да се бараат решенија што ќе бидат од корист и во интерес на сите граѓани, решенија што ќе овозможат понатамошен локален или севкупен економски развој
Плановите на владините преставници за продажба на државни компании, кои се нарекуваат и загубари, но и државни туристички центри и земјоделско земјиште, потсетуваат на годините по осамостојувањето на Македонија, кога масовно се приватизираа голем број државни компании. Разликата меѓу некогашната „распродажба“ и оваа што се најавува сега е што тогаш се продадоа компании попознати како „златни кокошки“, односно компани што имаа потенцијал за остварување солидни заработки.
Сега нашите државници обелоденија дека планираат продажба на компании што се од витално значење за економијата, но и за сите граѓаните, како што е продажбата на јавните претпријатија што обезбедуваат железнички услуги, „МЖ транспорт“ и „МЖ инфраструктура“. Сепак, овој пат станува збор за компании што имаат натрупано долгови и се карактеризираат со нерентабилното работење. Сепак, тие не се единствените компании, туку на потенцијалната листата за продажба се најдоа и „Македонски пошти“, „Еурокомпозит“, „Охис“, но и ладната резерва ТЕЦ „Неготино“.
Најавувајќи ја продажбата на државни компании и земјиште, надлежните објаснуваат дека со средствата добиени од продажбата ќе се намалат дупките во буџетот предизвикани од здравствено-економската криза. Наедно, со пронаоѓањето инвеститор, интенцијата е државните компании-загубари да се преструктурираат и да се направат одржливи и профитабилни. Сепак, колку навистина ќе биде постигнат посакуваниот ефект од продажбата на овие компании и колку ќе ги направи приватизацијата порентабилни останува да видиме во иднина.
Меѓу споменатите локации во државна сопственост за кои се планира или размислува за продажба се најдоа и туристичките локации, како ски-центарот „Попова Шапка“, но и капацитетите во струшкото летувалиште „Ливадиште“. Од она што е обелоденето досега, има интерес од повеќе различни компании од неколку развиени европски земји за инвестирање во некои од нашите државни компании.
Меѓу другото, најавена е можна продажба на државно земјоделско земјиште, за кое исто така првите луѓе во државава посочуваат дека има голем интерес, а наедно истакнаа дека сѐ уште не е точно дефинирано дали со сигурност ќе се продаваат споменатите компании и локации или, пак, ќе се користи можноста со јавно-приватно партнерство да им се даде нов живот.
Сепак, имајќи ги предвид досегашните искуства, како и потреба од обезбедување навремени и целосни услуги за граѓаните и за стопанството, многу е важно какви дефинитивни одлуки ќе донесат во следниот период лицата што народот ги избра за свои претставници.
При носењето на дефинитивните одлуки, пред сѐ мора да се има на ум иднината на тие компании и најбитно е дефинитивното решение за тоа дали ќе се отуѓуваат или ќе се договара јавно-приватно партнерство тоа да е во насока на развој на компаниите и економијата во целата држава.
Со економско подобрување на перформансите на железничките компании во Македонија, бенефиција треба да почувствуваат и многу други економски оператори, особено оние што соработуваат редовно со нив и ги користат железничките услуги. Но развојот на железницата е значаен и за намалување на загаденоста, со нејзино модернизирање и зголемување на обемот на превоз на стока и патници по железничките пруги, би се намалила потребата од камионскиот и автобускиот транспорт, што, пак, ќе придонесе кон намалување на издувните гасови.
Но кога се зборува за продажба на државни капацитети или државно земјиште со потенцијали за развој, мора да се бараат решенија што ќе бидат од корист за сите граѓани. Решенија што ќе овозможат понатамошен локален или севкупен економски развој. Во ниеден случај продажбата не треба да се прави по која било цена, туку да се најде најдоброто решение, кое покрај приливите на финансии, ќе овозможи фирмата што е продадена или вклучена во процесот на јавно-приватно партнерство да биде функционална и во иднина.
Најавите дека со студија за оправданост ќе се утврди кое е најповолното решение за иднината на некои од овие компании е причина повеќе инволвираните во процесот да размислат внимателно и да ги земат предвид сите потенцијали што одредена компанија или локација ги нуди и да се бара најдоброто решение што во иднина ќе донесе бенефиција за државата и за граѓаните.