Последните денови сме сведоци на ново продолжение од серијалот за новото „читање“ и прочистување на историјата на Балканот. Но овој пат тоа се прави со намера одредени нации да се стекнат со авторското право за толкување и поимање на настаните од блиското и од подалечното минато на заедничкиот балкански простор
Многупати досега е пишувано за вродената навика на балканските народи да зборуваат за минатото и за важни историски настани и личности. Потребата да се враќаат на приказните, кои биле создавани многу години пред нас, се јавува со одредена временска динамика. Вообичаено е тоа да се прави пред избори, кога на политичарите „загрижени“ за зачувување на националниот код, им се јавува желбата за откривање и зачувување на историските вистини. Во таква предизборна атмосфера и заострени меѓуетнички односи доаѓаат до израз дежурните „бранители“ на националната кауза. Последните денови сме сведоци на ново продолжение од серијалот за новото „читање“ и прочистување на историјата на Балканот. Но овој пат тоа се прави со намера одредени нации да се стекнат со авторското право за толкување и поимање на настаните од блиското и од подалечното минато на заедничкиот балкански простор.
Само изминатава недела медиумите од регионот пишуваа за голем број настани што се однесуваа на користењето теми и мотиви од историјата, а кои дополнително ги разгореа националните чувства кај припадниците од различни етнички заедници и од различни политички групации. Во Бугарија во тек е пишувањето нови учебници по историја во кои ќе се расветли периодот на владеењето на Комунистичката партија. Хрватскиот суд во Сплит, во пресрет на новите претседателски избори, ја донесе првата судска пресуда со која беше казнет пејачот што на јавен настап ја испеал песната во која се споменува и поздравот „За дом спремни“, кој се користел за време на НДХ. Црногорските власти предупредија дека ќе се санкционира секој што ќе пее дека „Србија не е мала и има море“… Вакви примери има уште многу. Но се чини најапсурдниот беше бришењето со брусилка на симболот на сонцето од Вергина од капаците на шахтите од општинските водоводни мрежи во Македонија.
Основниот мотив по кој се раководат модерните „историчари“ се состои во тоа дека ако не може на сопствениот народ да му се понудат убава сегашност и светла иднина, најлесно е да му се понуди минатото. Притоа, се занемаруваат и се забошотуваат фактите за времето во кое живееме сите на Балканот. Податоците за масовниот егзодус на луѓето од овие простори се загрижувачки
Толкувањето на настаните што се случувале на просторот на балканските земји секогаш предизвикувало високо внимание, поради начинот на кој се прикажувале и, најважното, како се пренесувале одредени факти од минатото. Познато е дека меѓу сите народите на Балканот постојат различни дури и спротивставени ставови за тоа што се случувало во подалечното минато. Секоја страна во учебниците по национална историја се обидувала да ги истакне историската улога, потеклото и значење на сопствената нација. Речиси без исклучок тоа е правено со величање на нивните личности од минатото, а најчесто на штета или со отворена негација на припадниците на другите народи. Со последните случувања во балканските земји се потврдува фактот дека меѓу припадниците на различните нации постојат големи разлики во начинот на кој се поима истакнувањето на националните обележја и чувства. Ако за едни некој настан или мотив претставува дел од сопствената историја, за други тоа предизвикува навреда и закана. Загрижува тоа што отсуствува свеста кај двете страни за тоа кои се начинот, времето и местото кога може да се користат национални симболи или обележја од минатото или фолклорни мотиви, а тие да не раздвојуваат туку да обединуваат.
Ова е само продолжување на старата балканска приказна за тоа историјата да ја гледаат исклучиво низ сопствените национални (и националистички) очила.
За пишување на новата балканска историја загрижува еден непобитен факт дека повеќе зборуваат политичарите, а многу помалку или никако не го прават тоа историчарите. Основниот мотив по кој се раководат модерните „историчари“ се состои во тоа дека ако не може на сопствениот народ да му се понудат убава сегашност и светла иднина, најлесно е да му се понуди минатото. Притоа, се занемаруваат и се забошотуваат фактите за времето во кое живееме сите на Балканот. Податоците за масовниот егзодус на луѓето од овие простори се загрижувачки. Само за една година во западноевропските земји се иселиле над 220 илјади лица, или тоа е околу два отсто од населението за секоја земја поединечно. Тоа е вистинската слика за економската состојба во која се сите балкански народи, која за две или три децении ќе биде минато, а кој ќе биде означен како најцрн период за масовното иселување. Наместо да зборуваат за тоа кои нови вредности ќе се понудат во светот, политичките водства се преокупирани со минатото и се обидуваат да ја ревидираат, релативизираат и присвојат историјата на заедничкиот балкански простор. Колку им значи тоа на младите генерации покажуваат истражувањата во Србија, земја што е полна со историја, водачи и споменици од многу војни, во кои над 60 отсто се изјасниле дека ќе ја напуштат нивната земја во потрага на подобра иднина. Сликата не е поразлична и во другите земји во кои со владеењето на политичко-криминалните структури се обидуваат да ја покријат со „избрусена“ историја.