По потпишувањето на македонско-грчката спогодба во Нивици, на 17 јуни 2018 година, несомнено е дека сите политички активности во Македонија (и на власта и на опозицијата, па и на дипломатските претставници во земјава) се насочени кон барање начин како одговорноста за одлуката да се претстави како „волја на народот“, но ако е можно да се избегне народот
Во медиумската врева што ја создаваат политичките елити во Македонија, додека всушност си „молчат за си ги видат намерите“ едни на други, најчесто се трошат зборови за убедување на граѓаните, дека останува на нив да ја донесат историската одлука. Се расфрлаат фрази и демагогии полни со термините „граѓани“ (се чини дека зборот „народ“ стана политички некоректен), „договор“, „иднина“… но во сета таа политичка слаткоречивост некако пресилно се чувствуваат премолчени скриени намери – дека народот, односно граѓаните треба да бидат искористени само како историско алиби за политичарите, кои веќе му (им) ја скроиле идентитетската судбина.
По потпишувањето на македонско-грчката спогодба во Нивици, на 17 јуни 2018 година, несомнено е дека сите политички активности во Македонија (и на власта и на опозицијата, па и на дипломатските претставници во земјава) се насочени кон барање начин како одговорноста за одлуката да се претстави како „волја на народот“, но ако е можно да се избегне народот. На прво читање, таквата опција звучи како теоретска задача за алхемичари, но со оглед на успешните примери за референдумски инженеринг во Македонија, никако не ја исклучува можноста „народната волја“ да биде употребена како совршено алиби.
Освен историските искуства, и тоа од блиското минато, за (зло)употреба на народната волја, сомнежот во искрените намери за да биде вистински испочитувана волјата на македонските граѓани се пронаоѓа уште во опционалноста на договорот од Нивици, каде што се вели дека „доколку втората страна се одлучи за референдум“, што би можело да значи дека и не мора да се одлучи.
Во меѓувреме, од потпишувањето на договорот (повеќе од три седмици), тој беше двапати изгласан во Собранието, претседателот Ѓорге Иванов се изјасни дека нема да го потпише Законот за негова ратификација…, но сите политички чинители во Македонија се обидуваат да избегнат конкретно изјаснување во врска со нивните референдумски намери. Власта вели дека опозицијата ја саботира референдумската опција, а опозицијата дека чека да види како ќе се развива процесот, па ќе види какви потези ќе повлече и благовремено ќе ја информира јавноста…. Највисоките претставници од Владата во македонските медиуми двосмислено одговараат на прашањето дали резултатите од референдумот ќе бидат консултативни или задолжително ќе се почитуваат, а во грчката јавност лицитираат со термини за одржување на референдумот…
При гласањето во Собранието за ратификација на договорот од Нивици, од единствениот пратеник што гласаше воздржано за негово прифаќање, Ферид Мухиќ, беше изнесен и ставот дека прашањето за името на државата не е нешто за што може да се одлучува на референдум и дека таквиот чин би значел „арчење на нешто што оваа генерација во Македонија не го спечалила“… Сепак, таквиот став се чини дека политичките елити го оквалификуваа како филозофски и го надминаа, па продолжија со своите прагматични комбинаторики за нивните политички интереси.
Во моменталната позиција на ставовите за референдумот, првата и основна дилема на политичките елити е дали тој треба да биде успешен и неуспешен. Во таква дилема, се размислува кој кого и како да надмудри. Опозицијата, пак, жонглира со моментот на цензусот – дали да обезбеди одѕив од 50 отсто од избирачкиот список, кој без нејзино учество и власта е свесна дека не може да го постигне. Очигледно е дека нема време за кампања за менување на уставните и законски одредби за намалување на цензусот, а и власта нема доволно собраниско мнозинство да спроведе такви измени… Во последниве денови, најактуелна пречка што создава неизвесност за спроведување на референдумот е изборот на членови на Државната изборна комисија, која би требало да го организира и спроведе референдумот. Иако Владата се однесуваше како прашањето на ДИК да е завршена работа, формирањето на изборната комисија дури сега влегува во лавиринтите на собраниските процедури, кои многу зависат од однесувањето и од „играта“ на опозицијата.
Но и покрај политичките игри, надмудрувања и партиски тактизирања околу референдумот, во македонската јавност постои некакво горчливо претчувство дека прифаќањето на сите одредби од грчко-македонскиот договор во Нивици е веќе свршен чин. Имено, по извештајот на посредникот Нимиц до кабинетот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, дека е потпишана спогодбата за надминување на спорот за името меѓу Грција (првата страна) и Македонија (втората страна), за Обединетите нации проблемот што се провлекуваше 27 години е затворен! Покрај сѐ, и доколку Македонија ги спроведе сите обврски од договорот, во име на членството во ЕУ и во НАТО, сепак останува ризикот (првата) грчката страна да се изјасни против спогодбата од Нивици. Целиот тој контекст го создава чувството дека референдумот за спогодбата од Нивици би бил само алиби за историските ризици во кој се впушти актуелната политичка елита во Македонија.