Значи навистина странците имаат многу голем апетит. Претходниот премиер доброволно се повлече среде мандат за да им ги задоволи барањата на странците и го замени технички вршител на должноста, а, пак, сегашниот премиер нуди повлекување, демек да „го казни“ Брисел за неисполнетите ветувања. Но во суштина секогаш страдаат граѓаните. И економијата, без која, пак, нема живот
Кумановци имаат една своја оригинална изрека – „дошја нож до коску“. Некако ми се чини дека токму оваа изрека најсликовито ја опишува состојбата во и околу Македонија деновиве. Или можеби вештачки се создава привид дека е така. Секако, тука се најгласни реакциите и одгласите околу очекуваното добивањето или недобивање датум за преговори со Европската Унија. Не е само разногласие дома, туку поради Македонија се раскараа и Германците, Французите, Американците. За Грција и да не говорам.
Па, така, директно од Бундестагот слушнавме сомневања дека партијата на Меркел чека да се смени Владата во Грција за повторно да ѝ се блокира патот на Македонија кон ЕУ. Од германскиот Бундестаг слушаме дека Македонија не го сменила името само за НАТО, туку со надеж дека ќе напредува и кон ЕУ. Од вчера во оптек е и своевиден нон пејпер со кој 13 земји-членки на ЕУ бараат доделување датум за преговори веднаш за Македонија.
Во вакви околности на неизвесност, поттикнување нови предвремени избори, ширење теории на заговор и опструкции од најразличен вид, најранливи и најчувствителни се економијата и растот на бруто-домашниот производ. Како и многупати во минатото, и овој пат македонската економија може да биде најголема жртва и колатерална штета на политичките игри и тактики на Западот.
Премиерот, на пример, јавно предупреди дека ќе го врати мандатот доколку Брисел и овој пат нѐ изневери и не добиеме датум за преговори. Дали станува збор за шаховски цунг-цванг (изнудување реакција од соперникот) или сериозна намера ќе покаже времето, но вистинското прашање е кому навистина му е потребно ново статус кво? А враќањето на мандатот или нови вонредни избори апсолутно носат токму статус кво, стагнација, дури и уназадување за граѓаните. Па зарем заборавивме да учиме од досегашната понова историја? Пред, за време и по изборите сѐ застанува, а башка што се енормен трошок, а никакво решение. Принципиелно кажано и без партиско-политички мотиви, сецкањето на мандатот на никоја владејачка гарнитура не дозволува завршување и реализација на планираните економски програми. Како тогаш граѓаните да бараат одговорност, да казнуваат или да наградуваат (на избори?!). Опозицијата ја продолжува старата опозициска тактика на чекање во заседа, без да се впушта или презема какви било политички ризици врз себе. И одново се бара техничка влада, нови избори. СЈО не е ниту на небо, ниту на земја. Не знае од каде се новите бомби, ниту како да ги спречи. Едноставно СЈО не сака да се меша во својата работа, но сака нов мандат и нови зголемени ингеренции. Сѐ уште нема никакви официјални информации ниту за мистериозното исчезнување на поранешниот премиер, ниту за тоа како осомничен бизнисмен добил пасош и отпатувал во странство. За сево ова истрагата е во тек.
Во меѓувреме политичката јавност се замајува со претпоставката за евентуална реконструкција на Владата, која и не мора да се случи бидејќи и тоа сега е поврзано со датумот. А колку тој фамозен датум е важен покажува и изјавата на премиерот кога вели дека е подготвен да менува две Нобелови награди за добивање датум. Великодушна и дарежлива понуда, како чин на жртвување за државата, зарем не?! Само што ваквата размена на прв поглед изгледа како политички утопизам, бидејќи ниту Нобеловата награда е сигурна и извесна, ниту датумот е загарантиран и доделен. Принципот е јас тебе ова ти мене тоа, иако од сето тоа на крајот може да не испадне и ништо. Или можеби Нобеловата награда е однапред договорена и доделена, само ние сѐ уште не знаеме за тоа. Зборот ми е дека трговијата е одамна влезена во глобалната политика без разлика на цената што се плаќа за тоа, и секојпат паѓа врз грбот на граѓаните и стопанството.
