Иако Македонија веќе 30 години се труди да гради функционален систем и се стреми да биде дел од европското семејство на вредности, сепак, перцепцијата за тоа што значи да бидеш вработен во администрација останала на клатењето врата и загарантиран месечен буџет в џеб. Таквата филозофија на живот за сите овие години создаде општество на паразити, кои од избори до избори ја чекаат својата шанса, па лепењето плакати, и сега модерно политичко тролање по социјалните медиуми, во иднина да го заменат со кафе-муабет меѓу две клатења на вратите во администрацијата
Вработи се во државна администрација. Тоа е сигурна работа. Викендите ќе бидеш слободен, боледување можеш да земеш во секое време, ќе имаш загарантиран одмор. Сигурно досега сте добиле ваков совет од најблиските, но и од луѓето што веќе работат во администрација. Но кој е патот да се добие работа во државната администрација? Дали се доволни соодветното образование, претходното искуство во одредена област или, пак, имањето партиска книшка?
Во поранешниот социјалистички систем имаше една фраза што го опишуваше значењето да се вработиш во администрација: „Клати врата, земај плата!“
Но тоа е сосема спротивно од она што под администрација се подразбира во демократскиот систем на вредности, каде што капиталот, иновативноста, конкурентноста и бизнисот се носечка сила на развојот, а државната администрација е сервис на граѓаните.
Иако Македонија веќе 30 години се труди да гради ваков систем и се стреми да биде дел од европското семејство на вредности, сепак, перцепцијата за тоа што значи да бидеш вработен во администрација останала на клатењето врата и загарантиран месечен буџет в џеб. Таквата филозофија на живот за сите овие години создаде општество на паразити, кои од избори до избори ја чекаат својата шанса, па лепењето плакати, и сега модерно политичко „тролање“ по социјалните медиуми, во иднина да го заменат со кафе-муабет меѓу две клатења на вратите во администрацијата.
Тој политички процес, кој како троскот веќе 30 години се влече во Македонија, од администрацијата направи партиска војска за изборни гласови и бирократски бастион, кој не само што го кочи економскиот развој на државата туку и живее на грбот на граѓаните и стопанството. Далеку од тоа дека сѐ во администрацијата е гнило и без соодветни квалификации и знаења. Се разбира дека има таму и способен и едуциран кадар, кој, веројатно, не може да дојде до израз токму од политичките и партиски стеги.
Сите се согласни дека администрацијата има потреба од департизација, зголемување на нејзината ефикасност, намалување на големиот број вработени и бројот на институциите. Но она што за граѓаните е најважно, е да имаат брзи, ефикасни и квалитетни услуги. Зашто можеби најголем проблем во сегашната администрација е токму тоа што бројот на вработени не е распределен на соодветни места, односно има многу повеќе советници и членови на кабинети на директори и министри, отколку лица што директно се на услуга на граѓаните. Затоа не чудете се ако на шалтер чекате со часови.
Дали политичарите ќе останат доследни на предизборните ветувања? Зошто досега не се случиле реформите во администрацијата? Зошто ниту една владина гарнитура немала политичка волја за тоа?
Искуствата со изборните ветувања и со администрацијата го покажуваат спротивното. Односно, по секои избори, во секоја од годините на практикувањето на власта на владејачката партија, ни се случува обратното, зголемување на административците.
Доволно е да се видат официјалните податоци, според кои, во 2017 година имало 128.722 вработени во јавниот сектор, во 2018 година биле 132.068 лица, а во 2019 се 132.900. Истовремено, се зголемувал и бројот на државните институции, кој за три години пораснал за 25, од 1.299 на 1.324 институции.
Познато е дека токму пред почетокот на изборен процес во земјава се објавуваат стотици огласи за прием на нови вработени во државни служби.
Треба да се запре примањето во државни служби на партиски активисти што биле ангажирани во изборните кампањи и со тоа да им се плати и ангажманот во кампањата. За рамковните вработувања и да не говориме.
Односот и начинот на функционирање на администрацијата ќе мора да се модифицираат. Тоа е неизбежен процес, пред сѐ поради интеграцијата во Европската Унија, која се надеваме дека ќе ја почнеме. За ЕУ ни е потребна една поинаква администрација од онаа што сме навикнале да ја гледаме.
И процесот на интеграција ќе значи и нејзина реформа. Но сериозна држава и сериозни политичари не чекаат Брисел да го наложи тоа, затоа што тој процес ќе биде и поболен и поширок, особено ако дотогаш ние само ја зголемуваме администрацијата со нови и нови вработени.
Наместо парите за рамковни и партиски плати да ги трошиме секој ден сѐ повеќе, може да се искористат за развој на економијата.
А администрацијата конечно да почне да се реформира и да стане вистински сервис.
Прво ќе заштедиме пари, а второ време и енергија, ако почнеме сега и навреме да се фатиме со тој предизвик, наместо да ги чекаме насоките од ЕУ кога ќе ги почнеме преговорите.