Кои се нашите црвени линии

Потребен е јасно изграден и концизен став од сите чинители во државата за заштита на националните позиции и интереси. Не плашливи и издвоени мислења на поединци било да се тие од МАНУ или од друга институција, кои, ете, се охрабриле да ја бранат државата од нападите однадвор, туку храбри и обединети ставови на целокупниот политички и државен врв за заштита на македонските национални интереси од сите видови напади или провокации

Водечките македонски политичари постојано повторуваат дека ги решиле сите отворени прашања со соседите, но очигледно е дека соседите не ги решиле сите прашања со нас. Зашто најновите примери и случувања покажуваат дека барем кога станува збор за некои од соседите тие секогаш имаат на располагање нов арсенал условувања и уцени кон Македонија.

Ниту Грција, ниту Бугарија не сметаат дека работите се завршени, туку постојано испорачуваат нови и нови услови, затскриени зад изјавите од типот „ние нема да ја попречуваме Северна Македонија на патот кон ЕУ“. Но дали навистина е така?
Имено, новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис најави дека Грција будно ќе го следи спроведувањето на Преспанскиот договор, но ќе поставува и нови услови на нашиот пат кон ЕУ. Кои се тие нови услови може само да се претпостави. Со други зборови, за да не нѐ опструира на патот кон ЕУ, Грција бара да добие нешто за возврат. Од кого за возврат дали од Македонија или можеби од меѓународната заедница, нормално не се прецизира, но веројатно се игра на картата да добие и од таму и од таму.
Сега нашиот пат кон ЕУ можеби ќе се користи да се уценуваат други земји и од нив да се бараат одредени отстапки.

На пример, да речеме Грција за да даде зелено светло за одредување датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ во октомври, можеби ќе побара, хипотетички, некакви олеснувања околу финансиската програма од Германија. Што ако Берлин го одбие тоа? Дали повторно земјава ќе стане заложник на грчката блокада? Политичките интереси и релации во меѓународните односи се комплицирани и испреплетени и се можни секакви сценарија, кои, за жал, повторно може да бидат на штета на Македонија. Како да се превенира тоа и да се заштитат интересите на македонскиот народ и држава.

Грчката јавност реагира и за најбанални работи, како на пример дека се играло македонско оро на нејзина територија, обвинувајќи за иредентизам. Притоа иако се потписници на Преспанскиот договор со кој бараа од нас да го промениме името на државата, Грците упорно одбиваат да нè ословуваат со новото име, туку за Атина само сме „скопјани“ и „северен сосед“.

Ништо поинаков не е случајот и со Бугарија. Бугарските политичари оставаат впечаток дека Македонија ја чувствуваат како блиска земја (можеби и премногу блиска), па со нашиве разговараат како девојка и момче во љубовен занес гушнати на некоја клупа во обично темните градски паркови, ословувајќи се со „љубави“.
Кога човек ги гледа бугарските и нашиве политичари заедно, просто ќе си помисли дека тие толку нè сакаат, што на раце ќе нè внесат во ЕУ, како невеста преку праг.
Но веќе следниот ден демек случајно ќе ни го погазат идентитетот и ќе нѐ наречат „северномакедонци“, ќе ни ги забранат Гоце Делчев и целата историја, а ние ќе останеме занемени и ќе се тешиме дека се тоа лажни вести, погрешни интерпретации, па дури и ќе им се извиниме зашто така сме помислиле.

И на сето тоа нашава политичка елита не гледа никаков проблем, туку упорно повторува дека Македонија нема отворени прашања со соседите.
Додека дома ја повторуваме оваа мантра како некаква круцијална придобивка, некои од соседите продолжуваат да ни ја крадат историјата, да ги извртуваат фактите, да не ги почитуваат договорите ниту пак меѓународното право. И последно, но не и најмалку битно да нѐ условуваат, уценуваат и да се закануваат со нови блокади, сè додека целосно не се избришеме како народ. Тогаш ќе останеме само некоја северна територија, со кратка безначајна историја. Другата историја, нашата, ќе ја подариме.
А народ без корен, нема иднина, барем така нè учеа.
Сите предупредувања од дел од научната јавност и интелектуалците беа дека какви било договори не треба да се потпишуваат брзоплето, треба да се внимава на деталите, бидејќи таму се кријат замките.

Нормално, сега ниту Грција, ниту, пак, Бугарија ќе се повлечат од потпишаните договори, бидејќи им овозможуваат постојано да излегуваат со нови и нови услови, само затоа што се дел од ЕУ и затоа што им се може.
Загрижува фактот што кај нас нема реакција на ништо. Како да сме исплашени дека можеби соседот ќе се навреди, па намерно ќе нè стопира на нашиот евроинтегративен пат. Ниту протестна нота, ниту дообјаснување, едноставно како да немаме институции. Секој ни кажува што ќе му падне на памет, од Мицотакис, Борисов, до Каракачанов… Другите нивни перјаници засега нè штедат, оти гледаат дека „добро сме ја свиткале кичмата“, па нема потреба и тие да ни се качуваат на грб.

Веќе сега има горчлив вкус во устите на македонските граѓани, по сето она од што се откажавме за некоја повисока цел, за која не сме сигурни дали некогаш ќе ја постигнеме. Уште колку горчина ќе чувствуваме кога на отворањето на секое поглавје ќе се откажуваме од еден Гоце, кога Илинден ќе го славиме со страв да нè кажеме нешто што не треба, да не запееме некоја песна што не треба, да не заиграме оро македонско…

Човек не треба да е многу упатен во политика за да сфати дека државна и национална стратегија не се гради така. Со премолчување и континуирано подголтнување на сите неправди што ни се прават. Потребен е јасно изграден и концизен став на сите чинители во државата за заштита на националните позиции и интереси. Не плашливи и издвоени мислења на поединци било да се тие од МАНУ или од друга институција, кои, ете, се охрабриле да ја бранат државата од нападите од надвор, туку храбри и обединети ставови на целокупниот политички и државен врв за заштита на македонските национални интереси од сите видови напади или провокации. Веројатно овој пат е крајно време заеднички да ги изградиме и обелодениме нашите црвени линии како вековен македонски народ и македонска држава.
Само така можеби ќе почнат да нè ценат и да нѐ сфаќаат сериозно.