Камикаѕе-возачи

Да обрнам внимание на уште еден феномен: „Возачка солидарност“ за предупредување на возилата од спротивен правец (со светење/блендирање со фаровите) дека полициската контрола е во близина… Ги предупредуваме ли со тој чин прекршителите на сообраќајните правила и прописи? Правиме добро или, напротив, ги „спасуваме“ од казна оние што редовно ги загрозуваат преостанатите учесници во сообраќајот и имаат потенцијал да направат штета, па дури и да „одземат“ човечки животи? Морален е или неморален тој чин на „возачка солидарност“?

Ако во нешто Скопје е прво далеку пред својата конкуренција, тогаш тоа е дефинитивно по бројот на санкционирани возачи за сторени сообраќајни прекршоци во Македонија. Да, статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека како што скопјани „милуваат“ да го кршат сообраќајниот закон, никој друг во земјава не го прави тоа толку често. И тоа е неоспорен факт, бидејќи статистиката лесно го утврдува тоа. Какви видови прекршоци? Па, паркира кој каде сака, полукружно врти кој каде ќе стигне, се вози во спротивни насоки, а филмот „Брзи и бесни“ дефинитивно може да се снима „во реално време“ низ нашите сообраќајници.
Тоа се, за жал, факти, но наедно тоа е една од работите во врвот на приоритетите што мора да се подобрат овој град, а надлежните и со превенција, а богами и со репресивни мерки брзо да дејствуваат. На пример, секојдневно сообраќајната полиција санкционира повеќе од сто возачи, најчесто за брзо возење, но и за некористење безбедносен појас, за зборување на мобилен телефон… Но чудно е дури од каде излегуваат толку возачи што воопшто не им е грижа не само за почитувањето на законот туку првенствено и за својата безбедност и сигурноста на учесниците во сообраќајот.
А сликата на терен е уште пострашна во оние моменти кога полицијата, од некоја друга причина или друга полициска поприоритетна задача, не е на локацијата каде што таа вообичаено контролира… По некое непишано правило, учесниците во сообраќајот токму таму, на тие локации си дозволуваат најмногу да не ги почитуваат сообраќајните правила и со своето однесување драстично да ги загрозуваат преостанатите учесници. Тие локации се и најчестите „црни точки“ на сообраќајни несреќи. Чаир, Бит-пазар, Цветан Димов, Христијан Тодоровски-Карпош, Партизанска, Словенечка, се само мал дел од улиците во Скопје, а голем пример за сето горенаведено.

Непочитувањето на пешачките премини е нешто што најмногу иритира кога сте пешак. Да чекате повеќе од десет минути за да преминете улица на која имате дозволено преминување е најиритантното нешто. Стари лица, мајки со мали деца, родители со бебиња во колички, повеќе и од десетина минути стојат и чекаат некој „да им се смилува“ за да ги пушти да ја преминат улицата. Па кога ќе им „зовре“, на свој ризик спуштаат нога од тротоар на улицата, со надеж дека некој сепак ќе ги забележи и ќе им даде предност за да преминат преку улицата. Уште пострашно е кога има семафори, а кога не им се почитува предноста да ја преминат улицата, па секогаш се појавува возач што „легнал“ на свирката за да предупреди дека нема во план да застане, а тука пешакот веќе се затрчал за да си го спаси сопствениот живот на пешачки премин, на кој му е дозволено да ја премине улицата.
Страшно е колкава нетрпеливост изобилува во сообраќајот. Станавме роботи и зад воланите, се вози механички, без вклучено внимание. Колкупати само сведочам за прекршување на семафорските знаци, не можам ниту да избројам. И кога некој што минува на црвено не го забележува тоа, а некој од другите возила што возат го предупредуваат со свиреж, возачот што не ја забележал бојата на семафорот крева раменици, блендира и се извинува, со израз на лицето „извинете, не забележав“.
Најстрашно е во сообраќајните шпицови, во време кога сите одат и доаѓаат од работа. Главоболка се добива само од многубројните свирежи на возачите, кои свират со надеж дека метежот ќе го снема.

Каде ни отидоа трпението и солидарноста? Не сме повеќе такви ниту во обичниот живот ниту пак во сообраќајот. Што ни се случува? Возила од приклучни, споредни улици чекаат долго време за да им се смилува некој и да ги пушти, камиони и автобуси заглавени среде крстосници само затоа што во метежот застанале среде крстосница на која веќе се пуштиле возилата од другите правци и никој не ги пропушта, во ниту еден случај. Тие имале зелено светло, тие имале предност…
Како што расте живата во термометарот и се движиме кон летниот период, уште толку поголема станува нетрпеливоста. Топлото ја создава и влијае дополнително на нервозата, која, пак, секој ја истура на соучесникот во сообраќајот. Колку пати само имате довикувања, пцовки, а неретко и удирање и излегување на возачите од возилата за физички да се пресметаат.
Не смееме да си дозволуваме вакви грешки, не смееме да бидеме причина за нечија смрт.
Правила постојат и мора да ги има, но мора и да се почитуваат и не само кога полицијата ни е пред носот.
А, еве, да обрнам внимание на уште еден феномен: „Возачка солидарност“ за предупредување на возилата од спротивен правец (со светење/блендирање со фаровите) дека полициската контрола е во близина… Ги предупредуваме ли со тој чин прекршителите на сообраќајните правила и прописи? Правиме добро или, напротив, ги „спасуваме“ од казна оние што редовно ги загрозуваат преостанатите учесници во сообраќајот и имаат потенцијал да направат штета, па дури и да „одземат“ човечки животи? Морален е или неморален тој чин на „возачка солидарност“?
Словенечка е една од сообраќајниците каде што најчесто е присутна сообраќајната полиција, бидејќи на оваа локација голем е бројот на трки што нелегално се организираат.

Па, секогаш ќе се најде „солидарен“ возач да ги предупреди сите оние што минуваат од спротивната лента дека има полиција со двојно блендирање. Но дали вреди да се предупреди некој што подоцна може „да убие“ некого, можеби некој ваш роднина, дете или познаник? Дилемата е баш легитимна за дебата и вреди подлабоко да се размисли за ова.
Па, следниот пат кога ќе влезете во автомобилот да управувате со него зад воланот, добро размислете за последиците што можете да ги предизвикате исклучиво и само од вашиот начин на однесување во сообраќајот. Вашето зборување на телефон, непропуштањето пешак, пребрзото возење, за момент може да се претвори во кошмар.

[email protected]