Кај нас како да стана практика наместо истражните органи, обвинителствата или судовите да обвинуваат и пресудуваат тоа да го прават партиите, кои најчесто и по правило криминалот го гледаат само во редовите на политичките противници. И додека на цел глас говорат политичарите, односно оние што тоа не им е работа ниту надлежност, молчат како риби токму оние што се платени да ја растераат маглата и да ја извадат правдината на виделина, односно судските органи
Една стара поговорка вели дека молчењето е злато! Иако „авторот“ на оваа поговорка никогаш не објаснил од каде го извлекол тој заклучок дека молчењето е злато, сепак кај обичниот народ ваквата поговорка е длабоко врежана во потсвеста, па добар дел од граѓаните најчесто истата таа ја применуваат во секојдневното свое однесување, па за многу работи молчат, или премолчуваат, па дури и тогаш кога знаат дека тоа не е така и кога би било пожелно своите ставови и „судови“ гласно да ги изнесат.
Но не секогаш молчењето е злато. Напротив, искуствата говорат дека токму поради молчењето на надлежните институции, многумина (не)повикани високо креваат глас и гласно зборуваат (читај обвинуваат) за многу работи. Најновиот пример со случајот со РЕК „Битола“ за наводниот „рекет “ од 250.000 евра најдобро го потврдува тоа. Иако тој случај датира од пред речиси три години, поточно од 2018 година и за истиот тој барем досега молчат лицата што, наводно, биле уценувани да платат 250.000 евра, како и Обвинителството за организиран криминал и надлежните истражни и судски институции. Затоа, пак, гласни се политичарите, при што деновиве секојдневно во јавноста сме сведоци на меѓупартиски пресметки и обвинувања. Опозицијата тврди дека во 2018 година сопствениците на една позната битолска фирма, која подолго време се занимава(ла) со ископ на јаловина во РЕК „Битола“, наводно, биле рекетирани од тогашното раководство да платат „рекет“ од 250.000 евра, или да се откажат од тендерот.
Таквите обвиненија енергично ги отфрла не само ексраководството на компанијата туку и претставници на власта, кои тврдат дека зад континуираните напади на опозициската партија кон РЕК „Битола“ се кријат лукративни причини и на економскиот оператор и на политичката партија. Во меѓувреме сите документи за овој, засега наводен, скандал се кај надлежните истражни органи и во компанијата и доколку се заинтересирани можат изворно да се информираат. Но кај нас како да стана практика наместо истражните органи, обвинителствата или судовите да обвинуваат и пресудуваат, тоа да го прават партиите, кои најчесто и по правило криминалот го гледаат само во редовите на политичките противници. Ваквиот „партиско-политички струен удар“, на кој сме сведоци деновиве не, е никакво изненадување за битолската јавност. Таа веќе „оглуви“ од таквите „куршлуси“, кои најчесто се јавуваат пред секои избори.
Тие што подолго време ги следат работите, барем кога е во прашање РЕК „Битола“, добро знаат дека оваа енергетска компанија е постојано на удар на политичките партии пред изборите. Во изминатите четири децении од работењето на РЕК „Битола“, пред секои избори, било тоа да се локални, парламентарни или претседателски буквално, нема директор што не бил ставен на тапет за злоупотреба на функцијата или за криминал. Но сите тие или не биле воопшто процесирани или биле ослободувани од обвиненија. Единствениот што неправосилно беше осуден, а подоцна со правосилна пресуда на Апелација ослободен од обвиненијата беше експратеникот и директор на РЕК „Битола“, Владо Сугаревски, кој подоцна наплати дебела отштета од државата.
Како ќе заврши последниот случај, кој деновиве е актуелен во јавноста, последниот збор ќе го кажат надлежните истражни и судски органи. Но клучното прашање и дилема што се наметнуваат и зошто досега никој ништо не презел, зошто требало да помине толку време, па некој сега да се сети да го извади случајот од фиока. Иако оттогаш измина доста време, Обвинителството за организиран криминал барем досега се нема изјаснето за овој наводен корупциски скандал. Којзнае уште колку други вакви или слични случаи чекаат во некоја фиока и демнат погоден момент кога ќе бидат обелоденети за нечија политичка полза. Таков вид правда, воопшто и не е правда. Судскиот систем не треба да функционира на туркање, со доцнење од по неколку години, или под политички притисок, туку треба да биде експедитивен, ефикасен, непристрасен и професионален. За ефикасно отворање и затворање на овој случај од страна на надлежните институции и државни органи се залагаат и тие што се „обвинети“ дека ја злоупотребиле својата функција или политичка моќ. Документацијата за случајот веќе одамна е кај Обвинителството. Истата таа е „архивирана“ и кај истражните и судските органи. Случајот со РЕК „Битола“ не е ни прв ни единствен кога станува збор за неефикасноста на истражните и судските органи. Би ни требало многу простор за да ги наброиме сите случаи во кои некои поединци или функционери биле обвинети или „осудени“ на партиски прес-конференции, а за тоа време истражните органи или Обвинителството воопшто да не се изјасниле.
Токму поради таквата „молчеливост“ и бавност во (не)реагирањето и (не)функционирањето на овие институции Македонија се наоѓа таму каде што се наоѓа, на самото дно во Европа, а државата ги трпи најголемите критики за состојбите во правосудството. Иако истражните и судски органи имаат право да дејствуваат дури и по допрен глас, тие во најголем број случаи не реагираат и молчат, со што оставаат за тоа време во јавноста да зборуваат партиите и да се шират шпекулациите. Таквата нивна „молчеливост“ многумина ја оценуваат како калкулирање со случаите и кокетирање со партиите. Во таква ситуација, кога молчат институциите, а зборуваат партиите, тие најчесто си ја остваруваат целта, која главно не им е да се расчисти со криминалот за кој говорат, туку да се расчисти теренот во дневнополитичката (пред)изборна борба.
Оттаму се чини крајно време е надлежните истражни, обвинителски и судски органи да се ослободат од нивната навика на молчење и да почнат не само да дејствуваат многу поефикасно и поенергично во справувањето со криминалот туку и да зборуваат ако не за нешто друго туку барем до каде се случаите и во која фаза е истрагата.
Со последните реформи во правосудството и овозможувањето на јавноста да влезе во судниците има напредок во македонското правосудство, но сепак тоа не е доволно. Јавноста би требало и во текот на истрагата да има некои сознанија за случаите што ја преокупираат јавноста. Со тоа би се спречиле партиско-политичките обвинувања и пресудувања за дневнополитички потреби.
Правниците рекле дека задоцнета правда е најголема неправда. А токму таквото молчеливо однесување на институциите на многумина им донесе многу неправда, а голема штета досега претрпи и државата, која се доведе во ситуација наместо судовите партиите да обвинуваат и да пресудуваат.