Стравувањата дека Македонија може да извиси околу датумот за ЕУ, по сите отстапки што ги направи болат до коска. Затоа е присутно и чувството на разочараност дека некој нѐ изиграл. Дека Европа не ги исполнила нашите очекувања, иако ние сме жртвувале буквално сѐ. Сега последно што остана е мандатот. Треба и тој да се жртвува за да ѝ се докаже на Европа дека е неправедна кон Македонија?!
И лека-полека доаѓаме до клучната теза. Каде се граѓаните во целата оваа приказна. Го слуша ли некој нивниот глас. Што ќе се случува со економијата, производството, стопанството, земјоделството, вработувањата, социјалниот стандард, животот, растот… Како економијата да застане на здрави нозе, ако сѐ пофреквентно циклично на одредени (се пократки) временски интервали постојано запаѓаме во нови изборни (непотребни) циклуси, односно автохтони ендемски изборно индуцирани стагнации?! Кризи, кои било да се предизвикани однадвор или однатре, најмногу ги погодуваат граѓаните и стопанството.
Стравувањата дека Македонија може да извиси околу датумот за ЕУ, по сите отстапки што ги направи, болат до коска. Затоа е присутно и чувството на разочараност дека некој нѐ изиграл. Дека Европа не ги исполнила нашите очекувања, иако ние сме жртвувале буквално сѐ. Сега последно што остана е мандатот?! Треба ли и тој да се жртвува за да ѝ се докаже на Европа дека е неправедна кон Македонија
Притоа суштинско прашање е и од кого го добиваат и црпат легитимитетот власта и опозицијата за да можат да го жртвуваат и ставаат пред олтарот на Европа. И кога веќе употребив црковен симбол, како олтар, прашањето ми е пред кого се крстат и полагаат сметка македонските политичари – пред граѓаните или пред странците. Секако дека Македонија не е изолиран остров и дека во многу нешта работите зависат од меѓународната заедница, глобалните политички случувања и добрите релации со стратегиските земји и пријатели.
Но тоа никако не значи и одрекување од сопствена државна политика, сопствена економска стратегија, ориентирана на високи стапки на раст на БДП, пораст на вработеноста, штитење на националните интереси на сопствените граѓани, а токму споменатите параметри се чини дека недостигаа изминативе години и декади на домашната политичка сцена. Затоа и во минатото и сега постојано се чувствуваме изиграни и обесправени.
Од причини што потезите и политиките се кројат и адаптираат да му се допаднат пред сѐ на надворешниот фактор, отколку на сопствените граѓани.
Претходниот премиер доброволно се повлече среде мандат за да им ги задоволи барањата на странците и го замени технички вршител на должноста, сегашниот премиер нуди повлекување демек да „го казни“ Брисел за неисполнетите ветувања. Во суштина секогаш страдаат граѓаните. И економијата, без која, пак, нема живот. Потезите на власта и на опозицијата (сегашна и поранешна) ги осмислуваат самите тие и нивните добро платeни многубројни советници и тоа воопшто не ме интересира. Моите аргументи се свртени кон граѓаните, јавниот интерес и можните последици врз економијата.
Во таа насока, се разбира дека враќањето на мандатот на граѓаните е висок демократски чин, но само доколку не е изнуден од никого, а најмалку да е по желба или заради задоволување туѓи интереси и потреби, а на штета на сопствените граѓани и држава. Зашто тоа ќе демонстрира дека за ваквите политичари поважно е однесувањето на надворешниот фактор отколку очекувањата на сопствените граѓани.
Мандатот го даваат и го одземаат македонските граѓани на избори и тоа не треба да зависи од добрата волја на Меркел, Макрон… или кој било друг. Ако зависи од нив, тогаш тоа покажува дека не сме држава во вистинска смисла на зборот. Или поточно дека кормилото сме им го препуштиле на погрешни луѓе.