Не. Тоа не оди така! „Историјата е мајка на знаењето.“ „Историјата е учителка на
животот…“ Тоа е точната изрека. Но историјата е вистинска мајка и учителка тогаш кога се заснова на вистински утврдени настани, личности, точни извори и факти, а не на интерпретации, толкувања и присвојувања од страна на посилните. А што е тоа општа, што е заедничка, што е споделена историја? И дали националните истории може да бидат заеднички (?!) или, пак, заеднички може да бидат историски периоди во кои постои испреплетување на владеења и управувања на одредени територии пред формирањето на нациите? Ова се сериозни прашања, за кои не може да постои импровизација, туку мора да бидат јасно прецизирани од научната фела.
Импровизациите и слободните толкувања на политичарите или оние што имаат такви сомнителни амбиции произведуваат интерпретации што може да имаат стратегиски последици, ако сето тоа не е темелено на научна основа и историски фактографии
„Историјата е мајка на знаењето.“ „Историјата е учителка на животот.“ Тоа се изреки што може да се најдат во сите учебници од светот. Но, од друга страна, постои изреката и дека „историјата си ја пишуваат посилните“! И оваа последна изрека во последно време се доближи многу повеќе до луѓето. Имено, интерпретaцијата на историјата од страна на посилниот стана моќно оружје, со кое цели народи се избришани од историската сцена, а некои нации и народи се на тапет да бидат избришани. Затоа, историјата е премногу сериозна, за да им биде оставена само на „силните“ политичари, кои од позиција на сила прават чуда (во содејство со своите контрапунктови од послабите земји). Иако самиот поим историја означува нешто лесно, прозаично, и значи „расказ“, сепак во основа историјата е фактографија, пред сѐ, на важни воени и владејачки периоди. Ако низ ваков калеидоскоп се гледа на историјата, тогаш во секоја напишана историја има и романтизам и глорификација и воспевање на сопствениот идентитет од оној што ја пишувал.
Првиот човек на Министерството за надворешни работи, Бујар Османи, во јавноста дебатираше за интенцијата за Договорот за добрососедство со соседна Бугарија. Посочи дека „во Договорот за добрососедство е направен компромис во делот заедничка историја“ (?!), односно вели дека во Договорот, членот 8 предвидува „заедничка историја“, тоа значи да се формира комисија за историја што „врз основа на историските факти ќе најде заеднички решенија во делот на заедничката историја“ (!?).
Според него, имаме дилеми во интерпретацијата дали „заедничката историја е иста историја или заедничка историја“. Сепак, тој смета дека „тоа е добра основа за да одиме напред заедно“.
Е, не е баш така!
Дали некој знае што е општа, што е заедничка, што е споделена историја? Дали националните истории може да бидат заеднички или, пак, заеднички може да бидат историски периоди во кои постои испреплетување на живеења, владеења и управувања пред формирањето на нациите? Последново е суштински битно: Пред формирањето на нациите! Ова се сериозни прашања, за кои не може да постои политичка импровизација, туку мора да бидат јасно опишани, дефинирани и искажани од научната фела.
Импровизациите и слободните толкувања произведуваат интерпретации што може да имаат стратегиски последици ако нештата не се темелени на научна основа и историски фактографии.
Дали настанот што од 26 до 28 мај ќе се случува во Рим, каде што Македонија и Бугарија заеднички ќе им оддадат почит на светите Кирил и Методиј за нивното сесловенско дело, кое претставува универзална општочовечка вредност, со која денес се гордее цела Европа, е мисија за демонстрација на заедничко чествување општочовечки и универзални вредности за човештвото или поширокиот регион уште пред да се диференцираат националните супстрати или ова е некаква политичка мисија за докажување дека постои т.н. „заедничка историја“?! Оваа дилема, всушност, има суштинска основа за двоумењето (читај: политикантските калкулации)!
Заедничкото чествување на светите Кирил и Методиј се случува во период на заладени македонско-бугарски односи, како последица на замрзнатата евроинтеграција на Македонија поради бугарската блокада. Историските прашања со месеци ги кршат копјата меѓу историчарите (некои од нив длабоко индоктринирани) на двете земји, кои не успеаја да најдат решение за повеќе спорни точки.
Изминативе години постојано се зборува за заедничка историја и за заеднички чествувања, но историчарите и познавачите на проблематиката велат дека тоа се две тотално различни работи, кои не треба да се поистоветуваат. Заеднички може да бидат чествувани настани и личности кога тие имаат универзална вредност, во периодот пред диференцирањето на нациите, како што е примерот со светите Кирил и Методиј.
Што е тогаш заедничка историја?
Правилната формулација, според историчарите, треба да се гледа исто така низ поширок временски контекст. Многу полесно може да се зборува за заеднички делови од историјата во периодите пред диференцирањето на нациите.
Тоа, според нив, се историски периоди кога луѓето честопати биле под големи империски владеења, кои ја граделе таквата заедничка историја, а и кога националните будења и етничките раслојувања не биле започнати или развиени.
Во светската историографија постојат национални и општи цивилизациски историски периоди. Секоја нација од нејзиното оформување гради своја национална историја. Во таа историја може да постојат настани и личности што ќе остават белег во светската историја, но во основа националните истории се развиваат со развојот на нациите. Тука заедничка историја со некого не може да има, затоа што таа историја е национална и е врзана за самобитноста, посебноста и идентитетскиот карактер на таа нација.
Светската цивилизациска историја е историографија на периоди пред создавањето на нациите. Тоа се историски настани и личности што може да имаат многу поширок контекст од националниот и многу нации може да се поистоветуваат, или повикуваат на тие историски периоди. Тоа, главно, се настани и личности од владеењето на империите и таквите истории, или историски настани и личности може да имаат третман на заедничка историја. Светите Кирил и Методиј се таков пример, кој денес е дел од заедничката историја на сите словенски народи, но и на цела Европа. Византискиот император Константин Велики може да има таков карактер за дел од заедничката историја на сите христијански нации, пред сѐ поради неговото дело за признавање на христијанството. Има мноштво такви примери, но уште посвежи се примерите од поновата историја. Токму од периодот на формирање и диференцирање на националните супстрати во нации, односно народи.
Е тука, за жал на некои „поголеми и посилни“, ние немаме со никого т.н. „заедничка историја“. И колку некој и да се напрега да сподели нешто. На пример, со источниот сосед немаме ама баш ништо заедничко од поновата историја. Тука дури имаме и живи извори и сведоштва. За пишаните документи и артефакти да не зборуваме. Ние со нив сме биле на различната страница на историјата. Тоа е неоспорен факт!
А ако е за импровизации и толкувања, според нив ќе излезе дека ние Македонците сме го поддржале тројниот пакт, ние сме се самоубивале, мачеле и себестрелале, ние самите сме се поробувале, ние сме ги поддржале Хитлер и фашизмот. Тоа не е така и тоа сите многу добро го знаат тоа! И институциите на ЕУ!
А за историската оцена дали некој е дел или не од некаква „заедничка историја“, клучен елемент нека има неговото дело. Националната припадност или етничката определба како критериум не доаѓа предвид да се земат во обѕир, бидејќи во времето на светите браќа, ниту за времето на цар Самуил, нациите и народите ниту биле формирани, ниту националните супстрати биле во зачеток. Така што, соседи наши мили, одлепете ги етикетите „маде ин Бугарија“ на сето она што длабоко си знаете дека не е ваше. Имате запишано во документите што ги имате и во вашите архиви. Отворете ги и прочитајте, ако не ги криете!