Зошто да не може ученик со една или две четворки да се запише во училиштето што го сака? Зошто четворките да се пречка за тоа? Зошто системот не овозможува да им се даде шанса и на тие ученици, независно за кое училиште за средно образование се работи? Неопходно е нешто да се менува во овој дел и да им се даде шанса на негенијалните одлични ученици, затоа што четворките не се знак на неуспех, тие не се никаква потврда дека тие ученици во саканото училиште нема да го искористат потенцијалот што го имаат
Половина од деветтоодделенците во една паралелка во едно основно училиште во Карпош, годинава беа скроз одлични, а другата половина беа со понекоја четворка. Тројки немало во триесетте свидетелства што им биле поделени на децата. Сличен случај и во друго училиште во одделенска настава – половина од петтоодделенците со петки по сите предмети, другата половина со понекоја четворка. Тројки, нема. Според ваквиот епилог на крајот на учебната година, нашиот образовен систем или произведува вистински генијалци или, пак, бројчаните оценки 3 и 2 повеќе не постојат како опција со која се вреднува знаењето на учениците, во согласност со стандардите за наставните премети воспоставени од институциите. Друго логично објаснување, нема.
Петка. Што значи тоа? Критериумите наведени на веб-страницата на Бирото за образование и наука велат вака: „со петка се оценува ученикот кога неговите знаења се над 90 отсто од содржините од наставната програма на ниво на запомнување, репродуцирање, сфаќање и разбирање. Ученикот може да ги применува знаењата за решавање задачи, со познати и нови елементи. Исто така, ученикот може да средува, комбинира елементи во нови цели и да покажува способност за вреднување оправданост или научност на некое тврдење или дело.“ Според вреднуваното во свидетелствата, можеме да заклучиме дека речиси сите деветтоодделенци ни се генијалци. И тоа е апсурдно ако се земат предвид алармирањата на професорите, кои постојано предупредуваат дека системот произведува сѐ понеписмени и послаби генерации во секој поглед.
Производството на армија петкаши создава и друг проблем. Во последниве неколку години се случува основци со по една-две четворки да не можат да се запишат во скопска гимназија оти, нели, таму сите што конкурираат се со сите петки, од првиот предмет до последниот. Во гимназијата „Орце Николов“ имало случај кога ученичка била одбиена затоа што имала добиено една четворка од екстерното тестирање. Ниту за солидните ученици повеќе нема место во гимназиите. А зошто да не може ученик да се запише во училиштето што го сака? Зошто четворките да се пречка за тоа? Зошто системот не овозможува да им се даде шанса и на тие ученици, независно за кое училиште за средно образование се работи? Неопходно е нешто да се менува во овој дел и да им се даде шанса на негенијалните одлични ученици, затоа што едноставно четворките не се знак на неуспех, тие не се никаква потврда дека тие ученици во саканото училиште нема да го искористат потенцијалот што го имаат.
Кога постоеше екстерното тестирање, малку од малку се прекина традицијата на подарување оценки оти наставниците се исплашија од казните, но откако беше укинато тоа, сѐ се врати на старо. Во Министерството за образование и наука ветуваа дека ќе се најде нов начин на проверка на објективноста на оценувањето на наставниците, но засега нема ништо конкретно во тој дел. А повеќе од неопходно е да се работи на такво нешто, бидејќи, едноставно, работите не може да останат вакви какви што се.
Да не одиме подалеку. Кога станува збор за постигањата на учениците, нема причина да не се погледне хрватскиот модел на образование. Хрватските власти пред неколку години започнаа реформа што предвидуваше општиот успех на учениците да биде составен од повеќе компетенции. Реформското тело за вреднување на образованието составено од експерти постави неколку главни елементи што се клучни – самостојност, одговорност, самоиницијативност, комуникација и соработка. Тие елементи што секој ученик ги добива по секој предмет, имаат улога и при уписот во средно училиште. Општиот успех, според хрватските експерти, е мера од некаков хипотетски просек на ученикот во кој се содржат оценките по математика, историја, а тоа не говори апсолутно за ученикот.
И навистина е така. Поради тој општ успех, родителите создаваат силен притисок на наставниците, зашто ученикот на крајот мора да има повисоки оценки. Сега веќе таков општ успех не постои, туку само заклучени оценки по секој предмет поединечно. Во Хрватска, по новиот модел на оценување, сите ученици се изземени и од неправедна селекција при упис во средно. На оној кому не му одело музичко, а бил одличен по математика, му било оневозможено да се запише во математичка гимназија поради слабата оценка по музичко, која му го руши општиот успех. Сега, откако општ успех не постои, таквата практика е минато.
Средното образование во Македонија е посебна приказна. И таму се неопходни промени во практиката. Стопанството, заеднички со државата и училишниот менаџмент, мора поактивно да работи на привлекување ученици и промоција на стручните училишта, затоа што пазарот на труд не сака гимназијалци. Одличен конкретен пример за такво нешто е соработката на ЕВН со средното училиште „Михајло Пупин“. Учениците што се запишуваат таму, според договорот, имаат комбинација од теорија и практика, часовите за практична настава ги следат на терен, под менторство на професионалци од компанијата. На крајот од образованието имаат можност да работат во ЕВН и да добиваат плата од 20.000 денари месечно. Ваквите чекори се доволен стимул за младите да се насочат токму онаму каде што е потребно. Ваквиот начин на дуално образование е потребно системски да биде воспоставен.