Донесената резолуција во Собранието, секако, претставува исчекор од досегашната политика на попустливост на македонската страна спрема сите што ја уценуваа. Сега останува предизвикот таа целосно да се почитува и применува во практика (во претстојните преговори за членство во ЕУ) и да не се потклекне под чии било евентуални притисоци, како што се случуваше често во минатото
Можеби не звучи како голема мудрост, ниту, пак, е искажана од интелектуалец од светски калибар, но, секако, личи на мисла што веројатно секому од нас му минува спонтано кога ќе се соочи со дискрепанцата на правилата од доброто воспитување, почитувањето на законите, цивилизираното однесување спрема блиските и непознатите… и нивната примена во секојдневниот живот. Таквиот процес на соочување со животот во реалноста, американскиот легендарен бејзбол-играч Јоги Бера го сведува на заклучокот: „Теориски, нема разлика меѓу теоријата и практиката. Но во практиката – има!“
Балансирањето меѓу теоријата и практиката е социјална вештина, која се стекнува со искуство и образование, а пожелно е да се стекне колку што е можно порано во животот, за да се избегнат стапиците на наивноста. Навистина, понекогаш дури и кога се согледуваат таквите стапици на (дис)балансот се чини дека прагматичниот излез од ситуацијата е да ѝ се попушти на реалноста, да се отстапи од сопствениот интегритет за да се постигне целта. Но тогаш принципите на теоријата настапуваат во практика. Тоа значи дека ако од практично-прагматични причини се откажеш од себеси, од атрибутите на своето постоење – ни теоријата нема да се занимава со тебе и нејзините правила и принципи едноставно се неприменливи за твоето (не)постоење. Ако се согласиш да те нема во минатото и сегашноста, не надевај се дека ќе те споменуваат во иднината!
Секако, изгледа напорно и заморно секој ден да се започнува со свеста дека треба постојано да се заслужува среќата на сопственото постоење. Уште потешко е кога ќе се разбере дека твојата среќа воопшто не е во интерес на нечија туѓа среќа и дека, сепак, сам треба да се избориш за неа. Но предизвикот на животот и поуката на историјата се дека самиот треба да си ја кроиш среќата, без да се изгубиш патем.
Националните празници, дури и кога првичната радост за нив се сведува на слободни денови од работните обврски, наведуваат на издигнување на размислувањата за личното балансирање со принципите на теоријата и практиката, како и потрагата по патот на личната среќа, во димензија на идентификација со националното постоење, како дел од сопствената личност. Колку и да сме индивидуалци, независни во духот, размислувањата и сопствената егзистенција, неизбежно се соочуваме со реалноста дека во многу голема мера сме тоа што сме, такви какви што сме, токму поради што сме (од) таму каде што сме и сме дел од народот на кој му припаѓаме. Нашата лична среќа е невидливо но нераскинливо поврзана со среќата на народот и земјата на која ѝ припаѓаме, нашите лични приказни го содржат нуклеусот на колективната народна меморија, нашата иднина (судбина), дури и да сакаме да избегаме од неа, поврзана е и теориски и практично со минатото и иднината на парчето од судбината на светот што го живеел народот на оваа почва. Не е ниту фаталистички ниту националистички соочувањето со фактот дека му припаѓаш на еден народ, кој колку што можел и како што знаел и умеел успеал да остави длабоки траги низ времето од сопственото постоење, да создаде приказни на свој јазик различен од сите што се говорат на планетава (па и од нему сличните) и да се нарекува како што другите не сакаат да го нарекуваат.
Воопшто не е спротивно на никакви цивилизациски вредности (дури и кога се нарекуваат европски), ниту некосмополитски, ниту загрозувачки за кого било, да се нарекуваш Македонец(ка) и да сакаш така да те нарекуваат, дури и кога ќе ти го сменат името на државата. И не е само поради формулациите од Повелбата на Обединетите нации за правото за самоопределување и самоименување, и не е само ни до заветот на предците и долгот спрема идните генерации… да се биде Македонец е природно, суштинско, вродено право на секој што така се чувствува, како правото на живот, кое не смее да биде ограничено и условувано дури ни со (вистинити или лажни, сеедно) ветувања за посреќна иднина.
Секако, ваквите „теоретски“ размислувања за правото на самоименување и самоидентификување последниве години се во директен судир со (гео)политичка практика во случајот на Македонија. Наместо принципиелно придржување со цивилизациските принципи и меѓународното право, соседните земји и меѓународната заедница со „практично-прагматични“ методи од Македонија изнудија согласност за самооткажување од правото на сопствено постоење во минатото и во иднината. Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, изгласана на 29 јули, во македонското собрание (неколку дена пред 118-годишнината од првиот Илинден, т.е. Крушевското востание, и 77 години по АСНОМ), со мнозинство што дава кредибилитет на консензус, дава надеж за запирање на спиралата на национално идентитетско разградување. Овој документ и официјално ја обврзува Владата во преговорите со Бугарија за надминување на блокадата за почеток на пристапните преговори со ЕУ да го почитува континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.
Оваа собраниска резолуција се наметна како потреба за политичко дефинирање на позициите на македонската држава, по сите блокади и условувања што ги добива земјата во процесот на евроинтеграциите, а особено по Декларацијата на бугарското собрание за преговорите на ЕУ со Македонија од 2019 година. Декларацијата на бугарското собрание, која е своевидна листа на услови и уцени за Македонија, зашто, според Бугарија, „поддршката за европска интеграција не смее да биде на штета на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личности од бугарската историја“, стана клучен документ на кој се повикуваат бугарските политичари при секое блокирање за почеток на македонските преговори за членство во ЕУ.
Резолуцијата, секако, претставува исчекор од досегашната политика на попустливост на македонската страна спрема сите што ја уценуваа со нејзините аспирации за членство во ЕУ. Сепак, тоа е само теориски исчекор! Од предизвикот да се почитува и применува во практика Резолуцијата (во претстојните преговори за членство во ЕУ), и понатаму зависи опстојувањето на македонскиот идентитет. И иднината и минатото еднакво обврзуваат!