Замислете ја таа победа пресметана во паркови како трофеи. На местото на секоја од горенаведените 12 депонии, познати како црни точки, би никнале исто толку паркови, со по минимум 500 дрвја во дрвореди, и детски игралишта, каде што, наместо смрдеа, чад и очај, ќе се гледаат живот, среќа и здрава иднина за сите нас
Викендов уште една депонија замина во историјата. Ѓубрето и шутот од Мичурин, во близината на железничката станица, се заменети со дрвореди, сочинети од 520 дрвја, парк и паркинг-простор, на површина од шест илјади квадратни метри. Од оваа локација, која важеше за црна точка во близината на централното градско подрачје, беа расчистени неверојатни 15 илјади кубни метри отпад. Да, добро прочитавте, 15 илјади кубни метри отпад. Отпад што, наместо да заврши на местата предвидени за тоа, граѓаните го исфрлале токму тука, затоа што така им било најлесно.
Паркот е поделен на детско игралиште и паркинг-простор, со кој ќе стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“, па во добивка ќе бидат и тамошните жители, кои сега всушност и ќе имаат каде да ги паркираат своите возила.
На тој начин градските власти ја продолжуваат битката со загадувачите на животната средина што создаваат диви депонии и со загадувањето на воздухот во градот. Дека тоа е навистина така говори и фактот што бројката на зелените површини во Скопје е во пораст, за што доволен доказ е официјалната бројка од 117 илјади квадратни метри измерени во зелени површини.
Дополнително за пофалба е и есенската акција за раззеленување на градот, со која се уредуваат многу булевари и улици, но и парковски површини. Екипите на градските јавни претпријатија задолжени за тоа засадуваат дрвја од 5,5 метри, правејќи дрвореди што веднаш се вклучуваат во екосистемот на градот и кои веднаш си ја вршат својата примарна функција – прочистување на воздухот.
Жално е тоа што се фативме за дрвјата како последна сламка на давеник во вода. Се надеваме дека дрвјата магично ќе ни го исчистат воздухот, чиј најголем загадувач е човекот. Да, дрвјата треба да го средат она што ние го уништуваме. И да бидеме реални, горенаведената депонија не е ниту прва ниту последна во градот на која ѝ беа потребни сериозен пристап и проект со кој ќе се исчисти и ќе се оспособи во интерес на граѓаните. Скопје е преполно со диви депонии, кои никнуваат како печурки насекаде, на мини-локации во скриени темни улички и јавни простори, далеку од очите на јавноста. Па, така Визбегово, Вардариште, на неколку километри од спортскиот аеродром Стенковец, на неколку локации околу влезот и излезот од Скопје, но и на доста видливи локации во метрополата ни се раѓаат депонии. Иако овие вториве не се големи, сепак имаат огромен потенцијал да станат, доколку не се исчистат навремено.
Едно од главните решенија на овие проблеми е да се направи анализа, која точно ќе ги утврди црните точки во градот, а кои добро се познати. Аеродром (на локациите Горно Лисиче, Долно Лисиче и претоварна станица Вардариште); Шуто Оризари (на локацијата Визбегово); Сарај (на локациите Грчец, Крушопек и Шишево); Гази Баба (на локациите Ченто, Маџари и селото Синѓелиќ); Кисела Вода (на локациите населба Драчево и село Драчево).
Е сега, кога добро ги знаеме црните точки, најпожелно би било на тие локации да се ангажираат обезбедување, инспекциски надзор, полициска контрола, или што било друго што ќе нѐ спаси од овие диви депонии, а што ќе ги одвраќа сторителите да го повторат делото, кога ќе знаат дека локациите каде што уживале да си го истураат ѓубрето се обезбедени.
За која опција и да се одлучат надлежните, истата таа нека функционира 24 часа, седум дена во неделата. Тоа би биле најдобро потрошени народни пари. Па, наместо да се молиме новозасадените дрвја да ни бидат филтри, а ветрот вентилатор, ќе добиеме трајно решение на горливиот долгогодишен проблем.
Да се надеваме дека неодамнешниот „пакт“ (читај меморандум) помеѓу сите скопски градоначалници, вклучувајќи го и градскиот татко, а кој се однесува на вршење на надлежностите во делот на инспекцијата за комунален ред и животна средина, ќе даде плод и дека од сите овие депонии ќе никнат најубавите парковски површини што сме ги виделе досега.
Да се надеваме дека со потпишаниот меморандум меѓу нив ќе се зголемат инспекцијата и долгогодишната борба со факторите што претставуваат главна закана за средината во која живееме и конечно епската битка ќе заврши со победа 1 : 0 за градот и граѓаните.
Замислете ја таа победа пресметана во паркови како трофеи. На местото на секоја од горенаведените 12 депонии, познати како црни точки, би никнале исто толку паркови, со по минимум 500 дрвја во дрвореди, и детски игралишта, каде што, наместо смрдеа, чад и очај, ќе се гледаат живот, среќа и здрава иднина за сите нас.